Кој треба да биде македонскиот одговор кон војната во Украина? Постојат датуми вододелници на светската историја, датуми кога човештвото се свестува дека започнала нова историска епоха и дека се предефинирале меѓународните односи. Во мојот живот досега сведочев на три такви глобални настани, 9 ноември 1989 година кога падна Берлинскиот ѕид, 11 септември 2001 година кога беа нападнати кулите близначки во Њујорк и 15 септември 2008 кога банкротираше американската инвестициска банка Лиман брадерс. Првиот настан го означи крајот на Студената војна и рушењето на неуспешниот државен модел на реалсоцијализмот. За жал, Македонија сè уште не го дооди патот што веќе го изврвеа другите земји од реалсоцијализмот во овој дел на Европа. Сите тие веќе одамна се дел од Европската Унија и од заедничкиот европски пазар, но Западен Балкан никако да си го земе својот дел од историската дивиденда од 1989 година. Падот на Берлинскиот ѕид значеше и исчезнување на Советскиот Сојуз како геополитички чинител и подем на Европската Унија (тогаш ЕЕЗ) како глобален геоекономски и геокултурен фактор. Вториот настан го отрезни светот од „разулавените деведесетти“ и стави точка на илузиите за „крајот на историјата“. Наедно, Америка тогаш блесна на врвот на својот униполарен момент кога ранетиот американски орел ги рашири своите крилја низ Земјината топка за да се избори со исламистичките терористи што го предизвикаа. Резултатите од тогашните американски воени интервенции уште долго ќе го потресуваат Блискиот Исток, но и земјите во неговото непосредно соседство, кои се справуваат со последиците од тогашните американски воени интервенции. Третиот настан го отчука крајот на нерегулираниот капитализам, како единствена можна опција за економски развој, а сега ги гледаме рушевините зад убава фасада, во форма на глобални нееднаквости, мигрантски текови, срушени држави, но и внатрешен социјален пустош во сиромашните соседства, дури и на најбогатите земји. Но таа криза го свести светот дека една стара историска сила повторно си се востоличи на местото во глобалните односи што го држела со милениуми. „Средишното кралство“ си го врати „небесниот мандат“ и започна да го обновува историскиот Пат на свилата низ Евроазија и околу целиот глобус, овој пат и во дигитална верзија. Наедно, групацијата БРИКС укажа дека е потребно преобмислување на глобалниот финансиски поредок.
Што ли ќе доведат 24 февруари 2022 година и почетокот на руската воена интервенција во Украина? Некои тврдат дека завчера светот се разбуди во новата мултиполарност, други тврдат дека започна новата студена војна, трети велат дека Америка се врати во Европа и си го утврди својот челичен чадор над континентот, но извесно е само дека човештвото повторно ја осозна моќта на државата. Во основата на секоја држава е нејзината способност за водење војна и таа како структура е немилосрдна, посебно кога е загрозена. Глобалната пандемија, предизвикана од коронавирусот, веќе покажа колку нараснала моќта на државите и колку тие станале интрузивни во животот на секој нивни граѓанин. Вонредната состојба, веќе двегодишна, ги ограничи правата на граѓаните, посебно некогаш светите права на слобода на изразување и мирољубиво собирање. Руската воена интервенција во Украина сега ќе ги свести државите дека конвенционалната војна не е искоренета како опција за решавање на меѓудржавните судири, колку сурово ова и да звучи, па тоа неминовно ќе доведе до нова милитаризација на општествата, натамошно ограничување на правата и на слободите на граѓаните, засилена контрола на населението во секоја земја и други манифестации на државната семоќ. Ништо чудно повторно да се обнови воената обука за целокупното граѓанство, но овој пат со регрутација на сите поединци, независно од нивниот родов идентитет, потоа повторно да се прегледаат темелно списоците за резервниот состав на војските, а ништо чудно и да се обноват воените вежби за резервистите. Хомогенизација на општествата, под челичната тупаница на државата, ќе биде логичен одговор на политиката во светот.
Токму од овие причини, сега во Македонија е потребно национално единство.
