Руска идеја: словенофили, западњаци и Евроазијци

Во претходната колумна го исцртавме историскиот контекст за појавата на трите најважни теориски, философски, но и геополитички правци во руската мисла. Во оваа ќе дадеме краток приказ на тие идеи и на нивната апликација во современиот контекст.
Во неколку наврати во минатите колумни ја спомнавме „физичката“, географска врска што геополитички ги поврзува Германија и Русија. Но таа врска е повеќе од географска, повеќе од физичка. Кога на моите руски пријатели, на шега, ќе им речам дека целокупната нивна култура е изградена од Германците, тие смешкајќи се, сепак, неволно се согласуваат. Тоа се огледа уште од почетоците на руската култура. Имено, руската интелектуална мисла се разбудила под влијание на германската. Во минатата колумна во споменатиот важен 19 век, руските интелектуалци, токму под влијание на германските мислители започнуваат да ја промислуваат и сопствената, руска општествена реалност. Токму под влијание на германската класична философија се јавуваат словенофилите. Во редот на словенофилите се вбројуваат: т.н. рани словенофили – Иван Киреевски (1806–1856) и неговиот истомисленик Алексеј Хомјаков (1804–1860), на кои по десетина години ќе им се придружат имињата на Константин Аксаков (1817–1860) и Јуриј Самарин (1819–1876). Оваа линија на развој на мислата ќе биде присутна и во идеологијата на оние што во историјата на руската мисла се класифицирани под името почвеници, каде што би можеле да се сместат Аполон Григориев (1822–1864), Николај Страхов (1828–1896) и во извесна мера Ф.М. Достоевски (1821–1881), а чии теми, всушност, се варијации во духот на словенофилството. По нив доаѓа една нова генерација автори што внесуваат свежина во старата словенофилска тема, тие се т.н. нови словенофили: Константин Леонтјев (1831–1891), Николај Данилевски (1822–1885), кои во геополитичка смисла се најважни.

Така, Данилевски ќе напише една важна книга со наслов „Русија и Европа“ (1871), во која за првпат ќе се обидат Русите да го позиционираат своето место во Европа. Во неа, за првпат експлицитно ќе се постави тезата за единствениот и уникатен словенски културен тип, како различен од романо-германскиот (тогаш доминантен во европската и светската цивилизација). За него, Русија во културно-цивилизациска смисла е различна од Европа и во таа смисла треба да го следи сопствениот пат, патот на славјанството. За центар на славјанството, кое треба да го обедини целиот словенски свет, тој го прогласува Цариград! Оттогаш сонот на Русите за Цариград, како третиот Рим, и стравот на Европејците да не им се дозволи на Русите да го контролираат Цариград. Следбеникот на Данилевски, К. Леонтјев, ќе биде уште попрецизен во геополитичките планови (иако никој од нив не го употребува поимот „геополитика“). Имено, тој, слично, како што рекол Масимо де Азелио, по повод обединувањето на Италија – „ја направивме Италија, сега треба да направиме Италијанци“ – со слична размисла по повод словенството бил и Леонтјев – постојат Словени, но не постои словенство! За жал, (или за среќа, кој како милува), по падот на романо-германскиот културен тип, не успева да се востоличи словенскиот културен тип, туку англосаксонскиот и да биде доминантен до ден-денес. Идејата за сеслјавански културен тип е на пауза.
Другото „крило“ го претставуваат оние интелектуалци што сметале дека Русија нема потреба да „измислува топла вода“, туку треба да ги прифати западните идеи и да се приклучи на западните културни, историски и цивилизациски текови. Тоа се т.н. западњаци. На западњачки позиции стојат и историчарите Грановски и Соловјов, како и правниците Кавелеин и Чичерин и литературните критичари и книжевници Висарион Белински, В.П. Боткин и П.В. Ањенков. Подоцна, тука се вбројуваат цела низа интелектуалци: Александар Херцен, Чернишевски, Доброљубов… со што, западњаштвото ќе стане своевидно движење, околу кое подоцна се формира јадрото на т.н. руска интелигенција, која ќе биде иницијалната каписла на идните револуционерни активности. Во западњачкото крило се родиле, поточно, се прифатиле од Запад просветителските идеи, но се артикулирале и социјалистичките идеи, што конечно и ќе кулминира со револуцијата во 1917 г.

Конечно, како трета линија во развојот се т.н. Евроазијци. Тие се теоретичари, кои главно се дел од т.н. бела емиграција и се активни од револуцијата, до Втората светска војна. Од таа емиграција по револуцијата се раѓа една оригинална руска „измислица“ – евроазиството. Евроазиството и евроазиското движење, кое е формирано 1921 година, се вбројуваат во најинтересните и најоригинални правци на руската мисла во времето по револуцијата. Во август 1921 година, четворица млади интелектуалци (Н.С. Трубецки, П.Н. Савицкии, Г.В. Флоровски и П.П. Сувичински), во Софија (1921) го објавуваат зборникот „Исход к Востоку: Предчувствия и свершения (Утверждение евразийцев)“, во кој изнесуваат една сосема нова (пред сè, историософска, културолошка и геополитичка) идеја дека Русија е евроазиска земја. Директна инспирација на овој правец може да се смета публикацијата на Николај Трубецки, „Европа и човештвото“, објавена една година пред споменатиот прв евроазиски зборник. Во неа, авторот го критикува европоцентризмот и го афирмира културниот релативизам како единствена брана од европската доминација. Оваа книга, заедно со приказот и коментарот на Петар Савицки, објавен во Софија (1921), по повод истата таа, претставуваат зачеток на евроазиското учење. На извесен начин, евроазиството е рускиот геополитички одговор на европската, континентална геополитика.
Русите, според оваа идеологија, не се ниту Европејци, ниту Азијати, тие се Евроазијци и проблемите на идентитетот и сите идејно-политички и геополитички ориентации, треба да се црпат од овој концепт. Еманципирањето од Европа, тие првенствено го гледаат не во дистанцирање од научно-технолошкиот напредок, туку, пред сè, како идеолошко и политичко дистанцирање. Оттогаш, во редовите на Евроазијците започнува потрагата по таа нова идеологија, различна од европската, а темелот на таа потрага е строго географски – Русија, всушност, е Евроазија, континент за себе, засебен, самодоволен, но и различен, како од Европа така и од Азија, една голема нова земја – Евроазија. Оваа група е активна сè до Втората светска војна.

Во строго геополитичка насока, овие идеи ги развива географот Владимир Ламански (1833-1914), а особено споменатиот Петар Савицки, кој се потпира на идеите на Ламански. За Ламански, постои јасна разлика помеѓу романо-германски и источноправославен (грчко-словенски) свет. Историските услови довеле да се поделат романскиот (Франција, Италија, Шпанија) и германскиот свет (Германија и Англија) и нивната борба за превласт, сметал тој, ќе доведе до огромен притисок во Европа врз малите словенски народи, кои ако не се обединат под Русија, тешко ќе опстанат. Ламански предвидел пад на романо-германскиот свет, но од оправдани причини (затоа што тогаш бил во зародок), го превидел подемот на англосаксонскиот, поради што погрешно заклучил дека по доминацијата на романо-германскиот културен тип, ќе завладее словенскиот.
Ламански јасно ја истакнал единственоста на евроазискиот континент. Тој зборувал за три целини на тој континент: вистинска Европа (романо-германска), вистинска Азија (Далечниот Исток) и средиштен свет (Русија, Источна и Југоисточна Европа). Тој средиштен свет ќе го „рециклира“ и Савицки во својот текст „Евроазиство“ (1925), промовирајќи го поимот „Евроазија“ како централен геополитички поим. За него, Евроазија е „трет континент“, континент помеѓу Европа и Азија, т.е. централен континент на кој Европа и Азија се неговите периферии. Што се прецизно Азија и Европа, според оваа концепција? За Азија се сметаат Кина, Јапонија, Кореја, Индија, Блискиот Исток и Мала Азија. За Европа се смета она што се нарекува Западна Европа, додека Источна Европа, спаѓа во средишниот континент, во Евроазија. Значи, Евроазија ја опфаќа Русија во својот европски и азиски дел, заедно со Источна Европа. Според оваа концепција, Балканот не припаѓал во овој „нов континент“, не го сметале за дел од Евроазија. Како што гледаме, под Евроазија практично се подразбира бившиот СССР и сиот тогашен дел од Источна Европа што бил под нивно влијание до 1990-тите.
Ако имаме на ум, за што ќе зборуваме веќе во следната колумна, дека денес актуелна геополитичка позиција во Русија е токму евроазиството, под чие влијание може да се каже дека е и Путин, тогаш многу е веројатно дека евроазиска Русија е неговиот „сон.“ Особено, во светло на неколкупати и во овие колумни споменатата негова изјава дека распадот на СССР е најголемата геополитичка катастрофа. Но за нашите домашни евроатлантисти нема простор за паника, Балканот, видовме, не е дел од Евроазија, нека „му ја мислат“ Чешка, Словачка, Полска…

Автор: Трајче Стојанов