Климатските промени убиваат луѓе иако нема воено оружје

На 30 ноември 2023 година, во Дубаи (ОАЕ), почна годишната конференција за климатски промени наречена КОП (Conference of Parties). Оваа конференција е 28. по ред во рамките на Обединетите Нации (ОН) и нејзината конвенција наречена Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ).
Не се сите задоволни што КОП28 се одржува во ОАЕ, држава што е на седмото место во светот по производството на нафта, а на десетто место по производството на природен гас. Со конференцијата претседава султанот Ал Џабер, шеф на „Аднок“, најголемата нафтена компанија во ОАЕ. Очигледно е дека постои противречност, но тоа е богата земја и има услови добро да ги пречека и угости учесниците.
Предвидено е да има околу 70.000 учесници од 197 земји плус ЕУ. Како и на минатите и на оваа конференција ќе дојдат претседатели и премиери на држави, министри, национални преговарачи, претставници на меѓународни организации, од граѓански здруженија, од компании и др. И минатите КОП беа масовни, а некои ги истакнуваа како (многу) успешни. А какви се резултатите денес? Одговорот може да се опише со еден збор: КАТАСТРОФА.
Климатските промени постојано се интензивираат, а како последици се јавуваат сѐ поголеми катастрофи: поплави, силни урагани, топлински бранови со многу високи температури, шумски пожари, штети во земјоделството, на растителниот и животински свет, но најболно е дејството врз животот и здравјето на луѓето.
Илјадници луѓе ги загубија животите од временските катастрофи, тие беа убиени од климатските промени. Станува збор за илјадници жртви, а ако се соберат заедно од минатите години, бројот е повеќе милиони жртви. Тие не беа убиени со воено оружје, туку на перфиден начин како последица од борбата за профит. Тука е клучот на проблемот со климатските промени: борбата за профит. Денес речиси во целиот свет има капиталистичко уредување што се заснова на пазарна економија, во која главна цел е остварувањето профит. Цените на горивата (нафтата и гасот) се релативно високи, не затоа што имаат високи трошоци на производство, туку се користат стекнатите позиции поради големата побарувачка.

А во случаите на појава на некоја политичка или воена криза, цените на горивата стануваат уште повисоки.
И информирајте се кои земји се најголеми производители и кои компании се најголемите рафинерии и трговци со нафта и гас (фосилни горива). Кај компаниите што експлоатираат и тргуваат со нафта и гас доминираат оние од развиените земји. А знаете ли кој е најголем производител на нафта и гас во светот? Не е Русија, не е ниту Саудиска Арабија. Тоа се САД, кои избија на чело по воведувањето на технологијата на вадење нафта и гас од шкрилци некаде од 2010 година. Наместо да го намалуваат производството на фосилни горива, тие драстично го зголемуваат.
Решавањето на проблемите со климатските промени зависи најмногу од производителите на фосилните горива, бидејќи емисиите на ЦО2 се создаваат од нивното согорување. Во врска со трговијата со фосилни горива има разни даноци, акцизи и други давачки што одат директно во буџетот на државите. Затоа, тие држави нема толку лесно да се откажат од тие приходи иако во јавноста изјавуваат дека се борат за намалување на климатските промени. Политичарите често даваат изјави дека се залагаат за инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ), но кај најголемиот дел од нив тоа е ставање шминка во секторот енергија. Парите и лобирањето се исто така атрибути на пазарната економија. Тие креираат погрешна перцепција кај населението. Еве еден типичен пример за Република Македонија. Во јавноста е креирана перцепција дека природниот гас е еколошко гориво, а тоа не е точно.
Уште пред неколку децении научниците беа јасни со своите предупредувања за климатските промени, тие исто така беа јасни и за решенијата: транзицијата кон ОИЕ мора да има приоритет за да се минимизира количеството на стакленички гасови исфрлени во атмосферата. Плус, ако сакаме да имаме шанса да создадеме иднина за живеење на нашата планета, не може да има нов развој на проекти за фосилни горива. Токму ова политичарите не сакаат да го слушнат. Додека тие ги прифаќаат и ги прошируваат обновливите извори на енергија, многу влади, вклучувајќи ги и САД, Обединетото Кралство и некои ЕУ-земји продолжуваат со давање зелено светло за нови полиња за гас и нафта.

Мал е бројот на земјите што навистина ја намалуваат потрошувачката на фосилни горива и имаат значителни инвестиции во ОИЕ. Тоа се сигурно некои богати земји, кои имаат голем економски потенцијал. Има разни организации и граѓански здруженија што се борат против климатските промени, но нивното дејствување не е толку моќно за да има забележителни резултати.
Светската метеоролошка организација (ВМО) истакна дека е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега и, во 2022 година, атмосферските концентрации на стакленички гасови за првпат достигнаа зголемување од 50 отсто над прединдустриските нивоа (од 1850 г. наваму).
А последниве 30 години се одржани 27 годишни конференции (КОП), во тек е КОП28.
Секое мое пишување за климатските промени ќе го завршувам со следнава изјава:
Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

(Авторот е професор на Машинскиот факултет – Скопје и уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН во 2002 г.)