Несомнено дека новите премиери во двете земји се инсталирани да најдат некое формално компромисно решение, кое во практика не мора ништо да значи, но би било оценето како успех на преговарачите, а особено на Европската Унија, која тоне во конфузност и збунетост по прашањето за Македонија. Нешто како Минск 1 и 2, кои ги имаа потпишано Русија и Украина, со гаранции на двете најсилни членки на Унијата, Германија и Франција. Но кој и зошто, всушност, не сака да се реши спорот во согласност со меѓународните стандарди и со меѓусебно почитување на двете земји и двата народа, македонскиот и бугарскиот?
Политичари, агенти и шпиони на македонско-бугарската сцена
Врие нешто покрупно во црниот зачаден котел на македонско-бугарските односи. Мора огнот да е засилен штом од зовриената вода на површина се појавуваат и тајните служби и нивните агенти. Тие се најчестите агенси, првите петли што најавуваат дека некаде ќе се води војна или ќе се склопува мир.
„Државна агенција за национална сигурност (ДАНС) на Бугарија истражува ’многу сериозна руска шпионска дијаспора во Бугарија, која работи на многу различни интереси‘, изјави некни бугарскиот премиер Кирил Петков. „Некои од работите што ми ги пријавија се дека има руски агенти што работеле против нашите односи на разбирање со Северна Македонија и дека нема европска иднина за Западен Балкан“, додаде тој. Претходно Специјалното обвинителство и ДАНС повеле истрага за шпионските врски, но сѐ уште нема информации за тоа.
Агенти, безбедносни служби и политика
Само ден-два подоцна, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ја потврди како точна констатацијата на бугарскиот премиер. Но не само што ја потврди туку, за да не остане подолу, соопшти дека такво нешто имало и во Македонија. „Оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Република Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот тој ангажман затоа што овде ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“, рече Османи на редовниот неделен брифинг за медиумите. Рече, но не откри околу тоа за кои лица или институции се работи. Типично за атмосфера со која владее агентурата, каде што работа имаат поткажувачите и уфрлените соработници.
Брзо-брзо се јави и претседателот на македонската влада, Димитар Ковачевски. На истата линија, полутајно и полузавиено, кажа дека со министерот за надворешни работи од првиот ден имал информација за тоа што се случило и оти тоа им било предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. „Детали не можам да откривам бидејќи се работи за класифицирани информации. За нашите службеници се преземени активности, но не можам да ви кажам други детали“, рече тој.
Не остана покусо ниту поранешниот претседател на СДСМ и на Владата, Владо Бучковски, кој досоли со изјавата дека има групи и во двете земји што работат да не се најде компромис. Скокајќи како прле пред магаре, покажувајќи со прстот кон Русија, удри најконкретно, прв откривајќи дека петте протерани руски дипломати работеле против нов компромисен договор со Бугарија. Покрај аут-линијата на сознанијата за шпионажа и шпионски игри засега стои претседателот Пендаровски, најверојатно, очекувајќи подетални информации што би ја покажале целосната слика на теренот.
Кој, всушност, не сака да се реши спорот во согласност со меѓународните стандарди, со меѓусебно почитување на двете земји и двата народа, македонскиот и бугарскиот?
Несомнено дека новите премиери во двете земји се инсталирани да најдат некое формално компромисно решение, кое во практика не мора ништо да значи, но би било оценето како успех на преговарачите, а особено на Европската Унија, која тоне во конфузност и збунетост по прашањето за Македонија. Нешто како Мински 1 и 2, кои ги имаа потпишано Русија и Украина, со гаранции на двете најсилни членки на Унијата, Германија и Франција.
Не случајно, често и без оснoва двајцата премиери шират оптимизам што е далеку од реалноста и во политичкиот блок на Бугарија и во расположението во Македонија. Ковачевски е наследник на Зоран Заев, кој ја отвори Пандорината кутија во тие односи, а Кирил Петков сѐ почесто во самата Бугарија го ословуваат пејоративно, во навредлива смисла, со титулата канадскиот премиер, бидејќи е донесен од Канада каде што живееше и работеше, а беше речиси непознато лице во бугарската јавност.
Бугарија е против – од БАН до претседателот на државата
Да видиме како стојат работите, кажано пореално и објективно. Во Бугарија, освен агентите што ги спомна Петков, главно Руси или бугарски русофили, против давањето согласност на Македонија за почеток на преговори со Европската Унија е Собранието на државата. Како што е познато, највисокиот законодавен бугарски документ во октомври 2019 година има донесено со акламација декларација, со која не ја признава македонската историја, не ја признава самобитноста на македонскиот народ, а ги негира како автентични македонскиот јазик и писмо.
Во декларацијата јасно е напишано дека европската интеграција на Северна Република Македонија „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на лицата од бугарската историја“. Исто така се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.
На таа магистрала жестоко трчаат БАН (Бугарската академија на науките) и нејзините институти, пропагандната антимакедонска артилерија е долгометна и постојана. Против давање европска „виза на братскиот народ“ се изјаснува во мнозинство бугарската јавност. Анкетите покажуваат дека меѓу 60 – 70 отсто од анкетираните ставаат забрана доколку Македонија не ги прифати тезите дека, всушност, станува збор за еден народ со заедничка и иста историја. Со ставот да не се поддржи Македонија се редица помали, вонпарламентарни партии (да не го спомнуваме ВМРО на Каракачанов и на Џамбаски), речиси сите медиуми, водечки новинари, поединци. Нема таму пеење надвор од хорот, освен понекој разумен глас на некој од невладин систем.
