Во делото „Анали“, римскиот историчар Тацит како принцип на своето пишување, односно како метод на пренесување на фактите го постулира мотото „Sine ira et studio“. Тоа значи дека нештата, самите факти треба да се прикажуваат без каков било бес или пристрасност, сеедно дали некому му се допаѓале или не. Односно, треба да се пишува што е можно понеутрално, објективно и со сета неопходна сериозност. Наедно, тоа би требало да биде принцип на секоја расправа, критика или полемика. Повеќето луѓе, без разлика на која област/бранша ѝ припаѓаат, декларативно се согласуваат дека навистина е потребно на тој начин да се постапува. Меѓутоа, вистинското прашање е дали луѓето навистина постапуваат онака како што мислат дека треба да се постапува. Или, можеби, постапуваат онака како што не мислат, а мислат како што не постапуваат? Веќе и површен преглед на критиките и расправите што се водат кај нас, во Република Македонија, покажува дека постои длабок расчекор помеѓу декларативните залагања и стварната состојба. Кај нас, според многу параметри, на дело е обратниот принцип од Тацитовиот. Кај нас како да владее верувањето дека без бес и пристрасност не е можен дијалог, дека не е можна никаква расправа или каква било критика. Уште повеќе изненадува сознанието дека до ова се придржуваат и оние што, поради нивната претпоставена професионална природа, би требало да пишуваат и да постапуваат непристрасно, со ладни, чисти глави. А тоа е интелигенцијата или она за кое се смета дека е дел од интелигенцијата.
Дел од македонската интелигенција мисли дека колку повеќе се лутиш и врескаш по противникот, колку повеќе навреди и клевети фрлаш врз него, толку поубедливо звучиш. И дека наводно, на тој начин, кажуваш нешто многу значајно против соперникот, твојот соговорник. Така, пред седум години, за одредени луѓе јавно беше напишано дека се к о п р о ф а з и. Во превод (нека ми извинат читателите) тоа значи г о м н о ј а д а ч и. Голем дел од македонската јавност остана згрозен.
Неколку години потоа, дел од претходно згрозената јавност, за еден човек напиша дека е анален тип. Годинава, дел од двојно згрозената јавност, го употреби изразот „WC Spec“, што значи специјален клозет/нужник. Пред една седмица (21.11.1998), на јавна трибина, еден новинар за дел од своите колеги изјави дека удобно биле сместени во топлите ануси на политичарите. Излегува дека и некои од македонските новинари (и тоа не кои било новинари) се обземени со феноменот анус, бидејќи поимите „веце“, „копрофагија“, „анален тип“ итн. се поврзани токму со него – со анусот! За жал, состојбата не е поинаква и во односите, како и во споровите и критиките што се водат и помеѓу интелигенцијата за која и понатаму, по некоја инерција, се верува дека е врвна. Еден од нив, релативно млад човек и со хуманистичка ориентација (за таков се претставува), честопати умее да ја употреби синтагмата „човечки материјал“. Дека човек на човека може да послужи и како материјал е повеќе од сигурно. Меѓутоа, исто така е извесно дека со таков речник не е можен хуманист, за каков се смета овој човек. Сигурен сум дека и гробарите се однесуваат со поголема почит кон предметот на нивната дејност (мртвите), макар им биле, додека биле живи, нивни најжестоки противници. Човек на човека може да му биде противник, може да му биде и непријател, меѓутоа не смее да му биде и човечки материјал. Особено не може, или не би требало да биде, н е у п о т р е б л и в човечки материјал. Други имаат обичај да пишуваат за личните особини на своите противници. За нив тврдат дека се дволични, сплеткари, превртливци. Дека се, со еден збор, никакви. Се разбира, под претпоставка дека се тоа (никакви), бидејќи се можеби поникакви и од никаквоста.
