Во бугарската отворена експанзија за ново администрирање во (со) Македонија, освен официјалните политичари на Бугарија, разбудени се и внатремакедонските поддржувачи на бугарскиот поход за освојување на македонската територија и присвојување на македонскиот народ во нејзините братски прегратки скратени со Берлинскиот договор од крајот на 19 век. По долга заспаност и историска хибернација, благодарение на македонската политика на мек стомак и анархична демократија, тие сили внесуваат нови небулози со кои ги поматуваат фактите и вистините од подалечното и од блиското минато. Им се погоди анационалната влада на Зоран Заев, со чија помош прашањето за идентитетот на македонскиот народ, неговиот јазик и писмо е вратено еден век назад. Таквата политика придонесе да кренат глава отпадоците од поразените сили на фашизмот и нацизмот во Втората светска војна и нивните наследници, собрани главно околу формациите што се идентификуваат со име македонски Бугари или бугарски Македонци.
Веќе подолго време се извртуваат вистини, се шират лаги на социјалните мрежи и во одделни медиуми блиски со актуелната бугарска политика, решена по мирен пат да го оствари сонот за припојување на Македонија, како крајна цел. Настојувајќи да ги заборават, оправдаат или избришат злоделата извршени во неколку историски периоди, во две балкански и во две светски војни, бугароманските елементи безобѕирно ја фалсификуваат историјата, изнесуваат лаги од невидени размери. Од влакното прават ортома, од ортомата влакно. Трн во око им се и првите години од рамноправното здружување на македонскиот народ со другите југословенски народи во Титова Југославија, период во кој Македонија ги доживеа своите златни децении на напредок и развој.
Една од таквите големи лаги, за која ќе се покаже дека е со кратки нозе, се разнесува овие денови. Според пишувања на некои од порталите, „за време на југословенските репресии во 1945 година, само во Охридско и во Преспанско биле убиени околу 23.000 Македонци, а дополнително уште околу 130.000 биле иселени, прогонувани и испраќани во концентрационите логори на Титова Југославија. Голем број се убиени крај Охридско и Преспанско Езеро, на планината Галичица, во близината на селото Отешево, а телата на убиените се фрлени во Преспанско Езеро“ (цитирано како што е напишано). Убиените наводно биле бележани како „бугараши“ и „помагачи на бугарскиот фашистички окупатор“ и биле убивани без суд и пресуда. Се употребувал штотуку изгласаниот закон за „заштита на македонската чест“.
Зошто овие бројки се лажни, фантастично лажни, измислици на некој нездрав ум? Одговорот лежи не само во логиката туку и во статистката. Имено, ако за година, две или три во Охридско и Преспанско биле убиени 23 илјади Македонци, општина Ресен денес би била само пусто поле без луѓе, а Охрид би бил мало гратче, уште помало од пред војната. А ако за година, две или три околу 130 илјади Македонци биле иселени, прогонувани и испраќани во концентрациони логори, денес Македонија ќе немаше нови синови, ќерки и внуци.
Во прилог на побивање на големата лага за наводните убиства на 23 илјади Македонци одат и бројките од пописите на населението во тие години. Имено, во првиот попис по Втората светска војна, направен во 1948 година (тогаш кога сум роден), родниот Ресен има 4.737 жители. При вториот попис во 1953 година е забележан раст на населението од 10 отсто. Доколку од тие 23 илјади убиени, 5 илјади би биле од Ресен, тогаш би се забележал драстичен, незамислив пад на жителите, а не пораст, што е фактичка состојба. И би немало пород, би немало деца, зашто, по правило, сите ликвидирани биле мажи, ретко понекоја жена.
Истото тоа може да се каже и за општината Охрид, каде што исто како во Преспа, населението е во постојан пораст. Општината Охрид во 1948 година има 24.028 жители, а во 1953 година 26.518, раст повисок од десет отсто. Е, сега вака: ако од охридската општина, со сите села се разбира, во 1945 – 1946 се убиени, ајде да речеме, 15 илјади, како тогаш по тој масакр, за две-три години населението би се зголемило, а не намалило. Истото тоа важи и за Македонија – во ниеден статистички спис не е регистрирано намаление на населението во тој период. Не барем толку драстично како што се бројките за 130 илјади убиени, ликвидирани, истребени, раселени, закопани во непознат гроб, фрлени во езеро.
