Кога авторитаризмот ви личи

Како што ескалира политичката криза за промена на Уставот, еден вознемирувачки тренд во Македонија станува сѐ повидлив: тоа е процесот на трансформирање на државата од демократија во диктатура. За цензурата и самоцензурата не сакам да говорам. Она што сериозно загрижува се сѐ погласните повици за забрана на дејствувањето на најголемата опозициска политичка партија во државава. Се бара со „примена на законски и уставни одредби во име на државните интереси, или поточно интересите на владејачките партии, да се спречи опозициската партија во својата злосторничка мисија да ја дестабилизира Македонија“. Каде што како „злосторничка мисија“ се смета нејзиниот политички став да не ја поддржи промената на Уставот поради вклучување на Бугарите во него. Слично како во 2015 година кога се бараше со закон да се спречи ВМРО–ДПМНЕ да учествува на избори. За заканата од можна забрана за политичко дејствување опоменува и потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ. Застрашува е самата помисла дека е можно слободно избраните политички лидери да ја украдат слободата во државата. Она што е непоимливо во демократијата одеднаш станува сѐ поизгледно дека е можно кај нас. А како да не биде можно кога автократите бескрупулозно ја напаѓаат демократијата во Македонија и се свртуваат кон корумпирани и нелиберални форми на владеење.

Веќе со години, авторитарните тенденции на власта се во офанзива, додека либерално-демократските практики сѐ повеќе се отфрлаат. Во односите меѓу политичките субјекти во државата, конфликтите, принудата и нападите врз легитимноста на клучните принципи и демократски институции се размножија на сметка на дијалогот во добра вера и потрагата по заеднички интереси. Со руинирано судство, со галванизирано владеење на правото, со дегенерисана поделба на власта и корумпирани политичари се обликувани контурите на една нова, понасилна и помалку демократска фаза од историјата на оваа држава. Со фантизираната потреба на власта да го менува Уставот по секоја цена, станува очигледно дека либералната демократија повеќе не преовладува како претпоставена цел на националниот политички развој. Македонија денес се движи кон својата последна дестинации: од сивата зона на хибридното владеење кон бездната на целосната автократија, каде што навидум демократските структури ги побиваат недемократските практики.

За наша голема жал, движењето на Македонија кон бездната на автократијата е генерирано од потребата да се акцелерира процесот на евроинтеграциите по секоја цена, отфрлајќи ја либералната демократија и прифаќајќи ги персоналистичките форми на авторитарно владеење, во кои моќта на државата е концентрирана во рацете на мала група политичари од власта. И како што овие личности ги потиснуваат либералните демократски норми и принципи дома, гледајќи ги како закана за нивното задржување на власт и нашите евроатлантски аспирации, исто така тие се обидуваат да го неутрализираат демократскиот притисок однатре, без разлика дали со манипулирање на медиумите, корумпирање странски елити или, во нашиот случај, со обид да се скрши секаков обид на критична слободна мисла и опозициско политичко дејствување. Затоа не треба да нѐ изненадува што Македонија е означена како држава со хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако започна непрекинатиот период на демократски пад во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Македонија и Србија. Во истиот период, три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридните режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија. Ваквите режими во кои сме и ние како држава комбинираат елементи на демократија и авторитарно владеење. Овој режим е изграден на големата лага. А големата лага оди дотаму што бара кај нас да се забрани политичкото дејствување на опозицијата и да се задуши слободната критичка мисла. Фали уште овој чекор на власта за конечно да се позиционираме како автократска држава.

Зарем некој можеше да поверува дека прашањето на Бугарите и нивното вметнување во Уставот ќе стане лакмус-тест за демократијата во Македонија? Дека ќе ги поттикне авторитарните тенденции на политичарите, слично на оние во комунизмот кога нѐ плашеа дека заканата за Македонија доаѓа од Истокот. Кога гледам што сѐ се случува во контекст на овој процес, мислам дека Пандорината кутија на комунизмот никогаш не ја затворивме во Македонија. А со неа и прикриениот авторитаризам кај нашите политичари. Сега можеме да ја видиме грдата слика на демократијата во Македонија. Не дека досега гледавме некоја друга, но сега гледаме дека семето на авторитаризмот од комунизмот имало плодна почва повторно да изрти кај нас. Затоа вие од власта дајте посилно и побрутално. Знаете вие како треба. Имате историја зад тоа. Тоа е вашето наследство од комунизмот од кое гледам не може да се ослободите. Затоа забранувајте, поткупувајте, затворајте, заплашувајте. Бидете свои. Можеби патриотизмот не ви личи, но дефинитивно авторитаризмот ви личи.