Не знам како не разбираме дека основното и најважно барање на Русија во оваа војна е враќањето на двете големи сили што се бореа заедно во Втората светска војна, на границите што се определени со мирот што го донесе таа војна. Во најмала рака, по распадот на Советскиот Сојуз, барањето на сегашна Русија е таа да се врати ако не на истите, тогаш барем на приближно истите граници исцртани на денот на капитулацијата на нацистичка Германија во мај 1945 година. Добро. Тогаш, на која страна од таа определена граница се наоѓаме ние и како сме се нашле таму? Барем тоа би требало секој од нас да го знае, да не зборам за политичарите. Но тоа не е така, затоа што во Македонија со политика се занимаваат трговци, бакалџии, зарзаватчии, промашени студенти, ојлевци, дојлевци, пикајпрсти и гребидуши, како што ги нарече Гане Тодоровски во една песна наречена нашинска. Ама што да се прави, некои работи треба да се повторуваат секој ден, оти памтењето ни е колку на бумбари, од сабајле до утре сабајле. Значи, она што Русија сака да го добие на денот кога ќе заврши војната и ќе започне мирот е определено многу одамна, па, за полесно да се разбереме, ќе направам кратка хронологија на историјата на војните и мирот, кои се однесуваат на нас.
Целиот проблем со кој светот се соочува денес и главно со врти околу полуостровот Крим на Црно Море, во суштина е војна што трае од далечната 1853 година кога Русија бара излез на топло море и заштита на своите западни граници. Тоа е војна, драги мои, која Русија ја започнува против Отоманската Империја, која владее со Медитеранот и Кавказот, меките ткива на Русија. И во таа војна на Русија со Турција, која ќе се води со променлив интензитет и променливи успеси на двете страни, во суштина е војна на Русија со Британија, Франција, Прусија (денешна Германија), а подоцна и Австро-Унгарија. Што се променило во однос на денешната војна и на распоредот на силите? Гледате ли некаква разлика? М? Нема да се задоволите со ова, знам, затоа ќе продолжам со настаните што водат од војна во војна, кои на крајот од сѐ нѐ водат кон мирот исцртан во границите на кои Русија сака повторно да се врати. За да се утврди таму каде што е, Русија освен со војска и оружје, војувала и со дипломатија, која од почетокот на дваесеттиот век, поточно од 1821 година кога се крева востанието во Грција предводено од поранешниот руски министер за надворешни работи Георгиос Каподистрија. Таа доктрина се спроведува сѐ до востанијата во Црна Гора, Србија и денешна Романија, кога Русија конечно се утврдува на овој дел од светот со военото освојување на територијата на денешна Република Бугарија и создавањето прво на Кнежевството во 1878 година, а подоцна и на Кралството Бугарија.
Каде сме ние во ова приказна? Ја гледате ли некаде на мапата на руските земји и земјата Македонија? Не. Мнозина од вас ќе речат, па што сме направиле ние за Русија да нѐ препознае, дали, ние сме се понудиле себеси или дел од нас, за да бараме возврат нешто од неа? Одговорот е, да. Во времето кога руските војски биле само на педесетина километри, распоредени некаде околу тогашна Горна Џумаја, денешен Благоевград, се креваат две востанија, едно во Разловци, а друго во Кресна, со цел да се поттикне ослободување и на Македонија и создавање македонска држава по примерот на другите соседни земји. Умот и силата на тие македонски востанија, Димитар Поп Георгиев, направил сѐ за да се случи тоа. Примил во востаничките редови руски, козачки атамани, кои управувале со делот од воените единици и правел дипломатски напори за да ја купи руската љубов кон Македонија, според некои кажувања, патувајќи дури и до Одеса за да побара помош од царскиот двор. Востанијата завршуваат во крв, Русија останува во границите на Бугарија не поминувајќи ја реката Струма. Димитар Поп Ѓоргиев, по сѐ што се случило, се врти кон Западот, посебно кон папата во Рим и аристократијата во Лондон од каде што бара црковна закрила и патронство. Македонија, драги мои, во новите европски карти на масата добила автономија во рамките на Отоманската Империја, која започнала со таканаречените Мирцтешки спогодби од 1908 година, кои ветувале самоуправа на Македонија предводена од Македонци, а чие спроведување започнало со надзор на Англија, која се зела да гарантира за нивното спроведување, типично за нив, спроведувајќи ги сама, назначувајќи сопствена администрација и полиција. Но од 1913, па сѐ до 1941 година, во Европа ќе се случат уште десетина војни што ќе завршат, внимавајте, на Крим, во Јалта 1945 година, каде што е потврдено дека се потврдува тоа што е потврдено во Берлин во 1878 година.
Русија не е наш непријател, напротив. Од крајот на деветнаесеттиот, па сѐ до Балканските војни, Русија е прибежиште и азил за многу Македонци што се идентификувале како такви. Русија се обидува да дојде до решение за македонското прашање и помеѓу двете светски војни, па тогашната советска Русија преку Комунистичката партија ги поддржува македонските идеи за државност, почнувајќи од Мајскиот манифест на Коминтерната, па сѐ до АСНОМ и асномските одлуки во 1944 година. Најпосле, Русија е првата велесила што во 1992 г. ја призна сувереноста на државата Македонија и на македонскиот народ, пет години пред официјално да го направи тоа Америка. Но кај сме ние во сите овие руски војни и руски мирови во последните двесте години? Сме биле, сме и ќе останеме на другата страна од реката Струма, во сферите на интересот на европскиот запад, денес олицетворен во западното британско царство Америка. Одговоривме ли на прашањето каде сме?
Што може да научиме од ова, драги мои? Дека дипломатијата, државите, нивните односи и граници се во врска со географијата и историјата.
Ние како стоиме и со едното и со другото? Така како што стоиме, од проста причина што ниту географијата, а ниту историјата може да се променат. Затоа, да си го утврдиме своето постоење западно од Струма и западно од Крим. Не затоа што ние така сме сакале, туку затоа што Русија така се спогодила за нас. Вистината е проста работа, драги мои, ние сме на страната на која од 1853, па сѐ до денес стојат Англија (денес Англоамерика) Германија, Франција и Турција. Ние сме на запад, и тој запад, од денот на нашата независност нѐ одржува, обликува и дефинира не како што тој сака сосема и докрај, туку така како што ние не сме способни да ги убедиме и во можноста од некои други облици на географско утврдување и некои други дефиниции за историско разбирање. Ама верувам, многу верувам дека по сѐ, ќе научиме дека никој не добил ништо ако за тоа не се борел докрај, искрено и посветено. Тоа е, ќе се бориме за својата географска сегашност на западот, но и за нашето историско минато на исток. Сте помислиле ли како им е на кутрите Руси од Днепар на запад до Курил на исток? На колку сѐ географии и истории тие пак припаѓаат? М? Да не сте им во географијата и во историјата, што се вели. И да не мислите дека на Англичаните им е лесно да бидат географски остров на крајниот запад, а историски да се простираат на Далечниот Исток, дури до Индија, Австралија и Нов Зеланд. Не е лесно, прашајте го Александар Македонски, ако го сретнете на некое од вашите патувања во времето и историјата.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор