Кои се овие луѓе?

Дали некој ги познава новите два члена на Судскиот совет на Република Македонија, Антоанета Димовска и Наќе Георгиев? Во морето оскудни информации за новоизбраните членови на Судскиот совет единствено впечатливи се податоците дека Наќе Георгиев доаѓа од штипската апелација, која држи неславен рекорд на оборени пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и дека десетина штипски бизнисмени поднеле претставка против него за несовесно работење, која е отфрлена како неоснована во самата квечерина од гласањето за нови членови на Судскиот совет. Антоанета Димовска, пак, е сестра на една извикана пратеничка од актуелниот СДСМ и неуспешна кандидатка за уставен судија.
Ете, овие двајца кандидати се избрани од колегите за членови на Судскиот совет, а од трката испадна само судијата – пламен навивач за националната фудбалска репрезентација, во друштво на министерот за правда и една друга обвинителка. Тогашниот историски успех на македонскиот фудбал не го наруши ни скандалот за веселото дружење помеѓу извршната власт, судството и обвинителството, но и моралните „ситници“ околу тоа дали навивачиве си платиле авионски билет, хотел и карта за влез на натпреварот.
Кои се овие луѓе?
Се сеќавам како неодамна еден мал, но бучен, сегмент од македонската јавност се вљуби во Катица Јанева и уште две обвинителки. Ги носеа на маици, смислуваа изреки дека некој бил „Катица за сè“, ги опеваа во песни, се самосликаа со амбасадори, не излегуваа од дипломатско–конзуларните претставништва на најмоќните западни земји и слично. Попусто тоа што фактите велеа дека станува збор за потпросечни и просечни правници, со развлечени студии и ниски просеци, нови семејни фиданки од судско-обвинителските кланови изврзани како црева, за личности со оскудни знаења, интелектуална ширина или културен вкус. Едноставно, СЈО беше „жариштето на сите наши надежи“, па мораше да се поддржува и да се спаси по секоја цена. Нормално, таму се истурија огромни суми пари од западните донатори, нескромен дел од токму оние финансии и „влогови“ што сега ги бараат тукашните амбасадори со издашни програми. Резултатот беше предвидлив – „секоја власт расипува, апсолутната власт расипува апсолутно“, а особено кога е создадена со противуставен акт и кога зад себе ја има само соголената и сурова моќ на странските поддржувачи (нашите генерации ги учеа познатите стихови од „Горски венец“ на Његош дека „коме закон лежи у топузу трагови му смрде нечовјештвом“, односно на македонски „кому законот му лежи во боздоганот, трагите му смрдат на нечовештина“). Специјалното јавно обвинителство стана нервен центар на корупцијата и на злоупотребата на службената должност, а уште долго ќе излегуваат приказни за тајните состаноци по Бугарија, Грција, во локали во Скопје и во македонскиот југоисток каде што македонските бизнисмени плаќале „индулгенции“ за проштевање на долговите, гревовите и прегрешенијата пред владејачката партија и нејзиното раководство.

Кои се овие луѓе?
Безмалку цели шест години јавен обвинител на Република Македонија е Љубомир Јовески, а за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред некој месец беше избран извесен Ислам Абази. Јовески пред некој ден патетично повика на формирање „национален фронт за борба против корупцијата“. Не е ни битно кој е неговиот повод за расфрлање со вакви грандиозни идеи, но нормално дека јавноста овој изблик на адреналин го дочека со потсмев и подбишега. Далеку поурнебесни беа „формалноправните“ фотографии на Абази. И едниот и другиот имаат само поддршка од своите партии за нивна тотална контрола на тековите во обвинителството, со цел да се умртви овој орган за истраги на висока корупција против врхушката на актуелната власт, но и за да се злоупотребува овој орган за политички прогон на неистомислениците, од опозициските политичари, па сè до „неподобните“ новинари.
Кои се овие луѓе?
На времето кога студирав политички науки на Правниот факултет во Скопје, врвните професори од калибарот на легендарниот Ѓорѓи Марјановиќ или Гордана Силјановска ни објаснуваа дека еден правник, политолог и новинар мора да бидат сестрани интелектуалци. Нивниот совет за напредок во кариерата беше слободното време, по крајот на работните обврски, да се посвети во читање белетристика, стручна литература, книги од популарната наука, менаџмент, економија, социологија, антропологија и така натаму. Исто така, тие советуваа стручното усовршување никогаш да не заврши, секогаш да се дополнува образованието затоа што не се знае каде еден предмет ќе го одведе некој адвокат, судија или обвинител, кои анализи ќе треба да ги изработува еден политолог и кој јавен интерес ќе треба да го брани еден новинар во неговиот авторски текст. Овие гиганти на УКИМ велеа и дека еден професионалец треба да се вклучи во јавноста, било преку стручни текстови на теми најтесно поврзани со неговата работа, било преку колумни или и преку уметнички есеи, раскази, романи и така натаму. „Правото, политологијата и новинарството се еден голем и постојан натпревар по добро пишување“ е една од мудростите што ја зедов од своето високо образование.