Ќе биде огромна грешка доколку, при свикувањето на Советот за безбедност, претседателот Пендаровски не ги повика и Христијан Мицкоски и Зијадин Села, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса на Албанците, партии со сериозни пратенички групи во Собранието на Република Македонија, со цел и тие да бидат информирани за развојот на настаните и за одговорот на македонските институции на кризата. Исто така, претседателот потоа треба да ги брифира и Биљал Касами и Димитар Апасиев, лидерите на БЕСА и на Левица, со цел сите позначајни политички сили во Македонија да бидат вклучени во македонското справување со последиците од надоаѓачките глобални промени.
Државите што ќе ја постигнат внатрешната хомогенизација ќе зачекорат подготвени во следната етапа на светската историја. Од овие причини, токму сега е моментот за создавање севкупна и консензуална влада, со директно учество и со сериозна одговорност и за лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, БЕСА и Левица. Само на тој начин целокупниот политички талент во Македонија ќе биде вклучен во справување со последиците од кризата и сета политичка енергија ќе се троши исклучиво во државни цели. Тоа би значело дека севкупната македонска влада ќе се насочи кон обезбедување енергија (природен гас, нафта и струја) и животни намирници за македонските граѓани (пченица, сол, протеини и така натаму), потоа кон темелно преиспитување на подготвеноста на македонската војска, полиција, разузнавање и дипломатија за одговор кон сите можни видови кризи, вклучувајќи и воени закани, а на крајот и дипломатскиот одговор. Тоа би значело почитување на македонските договорни обврски кон ЕУ и кон НАТО, одржување и зајакнување на македонската дипломатска мрежа во кризниот регион и неговото непосредно соседство, помош при евакуацијата на сите македонски граѓани што ќе посакаат да се вратат во земјата, заедно со членовите на нивните семејства, како и конзуларна поддршка за сите македонски граѓани што ќе изберат да останат во подрачјата зафатени со војна.
За реализација на овие цели, нужно е веднаш да сопрат штетните и еднострани преговори со Бугарија околу нивното вето за македонскиот датум, но и да престане срамната дискриминација и исклучување од политичкиот и од институционалниот живот на Македонците што се противат на Преспанскиот договор. Македонија мора заеднички да зачекори во темнината и солидарно да го издржи налетот на ветриштата на историја, па така полесно и ќе исчекори во нормалноста кога воениот виор ќе запре и кога светот повторно ќе се врати на масата за преговори. Бидете уверени дека дури и тогаш сите земји ќе продолжат со утврдување на државата моќ и на хомогенизацијата на македонските општества.
Секој поинаков пат, бркањето на непостојни проруски вештерки, натпревар во тупање во градите и мерење на модринките кој е поголем атлантист, продолжување и заострување на клучните судири во македонското општество, е само пат кон пеколот и губење драгоцено време. Можеби другите развиени држави можат да ја остварат претстојната хомогенизација и без севкупни коалиции, но не и Македонија. Нашето општество е доволно разјадено од корупцијата што го поткопа самиот темел на македонската државност, од меѓуетничките тензии што го напрегнуваат македонското општество, но и од штетните договори од најсовремената историја, посебно Преспанскиот договор, изворот на сето зло, но и безумното преговарање со Бугарија за идентитетот.
Во дваесет и првиот век, и натаму државата е единствен облик на човеково организирање што му дава заштита и одржување на секое општество, како и услови за личен развој на секој поединец. Воената интервенција на Русија во Украина го свести светот дека не смее да се запостават и да се запустат клучните државни институции, оние што му овозможуваат водење војна, односно војската, полицијата, разузнавањето и дипломатијата, вклучувајќи го и финансискиот сектор, клучните индустриски гранки и земјоделството. Време е Македонија да ги утврди овие фундаменти на македонската државност, да ја научи лекцијата од најголемиот воен судир на европска почва по Втората светска војна, па заеднички да зачекори во неизвесната иднина, предводена од севкупна владина коалиција на сите политички сили во земјата.
Автор: Ивица Боцевски