Дали стигнало времето на одлуката во која во мигот ќе ги искинеш, фрлиш, запалиш или едноставно отстраниш сите мигови замрзнати во тој еден и единствен куфер од едно време невреме. Предмет по предмет, подарок по подарок, слика по слика, честитка по честитка, кукла по кукла, текст по текст, стигнуваш до крајот на дното на куферот, тој еден и единствен, од едно време невреме…
Сите ние чуваме еден куфер со нечии работи, нечии катадневни дребнавости или интимни даванија што ни останале од нечие присуство. Или се тоа дреболии што живот значат, трупани и колекционирани, ете, тукутака заради љубовта кон некого, или пак се грижливо собирани и напластувани спомени од едно време на подароци и внимателности од најинтимен облик. Како и да е, значи, сите, ама баш сите имаме по еден таков куфер со неговите/нејзините работи… Еден мал простор на незаборавот, кој пече при секое негово споменување и урива ѕидини од емоции при секое негово отворање, небаре отвораш нешто што носи тежина поголема од затворањето во мемливите долапи на заборавот, на баш тие, истите нешта стокмени таму, во тој куфер.
Еднаш одамна, Илко од „Тетовирање“ на Столе Попов отиде јабана, апсана токму поради еден куфер, ама тој беше празен и баш затоа сомнителен. Овој не е празен, ами преполн со предмети и недоквакани ситнурии, кои некогаш значеле егзистенција на естетиката на едно длабоко минато време. Денес, можеби имателот на истите тие би сакал да ги фрли во еден здив, да им ги даде на Ромите што собираат „старо купујем“, или едноставно да ги понуди на заборавот на времето во кој било градски контејнер, чист или валкан, сеедно. Ама тоа не е баш толку едноставно и лесно. Штом го подотвориш тој куфер, од него како да излегуваат духовите на сето минато збрано во таа половина квадратен метар душа растегната, ееее, таму назад, во едно време невреме денес, ама тогаш време иднина што ти се чинело, оти ако не било така, тој куфер немаше да има ама баш никакво значење и просто ќе беше само уште еден стар запрашен предмет, кој чесно и бргу-бргу, прекутрупа, ќе беше завеан во Дрисла од прашината на летното скопско премреже наречено заборав. Ама не е така со тој еден и единствен куфер со нејзините/неговите предмети.
Штом го отвориш, од него излегува една реа од сите миризби најубава. Еден момент на тага пролеан со миговите на среќа во сеќавањето, кога истиот тој (мигот) беше некакваси надеж, оти баш денес ќе беше денот на афирмација на очекуваната иднина тогаш. Ама не е така и токму затоа секое отворање на тој еден и единствен, незаборавен и никогаш фрлен куфер со нејзините/неговите работи. Токму затоа таа реа отвора и копа во душата еден тунел што води токму во срцевината на минатите сегашности никогаш недочекани оти куферот ги беше збрал во себе со сите измешани миризби и претстави на едно време. Го отвораш и одеднаш те дувнува ветрето на сликите претставени во умот со сиот колорит и сите сетила што некогаш ти биле сегашност на мигот овековечен во предметите, даровите или дребнавостите во тој еден и единствен куфер на некоеси време. Го отвораш и ги вадиш една по една секоја дреболија што останала како за инает на забот на времето, баш како вчера да си ја добил. Истата боја, истата миризба, истата цврстина и форма… Дури чиниш дека денес некој го беше ставил таму свежо и присутно, како да не е од пред 5, 10, 20 години. Ги вадиш едно по едно и ги тргаш настрана небаре уште еднаш сакаш да провериш дали се за фрлање?! Дали стигнало времето на одлуката во која во мигот ќе ги искинеш, фрлиш, запалиш или едноставно отстраниш сите мигови замрзнати во тој еден и единствен куфер од едно време невреме.
Предмет по предмет, подарок по подарок, слика по слика, честитка по честитка, кукла по кукла, текст по текст, стигнуваш до крајот на дното на куферот, тој еден и единствен од едно време невреме од неа/него од некогаш, кое никогаш непрежалено стана и постана оти ти, ти, никогаш не беше се решил оти ќе го фрлиш тој, баш тој куфер… Така укмосан стигаш до крајот, до дното на тој еден и единствен куфер од едно време инакво, а сѐ уште сегашно и го затвораш поклопецот… го затвораш и гледаш ту во празниот куфер ту во купот предмети пожолтени од минатото, и никако, никако не можеш тој конфликт да го решиш… куферот или предметите, предметите или куферот, или и двете одеднаш… На крајот, на крајот победува она – ниту едното ниту другото… Немоќно ги враќаш предметите во куферот како само за нив сотворен и од тебе направен, за вечно да ги стиска и чува баш и токму тие предмети и ниедни други, баш во него и баш секогаш… оти, оти, тоа секогаш постана сега и овде, без трошка совест дека баш ова овде ти го претвори тогаш и таму, само така, за да те умира полека но сигурно… Оти, нели, секој човек на својот крај од патот наречен живот има една цена што некогаш мора да ја плати и таа се наоѓа токму таму, во тој еден и единствен куфер на едно време невреме, кое сѐ уште говори токму за тоа и за ниту едно едикоеси друго време невреме…
Вчера го отворив куферот… не стигнав да ги извадам работите од него… само го затворив, ете затоа, ете само така…
Мирослав Пендароски
(Авторот е психолог и универзитетски професор)