А замислете, во Европа велат дека незаконски или неправилно набавен доказ е доказ добиен со прекршување на човековите права на една личност или набавен со прекршување на законот или процедурата – и би било нефер или неправедно да се користи. Тоа е основен принцип на правото на европските држави и правото според Европската конвенција за човекови права
Со ваков уставен суд, Македонија не мора да се грижи за својата европска перспектива. Ја нема. Правната теорија и практика на оваа држава се збогатени со уште една одлука на Уставниот суд, која го зацврстува уверувањето дека овој суд e политичка институција. Уставниот суд одлучил да не поведе постапка за иницијативите за оценување на уставноста на членот 110 од Законот за јавното обвинителство од 2020 година, кој предвидува дека обвинението не може да биде засновано врз основа на незаконски прислушувани материјали, освен во предметите на поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО) што се поднесени до надлежните судови заклучно со 30 јуни 2017 година, во согласност со Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, попознат како Закон за СЈО. Зарем по ова има што да се коментира за нашиот уставен суд и правосудниот систем во државава? Или треба да бидам изненаден од неговата политичка непристрасност? Според моите познавања од правото, особено на Европската конвенција на човековите права, „доколку во судска постапка се користени докази, па макар и индиции што се добиени преку незаконски методи на следење на комуникациите, истите тие ќе бидат недозволиви пред судот. Или да го цитирам Европскиот суд за човекови права: „доказите од незаконското следење не треба да се користат во кривичната постапка“. Исто како и одлуката на нашиот уставен суд. Со тоа што прави исклучок за случаите на СЈО – којзнае зошто? Можеби станувало збор за случаи на тероризам или едноставно насилна промена на власта. Очигледно е ова второво.
Ваквата одлука на Уставниот суд потврдува дека ние цврсто газиме на безалтернативниот пат кон Европската Унија. Зарем некој се дрзна да помисли дека Уставниот суд се загрижи за правата и слободите на граѓаните, особено за правото на правично и фер судење, или за правата на приватност, сѐ додека бескомпромисно одлучувал за т.н. бомби на Заев. Тоа е македонскиот европски пат: кога судот така елегантно и „политички непристрасно“ го затвора прашањето на т.н. милозвучни „бомби“ на Заев. А замислете, во Европа велат дека незаконски или неправилно набавен доказ е доказ добиен со прекршување на човековите права на една личност или набавен со прекршување на законот или процедурата – и би било нефер или неправедно да се користи. Тоа е основен принцип на правото на европските држави и правото според Европската конвенција за човекови права.
А специјалната обвинителка во времето на „правната ренесанса“ нѐ убедуваше дека може да гони и обвинува врз основа на незаконски набавените прислушувани разговори чија веродостојност не мораше да биде потврдена во правото, а на обвинетиот лежела обврската да ја докажува својата невиност. Зарем некој очекуваше повеќе од правници од ваков калибар што едвај дипломирале, со очаен просек под просечниот. Е, тоа се вика бесполезно потрошени пари за реформа на правосудниот систем во Македонија. Тоа е цената кога се плаќа за правен дилетантизам.
Исто така, во Европа велат незаконски или неправилно набавените докази од масовните прислушувања го прекршуваат правото на поединецот на приватен живот според членот 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Зашто би се грижел нашиот уставен за ова кога имаше јасно зададена задача од власта. Сигурно од него не се бараше да ги штити Уставот и правата на граѓаните. Уставните судии имаа задача да ја покријат и правно оправдаат политичката злоупотреба на нелегално прислушуваните разговори, како и криминалното постапување на СЈО и одмаздничкиот занес на власта и шарените.
Затоа и целиот наратив и правни дилеми околу „бомбите“ на Заев ми се малку хаотични, давајќи ми шанса да ја согледам соголената слика на нашиот правен систем и заштитниците на правата на граѓаните во оваа држава. Многу прашања останаа неодговорени во поглед на масовното прислушување, исто како и во случајот на „големото уво“, кое успеа да генерира криза во државата и промена на власта. Во сиот занес и возбуда за „бомбите“ и хранејќи го малограѓанскиот порив за вербална онанија беа заобиколени правниот систем и човековите права. Всушност, политиката ги диктираше и насочуваше правните дилеми што едно вакво масовно прислушување ги генерира. Правото ѝ беше слуга на политиката, а обвинителството и судството егзекутор. И, гледам, продолжува да биде.
За многумина Асанж и Сноуден, кои објавија доверливи владини документи за постоењето на владини програми за надзор, имале морална обврска да дејствуваат во име на јавното добро. Криминалци или херои? Правниот систем на САД беше јасен – ги третира како криминалци: „со објавување на информациите од прислушуваните разговори и тајната преписка наместо да се пријави преку правните канали, се прекрши законот“. Кај нас, македонскиот Асанж или Сноуден (како милувате) стана премиер на државата. Правниот систем немаше дилеми – го третираше како херој. А гледам нема дилеми околу тоа и Уставниот суд. Но, затоа ние имаме дилeма.