Кога не знаеш за што се работи – се работи за пари и ствари

Повеќе од јасно е дека се гради нов светски поредок, а за да настане тој, треба добро да се измешаат коцките. А кој ќе ја плати сметката се знае, со сигурност – помалите

Сите овие случувања имаат силни економски импликации врз македонската економија. Имајќи предвид дека светот е едно „големо село“, земјите се заемно поврзани повеќе од кога било, и затоа и проблемите се прелеваат од една на друга земја и сектор. И сега, во ваква ситуација, исправени пред тотална неизвесност, соочени со огромни проблеми, кај кого да одиме и да се жалиме. Со сите овие работи што не се предизвикани од нас, а носат финансиски загуби што ќе ја нарушат ликвидноста, ќе го доведат во прашање опстанокот на компаниите и работните места. Ние да штрајкуваме како синдикатите, не можеме. Ние ја знаеме реалната состојба со јавните финансии.

Свесни сме дека развојот на регионалните бизниси не е лесен процес.

Е, сега, бидејќи сето ова е непредвидливо, единственото нешто предвидливо може да биде стабилна даночна политика до крајот на годината, која нема да се менува, навремено плаќање на обврските на јавниот сектор спрема приватниот и навремено враќање на ДДВ.


СВЕТОТ ПРЕД ДИЛЕМА

  •  Да биде двополарен или триполарен.
  • Тоа значи дека конечно Кина влегува во големата игра. И тој факт не може да се занемари; особено за економијата.

Меѓутоа, по сѐ изгледа „господинот долар“ ќе мора да добие партнер или партнери.


ЕВРОПА И РЕГИОНОТ ПРЕД ТРИЛЕМА

  • Дилемата што е за светот ќе предизвика тектонски реакции во Европа и во регионот. Зошто, нели, нафтата е движечка сила секаде.
  • Прашањето на гасот во новите прегрупирања избива во прв план. Од него ќе зависи состојбата во европската економија, но и во регионот. А тоа во регионот значи, дома кај нас.

ДРЖАВАТА ПРЕД ПРЕДИЗВИЦИ

  •  Да обезбеди енергенти во доволни количества.
  •  Да ги стабилизира цените ако е можно.
  •  Да ја задржи ликвидноста.
  •  И на сето згора да обезбеди поддршка за ранливите категории.
  •  Ребаланс на буџетот.
  •  Издавање еврообврзница.
  •  Склучување аранжман со ММФ за претпазливост.

ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ПРЕД НЕИЗВЕСНОСТ

  • Драстичниот раст на цените и недостигот од суровини неопходни за производство во земјава, што е проблем и во глобални рамки (недостиг од метал и микрочипови за автомобилскиот сектор и ѓубрива неопходни за примарното земјоделско производство).
  • Струјата е драстично зголемена, бидејќи се набавува по трипати поскапа цена на берзата по HUPEX цени.
  • Договорите за јавни набавки на компаниите од различни сектори склучени на подолг рок (над една година), со фиксни цени што во услови на континуирано речиси дневно менување на цените ја доведуваат во прашање исплатливоста на реализацијата на веќе склучените договори, а се најавува и повлекување од новите тендерски постапки.
  • Проблеми во инвестициските активности.
  • Носење закони по брза постапка, го усложнува бизнис-амбиентот во компаниите.

Автор: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија