Една од најразумните и најмудри личности во бугарскиот политичко-општествен живот во изминативе триесет години, покрај поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, е Симеон Сакскобурготски. Колку и да звучи апсурдно, станува збор за последниот бугарски цар Симеон Втори, кој по смртта на својот татко стана владетел на Царска Бугарија, во 1943 година.
Но да ја оставиме историографијата настрана и да говориме за Симеон Сакскобурготски како современ бугарски политичар. Во 2001 година го создаде националното движење „Симеон Втори“, победи на парламентарни избори и го доби мандатот за формирање влада.
Во 2003 година, последниот бугарски цар, во својство на премиер, официјално ја посети Македонија. Неговата посета требаше да претставува ново поглавје во македонско-бугарските односи и многумина се надеваа дека ќе дојде до унапредување на пријателството помеѓу двете држава. Според протоколот, Симеон во придружба на домаќинот, тогашниот премиер Бранко Црвенковски, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, а неговиот престој во Македонија заврши во Охрид, со посета на катедралата црквата „Света Софија“, каде што изведба имаше пијанистот Симон Трпчевски.
Денес, доколку запрашаме за впечатоците на посетата на Симеон Сакскобурготски на Македонија, многумина ќе говорат за многубројните униформирани полицајци што се грижеа неговата безбедност. Но малкумина се сеќаваат на неговата изјава за македонските медиуми. Последниот бугарски цар во Скопје беше запрашан кога Бугарија ќе ја промени политиката кон Македонците, вклучувајќи го и односот кон македонското малцинство што живее во бугарската држава.
Одговорот на Симеон беше едноставен: „Тоа ќе се случи кога ќе се променат ‘чиповите’ во главите на Бугарите“. Не знам дали некој ја разбра неговата порака, меѓутоа Симеон веруваше дека со текот на годините, особено со општествениот развој на Бугарија, поттикнат од членството во Европската Унија, рационалното ќе се замени ирационалното видување на нештата. Со други зборови, Симеон веруваше дека Бугарија ќе се оформи како либерална демократија. Од денешна перспектива, колку и да звучи чудно, царот Симеон беше последниот бугарски политичар што низ реална призма ги гледаше односните помеѓу Бугарија и Македонија, односно заемно почитување на двете страни.
Изминаа осумнаесет години од изјавата на Симеон, но „чиповите“ во главите на Бугарите не се променија. Рационалната мисла не само што не ја замени ирационалноста, туку, напротив, ирационалноста целосно доминира во бугарското општество. Затоа денес, истовремено, Бугарија не го признава македонското малцинство, а од Македонија бара да ги внесе Бугарите во нејзиниот устав.
Меѓутоа апсурдот не завршува тука! Деновиве во бугарските медиуми можевме да прочитаме дека признавањето на првата на Македонците со бугарски национален идентитет го вклучува и признавањето на нивното право да ги изучуваат своите историски корени. Со други зборови, по вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, да им се овозможи изучување на бугарската историја (поточно бугарското видување на историјата) во македонското образование.
За оние што не разбираат, всушност се бара бугаризација на Македонците, бидејќи наставата нема да ја посетуваат возрасни личности, туку македонските ученици.
Решението на македонско-бугарските односни лежи во заемното почитување, а ирационалните бугарски барања водат кон ќор-сокак. Одговорот уште пред неколку години го даде поранешниот македонски премиер Бранко Црвенковски, кој истакна: „Да се признаат засебноста на македонскиот народ и засебноста на македонскиот јазик. Јас ви тврдам ако тоа прашање се реши, а може да го реши само бугарската страна, почитувајќи го тоа право, во тој момент нема да постои никаква претпазливост или воздржаност во односите помеѓу двете земји и двата народа“.