Во целата оваа ситуација постојат уште многу нешта што изненадуваат. Изненадува, меѓу другото, отсуството на вкус. Бидејќи, пак, прашањето за вкусот е прашање за личната, индивидуална култура, не навлегувам во него, оставајќи го во сферата на приватноста. Меѓутоа, сепак останува нешто друго за кое мислам дека е значајно. Тоа е сознанието дека повеќето полемики сè повеќе се водат наспроти Тацитовото начело. Значи, без неопходната непристрасност. Оттука, се оди ад хоминем – се говори за човекот, а најмалку за неговите ставови. На тој начин, полемиката преминува на теренот на субјективното, личното, интимното. Веќе не станува збор за спротивставени ставови, туку за спротивставени луѓе, ниту се спротивставуваат едни принципи/убеденост на други принципи/убеденост. Наместо тоа, на дело е еден човек против друг човек, една функција против друга функција. Предметот на спорот постепено се губи и на негово место се става човекот со кој се спори. Особено се потенцираат неговата природа и неговиот карактер. На тој начин, говорот за природата на предметот на спорот преминува во говор за природата/карактерот на оној со кој се спори. Наместо критика на предметот за кој се спори, се добива критика за оној со кој се спори. Губејќи го својот предмет, и самата критика станува беспредметна. И навистина, повеќето критики кај нас се беспредметни, бидејќи одамна го загубиле својот прав, вистински предмет. Но, затоа, предмет стануваат личните особини на оние кон кои е упатена „критика“. Во игра се воведува дури и физичкиот изглед на противникот. Дали тој, на пример, има голем или мал нос и зошто има токму таков нос каков што има, а притоа и ушите му се големи и некако клемпави.
Токму на овој план ја гледам бедата на голем дел од полемиките во Македонија. Бедата не е само во тоа што останува во сферата на личното, приватното, туку и во тоа што ова лично, речиси по правило, е негативно обоено. Љубовта, како и разбирањето за поинаквото, различното од моето, целосно отстапиле пред омразата. Омразата, за разлика од љубовта и разбирањето, наместо да раѓа и да создава, уништува. Омразата не го уништува само својот предмет. Таа го истоштува и уништува и својот носител, како што го прави тоа љубомората/зависта, која преминала во омраза. И двете чувства се контрапродуктивни, и тоа токму во однос на оној што ги носи во себе. Тоа не значи дека, инсистирајќи на љубовта и разбирањето, се залагам да се прифати сè и сешто, бидејќи нешто да се разбере не значи и да се прифати, особено да се прифати некритички и необмислено, како што може нешто да се прифаќа/сака/љуби, не разбирајќи го. На пример, некој се залага за тоа и тоа, без да знае/разбира зошто се залага за тоа и тоа. Или, некој не го сака тоа и тоа, без да знае/разбира зошто не го сака тоа и тоа.
Наредната слабост на критиката од овој тип е во следново: губејќи го својот прав, вистински предмет, таа паѓа под нивото на својот предмет. Колку што се обезвреднува предметот на критиката, толку повеќе се обезвреднува и оној што критикува, бидејќи продолжува да го критикува тоа што е, според него, под нивото на секоја критика. Или, вреди ли човек да се исцрпува за работи за кои и самиот смета дека се безвредни? Понатаму, исцрпувајќи се, зарем не ја потврдува, на по малку парадоксален начин, вредноста на она што самиот тој го вреднува за безвредно? Во спротивно, значи кога би било поинаку, зошто би го критикувал тоа што го смета за безвредно? И, што е најважно, обезвреднувајќи и плукајќи по другите, плукачот почнува, не сакајќи, да плука и самиот по себе. Достоинството кон себе, сепак, му е потребно на секое човечко суштество. Од него никој (барем досега) не загинал срамно. Затоа, не е лошо човек, одвреме-навреме, да се потсети на Тацитовото „Сине ира ет студио“, и тоа не заради другите, туку заради самиот себе – да не се преобрази во самопонизено човечко суштество, без респект и со презир кон себе.
НАПОМЕНА; Претходните редови ги напишав и ги објавив во неделникот „Денес“ од 10.12.1998 година. Оттогаш поминаа многу години, меѓутоа не можам да забележам дека нешто во Македонија тргнало кон подобро. Понекогаш мислам дека е многу полошо отколку што некогаш било. Незнаењето, омразата, простотилакот и ароганцијата, здружени со бесрамноста (дури и пред самиот себе) денес се подоминантни од кога било. Затоа и тогаш, како и сега, текстот го насловив „Критиката и човечкото достоинство“. Остана ли нешто од човечкото (особено човечното) во човекот? И остана ли барем малку достоинство или сè се преобрази во својата спротивност?