Конечно, на тронот на ветото за Македонија стои Румен Радев, претседателот на Бугарија. Во свои раце го држи жезолот, по заминувањето на Бојко Борисов, тој е титуларно и практично личност број еден во државата. А токму за овој генерал пилот се ширеа (и се шират) гласишта дека е русофил, близок до тој народ и до тамошните власти уште од времето на Советскиот Сојуз. Но настрана од тие шпекулации, Радев сега е тој што пали и гасне, не е Кирил Петков, кој жилаво се бори да ги докаже својата способност и самостојност, да го издигне својот авторитет. За разлика од извештачените меки ставови на премиерот, претседателските се константни во континуитет, цврсти и непоколебливи, антимакедонизмот го манифестира на секој чекор, со секоја изјава. Отворено бара неговите ставови да бидат и владини и државни неостапливи позиции. Му се може, бидејќи без него никој ништо не може да реши.
Бугарските Ахилови петици
Во овој контекст треба да се има предвид дека општествените, политичките и економските услови во државата не се ни приближно стабилни, иако е членка на НАТО и на ЕУ. Економијата, како и секаде е во застој, корупцијата не може да се намали, уште помалку да се искорени. Политичките владејачки партии не се многу блиски по своите програмски определби, стратегии, пристапи и желби. Опозициската ГЕРБ на Бојко Борисов, можеби е ранет лав, но си ги залечува раните, обидот за негово апсење се претвори во карикатура од правниот систем. Односите Радев – Петков ги бележат првите пукнатини, допрва ќе претстои битка меѓу едната и другата генерација. Петков има меѓународна поддршка, Радев бугарска.
Самата Бугарија има во моментов две Ахилови петици. Едната е Украина, втората Македонија. Првата му е главоболка што руското општество е поделено по линијата русофили и Европејци, многу поизразена поделеност одошто се прикажува. За втората нема сила да ја покрие, таа го боли со децении. Во Бугарија не цветаат рози, како што одамна не цветаат во Долината на Розите кај Казанлак. Во последниве години ниту планината Шипка, ниту ридот Бозлуџа, каде што е подигнат преубавиот монумент што го симболизираше некогашното нераскинливо братство на бугарскиот со рускиот народ.
Кој е против во Македонија?
Како е во Македонија, кој е овде против реализирање на договорот со Бугарија? Генерално набљудувано, големото мнозинство посакува да се постигне некаква спогодба, но таа да не биде со сериозни штети за Македонците и со трајни непоправливи последици.
Претседателот на Владата и министерот за надворешни изјавија дека се откриени, пронајдени и фатени државни службеници и групи инсталирани во институции што работеле да не се реализира договорот меѓу Македонија и Бугарија. Лесно е да се само тие. На сите им е познато дека против прифаќање на условите што ги поставува Бугарија е поголемиот дел од македонската јавност, која во бугарските уцени гледа обид за распад на државата, за нејзина бугаризација, дури и опстанок. Посебна е загриженоста кај Македонците, бидејќи тие се во пропаѓање како етникум. Бугарско-македонскиот спор околу националното прашање во ниедна смисла не ги тангира Албанците во Македонија, тоа не е нивен проблем. Од тие причини албанските политичари го гледаат спорот само како државен, но не и национален, тие се надвор од овие егзистенцијални проблеми.
Значи, ако агентите работеле тајно, има доста што проговориле јавно по актуелното прашање. Во Македонија има јавен, јасен став да не ѝ се попушта на Бугарија, дури ни низ разумен компромис. Таков став има изгласано Собранието на Република Северна Македонија, кога во јули 2021 г. донесе Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Оваа резолуција не е контра, но е некаков одговор на бугарската декларација, донесена на истороден орган и на исто државно ниво. Во неа се бара преговорите да се водат на рамноправна основа, со должно почитување на меѓународното право. И што е важно: без никакво условување од едната или од другата стана и со почитување на достоинството на македонскиот народ, односно автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Почисто и почитко речено – здравје.
Против постигнување спогодба, надвор од постојниот Договор за соработка и пријателство, потпишан на 1 август 2018 г., има застанато опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но прашање е дали партијата ќе додржи на тој став, имајќи го предвид искуството со промената на името, каде што се виде дека ДПМНЕ не е партија на која може докрај да ѝ се верува. ВМРО со своите гласови го даде името, без нив, залудни ќе беа напорите на СДСМ и манипулациите на Зоран Заев. Против се и неколку помали, неважни и крајно невлијателни вонпарламентарни партии, од кои нема ниту корист ниту штета. Од малите парламентарни, или коалициски – сателит-партии послушници, против е Левица, најавтентичната појава на новото повеќепартиско време.
Излез – но каков?
Против постигнување договор на македонска штета се и поголемиот дел од членовите на МАНУ, дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Македонската православна црква, фактори што не се за потценување. Таа тројка, всушност, беше и иницијаторот за донесување на собраниската резолуција. Конечно против неа се изјасниле и двајца поранешни претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорѓи Иванов. И двајцата, со сите негативни оцени што ним оправдано или неоправдано им се пишуваат, покажуваа далеку повисока македонска, национална свест од овие генерации политичари што сега ја управуваат Македонија (Северна).
Несомнено дека односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што беа во периодот пред доаѓањето на двете нови влади и тука никој не може да става забелешки и да критикува. Но позитивната атмосфера што се создава, за жал, е во судир со суровите околности и реалности. Иако надежта последна умира, останува фактот дека крајот на јуни за укинување на ветото не е конкретен датум, а прашање е што дотогаш може да се договори на задоволство на двете страни.