Бугарија влегува во Македонија

Преку внесувањето на Бугарите во Уставот претстои уставен процес за преобликување и преуредување на државното и општествено устројство на Македонија, различно од досегашното. Само наивните може да мислат дека целта на Бугарија е да бидат запишани во Уставот само оние 3,5 илјади македонски Бугари, колку што се изјасниле на последниот попис. Вистинската цел на Бугарија е на голема врата, легално, со дозвола на македонските власти и пратеници, да влезе и да се замеша во внатрешните работи на државата

Не! Насловот не е погрешен. Можеби не е најточен, но не е невистинит. Со малку трпение, ќе прочитате и зошто.
Како што минува времето се зголемува потенцијалот за погрешни калкулации, шпекулации и конфликти поврзани со најавените промени на Уставот на Република Македонија, сега Северна. Ако по утрото денот се познава, ништо нема да биде лесно. Тежината си ја знае Владата, која се нафатила да спроведе нешто што е спротивно на мислењето и волјата на мнозинството од граѓаните, особено на Македонците. Удирањето во гради на власта дека не се плаши од народот може да ѝ донесе привиден успех, а големо прашање е дали и конечна победа, во која се надева.
Како сведоштво за комплицираноста и можните негативни реперкусии може да посведочат протечените информации за големата расправија меѓу членовите на таканаречената работна група за уставни измени. Можеби се претерани, но интерните извори велат дека првиот состанок поминал со препирки, закани, жестоки спротивставувања во дискусиите, на раб на прекин. По кршењето на копјата била дадена своевидна пауза да се смират духовите, да се подизгаснат пројавените демократски, национални и националистички страсти. Главниот арсенал го употребиле некои од претставниците на помалите албански партии, кои се заканиле дека ќе ја напуштат групата ако не се прифатат нивните предлози за укинување на квотата од 20 отсто.
Не е само тоа во прашање. Повеќепати е напишано дека впишувањето на Бугарите во Уставот не е механичка и проста процедурална операција, како што се трудат да ја прикажуваат од владејачките партии. Не е едноставна затоа што е земена обврска во Уставот, во преамбулата и во нормативниот дел, да се преточат Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017-та, како и Билатералниот протокол од јуни 2022 година. Во нив и од нив произлегуваат факти и настани од заедничката историја што ги поврзува двете држави и нивните народи. Делови од тоа заедништво, лесно прифатено од македонските власти, треба да се преточат и во уставните амандмани.
Во овој контекст вреди да се наведат неколку факти.
Имено, само со промена на Уставот во согласност со наведените акти, Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија. Од своја страна, македонската влада (и Собранието) се согласила следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако ќе влезe во сила измената на Уставот, со вклучување во него на оние нејзини граѓани што живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ. Тоа треба да се направи во согласност со внатрешните процедури, вклучувајќи и преку донесување уставен закон за нивно спроведување.

Внимавајте: не се менува само Уставот во неговите два дела туку Собранието е обврзано да донесе и уставен закон за нивно спроведување. Никој нема објаснето што значи таа опција, односно каков третман ќе добијат Бугарите и во тој уставен закон. Од него, пак, ќе произлезе потребата од менување на стотина други закони.
Во една уставна амандманска одредба, Северна Македонија ќе треба да потврди дека „ништо во нејзиниот устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се граѓани на Република Северна Македонија“. Многу е јасно дека со прифаќањето на тој амандман Македонија дефинитивно уставно и за навек се откажува од македонското малцинство во Бугарија, со што принципот на реципроцитет во односите се прогласува за мртов. Нема Македонци во Бугарија, останува отворено прашањето дали во иднина ќе има Македонци во Македонија.
Во Уставот ќе треба да постојат посебни одредби за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Македонија, за нивно слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница. Исто така треба да се гарантира слободно употребување на симболите на нивната заедница, што подразбира знамиња, грбови, настани, ликови, отворање клубови и здруженија. Се разбира, тука е и заштитата на бугарското културно наследство, во кое Бугарите го вклучуваат безмалку целото македонско културно наследство.
Засега ова се барањата на Бугарија што Македонија мора да ги вклопи во Уставот ако сака да ѝ се отвори европскиот пат. Но и тоа не сѐ. Дури и европски експерти се на мислење дека Македонија може да очекува исполнување на нови серии барања, почнувајќи од идентитетски прашања до деловни зделки.
Сето погоре кажано значи дека преку внесувањето на Бугарите во Уставот претстои уставен процес за преобликување и преуредување на државното и општествено устројство на Македонија, различно од досегашното. Само наивните може да мислат дека целта на Бугарија е да бидат запишани во Уставот само оние 3,5 илјади македонски Бугари, колку што се изјасниле на последниот попис. Вистинската цел на Бугарија е на голема врата, легално, со дозвола на македонските власти и пратеници, да влезе и да се замеша во внатрешните работи на државата. Новиот македонски устав ќе ѝ послужи да ги добие претпоставените лостови. Тој ќе биде легалната алатка преку која долгорочно ќе диктира бугарски услови по нивна волја, со наша беспомошност.

Целата сегашна ситуација покажува дека Македонија живее во историски неповолен период, што може да изроди низа негативни импликации, особено за македонскиот народ во неа. Особено што Европската Унија не ѝ е наклонета, се однесува императорски наместо демократски. Нашата држава со затворени очи живее во предизвици и стравови, со погрешни перцепции и лажни надежи за вистински решенија. Целиот политички систем и нејзиното актуелно раководство се слаби да се спротивстават дури и на оние процеси за кои и самите знаат дека се на долгорочна државна и национална штета. Таа не е економски витална, општествено стабилна, државно одговорна и силна,стратегиски промислена и не се потпира на лекции на историските искуства, особено со Бугарија.

[email protected]