Ниту еден упатен и здраворазумен човек не би можел да ги негира одделните прогони и репресии во почетните години од комунизмот и жртвите на тогашниот систем на Демократска Федерална Македонија во составот на Југославија. Не се криела и не може да се скрие вистината дека во тој период биле прогонувани и судени лица што биле соработници со фашистичкиот окупатор, било со Германците или со Бугарите. Тие биле на едната страна. За другата страна не било непознато дека многумина биле репресирани, судени и осудувани, лежеле по затвори поради своите идеи за независна и обединета Македонија, лица што се подготвувале да се урне постојното уредување на ФНРЈ, да се отцепи Македонија од Југославија и да се припои со Бугарија. И на врапците им било познато дека стотици Македонци лежеле поради идеите на ВМРО. За македонски автономизам и сепаратизам, како што пишувало во обвиненијата и пресудите во име на народот.
Исто така, неспорно е дека се судени и видни граѓани, затворани во познатиот затвор „Идризово“ или по казна праќани во неколкугодишна изолација во познатиот логор во Отешево, на Преспанско Езеро. Во тој период имало судени за вистински направени активности и дела, имало и наместени случаи, како што имало и случаи на невини а осудени, наклеветени од нечија завист, омраза или одмазда. Тоа е и времето на судирот на Тито со Сталин, низ чии мрежи стотина Македонци, главно комунисти по убедување и идеолошка припадност, го одлежаа суровиот Голи Оток. Тие години беа време на судир меѓу два различни концепта. Едни беа за обединета и независна Македонија, блиска до Бугарија, а други беа за онаа Македонија во рамките на федерацијата. Од едната страна беа националистите, а од другата страна пројугословенски настроените, ако може од денешен аспект така да се класифицира.
Во рамките на овие збиднувања речиси сѐ е познато. Последните 40-50 години најотворено се разјаснуваат тие темни страни од поновата македонска историја, урнати се сите поранешни политички табуа. Архивите се веќе доволно отворени за историчарите и за секој љубопитен. Досиејата се достапни, прегледани, голем дел од нив јавно објавен во книги и весници. Отворени се и долго време затворените досиеја на ОЗНА и УДБА. Има уште живи од тој период, има нивни потомци и роднини. Никаде и од никого не се наведени големите измислени бројки на убиени, ликвидирани и протерани од земјата.
Јас лично, како растен во повоениот период, можам да посведочам за Ресен и неговата општина, територија на која се наоѓаше „цивилниот“ затвор Отешево. Ова место крај Преспанско Езеро, од 1946 до 1952-1953, било логор во кој биле затворени непријатели на новите власти, соработници на бугарскиот окупатор, самопрогласени бугараши, воени богаташи и профитери, разни други непријатели на новото комунистичко општество. Логорашите ги граделе вилите и рестораните, меѓу нив и најпознатиот хотел на западниот дел од езерото – хотелот „Југославија“, објекти првично наменети за високите личности и вработените во ОЗНА и УДБА. Сведочењата говорат дека имало измачувања, имало умирања зашто меѓу логорашите имало и стари луѓе. Некои, по казна, среде зима биле држани во водите на езерото, но убиства или ликвидации од поголем размер не се регистрирани. Ако имаше масовни ликвидации таму или на планината Галичица, тоа ќе се разбереше, ако не, тогаш, во подоцнежните години секако. Многумина од тие затвореници подоцна беа рехабилитирани и беа поставувани и на високи државни служби.
Сума сумарум, лагата за бројката од 23 илјади убиени во Преспа и во Охрид може да се види и од Месечината. Ако само во овие две општини биле убиени толку Македонци, се поставува прашањето како било во другите, поголеми општини. Ако овој размер се компарира со Битола, Прилеп, Штип, Куманово или Струмица, ќе излезе дека секој втор Македонец бил убиен во периодот од 1945 до 1950 година. Може ли некој при здрава памет, при добро ментално и физичко здравје, незафатен од каков било вирус, да поверува во такви небулози?