Животот потоа ме однесе на образование и на работа во САД, Германија и во Бразил каде што можев да следам како се избираат врвни судии и обвинители, членови на судските совети (или хомологни тела), но и како се одвиваат расправите во овие органи на правдата. Кај Американците, Сенатот ја има улогата на демократски филтер, па еден кандидат за федерален судија мора да се прикаже во најдобро светло пред соодветните конгресни комисии каде што му ја претресуваат биографијата уште од јасли, а и се обидуваат да утврдат која е моралната, правничката и политичката филозофија на предложениот кандидат, која е неговата стручност, како и која е неговата писменост. За последното се чепка по нејзините или неговите пресуди, се вивисецираат нивните стручни трудови, медиумски настапи и така натаму. Во германското судство ме плени квалитетот на нивните пресуди, чии диспозитиви може веднаш да се пресликаат во учебници по морал, филозофија, правна теорија, политички науки, социологија и така натаму, еден вид дестилирана мудрост од општествените науки. Додека, пак, Бразилците одушевуваат со квалитетот на нивните расправи во судските тела, кои јавно се пренесуваат преку каналот „ТВ Правда“, кој во живо ги пренесува расправите на нивните врвни федерални судови и на Националниот совет на правдата (нивниот судски совет), a пренесува и расправи околу поинтересни случаи од федералната апелација, како и од другите судски тела во сложената бразилска федерација. Наместо пимплање околу „член овој, алинеја онаа“ и „во согласност со ова и она“ таму прво жестоко се расправаат околу правната доктрина што треба да ја применат при одлучувањето, па дури потоа се приоѓа на правничката занаетска разработка. Но заедничко за сите овие три земји е тоа што нивните врвни судии се истовремено и врвни интелектуалци и врвни општественици, луѓе со биографија и интегритет.

Кои се овие луѓе?
Премногу долго македонските судии и обвинители беа надвор од рефлекторите на јавноста. Лузните од злоупотребата на судството и обвинителството за време на едноумието се сè уште предлабоки, како и неправдата што им се направи на многумина професионалци од фелата при генералниот реизбор на судиите и обвинителите во 1996 и 1997 година, од тогашното „еднопартиско собрание“. Деновиве имав можност поинтензивно да се дружам со луѓе од правничката фела, па ме заинтересира тоа што на прашањето „дајте ми некој пример на асален судија и обвинител“ мошне брзо се доаѓаше со имиња на личности од фелата што се единица мерка за правично судење или за одбрана на државниот интерес. Во следниот период ќе сакам да ги запознаам овие личности и да видам дали одговараат на фотороботот што ни го исцртаа врвните професори од Правниот факултет при УКИМ. Исто така, време е конечно да се вратат високиот просек и стандардизираниот тест за познавање на англискиот јазик за влез во Академијата на судии и обвинители. Веќе е одвратен непотизмот при уписот на питомци во оваа институција од 2017 година, па сè до денес. Се чини дека постои и некој невидлив критериум кандидатите да приложат и ДНК-тест дека се род со истакнат политичар, судија, обвинител, адвокат или универзитетски професор. Тоа не е нормално, дотолку повеќе што претходно барањето висок просек и положен ТОЕФЛ го плевеше непотизмот при уписот. Покрај одбраната на интегритетот на приемниот испит на Академијата на судии и обвинители, треба да се размислува и Собранието повторно да добие ролја при изборот на членовите на Судскиот совет, на врвните судии и обвинители, макар и како тело пред кое кандидатите ќе треба да ги претстават своите програми и да ги одбранат своите идеи. Каде е местото за демократска дебата и за демократски надзор, освен во Собранието на Република Македонија?

Кои се овие луѓе?
Третата власт, судството, е пресериозен дел од националниот систем на владеење за да се остави на ова дереџе. Јавноста мора да биде крајниот арбитар дали некој кандидат ја заслужува функцијата. Срамот со последните избори на членови на Судскиот совет, на врвни судии и обвинители мора да биде последен скандал во оваа фела. Време е наместо „кои се овие луѓе“ да започнеме да прашуваме „кој од овие врвни кандидати е навистина најдобар“.

Ивица Боцевски