Телевизиската серија „КУРИРОТ НА ГОЦЕ“ за мене беше подготовка и „огнено крштевање“ во играна серија. Се снимаше по сценарио на д-р Славко Димески, во драматуршка обработка на Ташко Георгиевски и во режија на искусниот Благој Андреев. Сето ова се случи набргу по неколку асистентски задачи во студиото во Нерези, во кое првпат влегов веќе во првата недела од вработувањето. Го паметам првото влегување, во дебатна емисија, на неколку минути пред почетокот. Мала осветлена пригодна сценографија, камермани поврзани со слушалки, тишина во која имаше некаква магична димензија, која ја запаметив за навек. Студио – „спремно“ – магнетоскоп нарачан, одиме со снимање – објавува глас преку интерфонија. Слушалки и за мене, низ кои слушам како во режијата длабок машки глас им дава упатства на камерманите и ги подготвува кадрите. „Камера 2 дај крупен план, тројка рашири, кец среден план, соговорниците заедно“.
И веќе на 15 јуни, по обемните подготовки со екипа на терен – снимање на играната серија „Курирот на Гоце“. Прва клапа на сцена во истото студио во Нерези, новинари, автори, артисти, раководството.
Берово е првиот голем терен, „огнено крштевање“ и прво големо искуство што траеше еден месец и некако брзо помина. Работа со комплетна искусна екипа, костимограф, гардероба, мајстори на тон, светло, маскер-шминкери. Артисти од прва лига на македонското глумиште: Дарко Дамевски, Драги Костовски, Данчо Чевревски, доајените Илија Милчин, Петре Прличко, Тодор Николовски, Лилјана Георгиева, Љубиша Трајковски, Мите Грозданов, Шишман Ангеловски, Илија Струмениковски, Стојна Костовска – тогаш Заовска… кастинг во кој беше збрано сето македонско глумиште. Костими на Рада Петрова-Малкиќ, Менде Ивановски – сценограф, на локации во овој убав дел на Македонија започнаа и моето драгоцено искуство и трајната фасцинација кон играниот жанр.
Битола е следната дестинација, според планот на снимањето, што го изготви првиот помошник по режија Лазар Ѓорѓевиќ, искусниот филмаџија со „багаж“ и искуство стекнат во проекти како „ЈАД“ на Ценевски и други сложени продукции, голем познавач и вљубеник во филмската уметност. Две недели на локации во Битола, екипата во хотел и редица интересни случки и анегдоти.
Прва редукција на продукциската екипа заради намалување трошоци ли, нешто друго ли, а токму екипата се сплоти, се воигра и почна да функционира.
Една од „жртвите“ на редукцијата на филмската екипа станува Анче Павловски, еден од организаторите со кој делев соба во хотелот. Неофицијално смешно, безмалку анегдотско образложение зошто токму мојот цимер е „редуциран“ дознав дури есента по завршувањето на снимањето на играната серија. Анче, еден од организаторите во продукцијата, градско момче, поради подолг престој во Германија говореше германски, па така за време на престојот во хотелот го затеков во холот крај рецепцијата како муабети со една гостинка на германски. Подоцна бев замолен да „прошетам“ малку низ градот и да му овозможам да го продолжи муабетот во нашата заедничка соба. Тоа, всушност, да ти бил клучниот момент и причина, поради што мојот колега цимер бил „редуциран“. Во времето кога се случува снимањето, во нашата татковина се случуваат и две важни политички збиднувања. Конгрес на СК на Југославија и СК на Македонија и, според образложението на еден постар колега, причината за негова „редукција“ е тој близок интимен контакт со Германка во екот на конгресите на СК. Фантастично, незаборавно, смешно, погледнато од денешна идеолошко политичка, морална, филмска визура.
По две недели во Битола, екипата на ТВ-серијата „Курирот на Гоце“ се сели во Отешево каде што беа одбрани десетина локации за снимање.
Во Отешево, во лобито на хотелот имаше џубокс-машина во која со уфрлање паричка можеше да се слушаат тогашни актуелни југословенски рефрени, со исполнители како Радмила Караклаиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Мишо Ковач, Марко Новосел…
Оттогаш ми остана во сеќавање и анегдота со џубоксот во хотелот во Отешево, а е поврзана со групата „Емерсон, Лејк и Палмер“ и синглот што во почетокот на седумдесеттите го донесов од Трст, а кој во една вечер во „Пони салон“ – првата приватна дискотека во Скопје – беше пуштен /емитуван/ дваесетина пати. Но истата таа вечер на плочата беше направена „грепка“ поради возбуда и невнимание на диџејот.
Значи, при изборот на некоја од нумерите од џубоксот, за мене мало и пријатно изненадување, „Лаки мен“ од „Емерсон, Лејк и Палмер“. Се разбира прв избор за слушање и враќање во времето на почетокот на седумдесеттите, кога баладата „Лаки мен“, чиј автор е Грег Лејк, беше еден вид химна. На неа за првпат Кејт Емерсон ќе употреби нов инструмент мини муг, при крајот на баладата, звук необичен, електронски, кој пленеше. Но на еден дел на нумерата, која со внимание и уживање ја преслушував крај џубоксот во Отешево, на истото место ја забележав онаа фамозна и несреќна „грепка“ од времето на „Пони салон“.
Во разговор со шефот на хотелот разбрав како плочата влегла во изборот песни за џубоксот и со иста онаква „грепка“. Синглот му бил предложен и даден на шефот од Митко Тасиќ-Комитот, познат скопски дискаџија, негов братучед, кому јас пред одењето во програмата „Канада и младината на светот“ /1972/73/ му ги оставив плочите.
И уште нешто незаборавно од снимањето. Петре Прличко, македонска артистичка легенда, беше дел од многубројната артистичка плејада што учествуваше во масовните сцени што се реализираа во Отешево и околината. Со својата професионалност и искуство беше пример за помладите артисти што учествуваа во комплицираните масовни сцени со сложен мизанкадар, пиротехника, кавалерија. Со себе на локацијата од дома си беше понел триножно столче, седнат под една сенка трпеливо ги чекаше редот и сцената во која учествуваше. Беше вистински пример за помладите „вообразени, нетрпеливи“ артисти и за целата продукциска екипа.
И уште голем број случки, анегдоти што беа дел од моето огнено крштевање во играната програма, која стана високорангиран продукциски белег и во пошироки југословенски рамки.
За потврда на горните редови погледајте некоја епизода на јутјуб-каналот: https://www.youtube.com/watch?v=oYPIqvETGRE&t=136s&ab_channel=dejansarafimov
Автор:Аљоша Симјановски