Доколку се осврнеме на кирилицата воопшто, во определен период таа како да ја изгуби својата привлечност, па во имиња, називи, фирми се користеше исклучиво латиницата, што, секако, беше малку тажно. Но, истражувањата велат дека почнувајќи од 2016 година кирилицата повторно почна да си го враќа својот сјај, и тоа на глобално ниво. Денес можеме да видиме дека сѐ почесто се користи кирилското писмо кај фирмите, кај брендовите, многумина дизајнери од различни области ја земаат или како основа или како инспирација
Во својата долга традиција македонскиот јазик има поминато низ многу премрежиња коишто се запишани во домашната, но и во светската историја, во историјата на македонскиот јазик и воопшто во науката. Кирилското писмо во различни варијанти за различни јазици е присутно кај голем дел од словенската група – сите источнословенски, а на јужнословенскиот јазичен ареал со него покрај македонскиот, се користи и во српскиот и бугарскиот јазик, а во црногорскиот напоредно се користат и латиницата и кирилицата. Надвор од словенскиот јазичен ареал денес дури 74 несловенски јазици ја користат кирилицата, од кои дел се помали, но постојат и јазици со огромен број говорители како што е монголскиот. Секако, на користењето на кирилицата во несловенските јазични средини влијаеле словенските јазици од нивното соседство, особено рускиот.
Доколку се вратиме на македонското јазично подрачје, кирилицата од нејзиното усвојување во 1945 година како официјално писмо на македонскиот јазик, што, пак, никако не смее да се сфати дека претходно постоело некое друго писмо или дека претходно не постоел македонскиот јазик, до денешен ден мошне успешно ја извршува својата функција – графичко пренесување на звуците, со цел говорот да се предаде во писмена форма. Повторно треба да се напомене дека со кирилското писмо се користеле голем број македонски писатели, интелектуалци, мислители од крајот на 19 и почетокот на 20 век, како што се Крсте Петков Мисирков, Партенија Зографски, Димитар Миладинов, Теодосиј Синаитски, Марко Цепенков, Војдан Чернодрински и многумина други.
Она што е мошне карактеристично за современото македонско кирилско писмо е што, со оглед на доцната кодификација и усвојувањето на македонската азбука, тоа е модерно, во целост ги задоволува барањата на јазикот и е мошне функционално. Ова е мошне важно во поглед на описменувањето на младото поколение, зашто тоа не се соочува со тешкотии при учењето на писмото, така што македонското население не е обременето со огромен број ортографски правила, исклучоци итн. При пишувањето на македонски јазик буквите од македонската азбука мошне прецизно ги предаваат фонемите, особено кога станува збор за меките согласки како што се Њ, Љ, Ќ, Ѓ, за звукот што го предава буквата Ѕ итн.
Во определен период од современото живеење кирилицата некако како да почна да го губи приматот и многумина во секојдневните преписки почнаа да ја користат латиницата. Ова не беше случај само со македонскиот јазик, ами и со други словенски јазици што ја користат кирилицата, а најочигледен беше случајот со српскиот јазик, каде што, во голем дел и поради постоењето на српско-хрватскиот кога двете писма се користеа подеднакво, латиницата излезе во преден план. Откако по извесен период се консолидираа нештата, дојде ерата на компјутерите кога се бараа кирилски фонтови, кои потоа беа заменети со поддршка, па се појавија мобилните телефони, смартфоните и други гаџети коишто не поддржуваа кирилица, односно каде што не постоеше избор за македонска азбука. Денес овој проблем е надминат (иако постојат проблеми при печатењето особено со курзив), така што корисниците на македонскиот јазик имаат можност да изберат македонска азбука. Она што се забележува е дека кирилицата на социјалните мрежи на почетокот на нивното постоење најпрво беше исклучок, но денес во најголем дел таа редовно се користи. Можеме да забележиме дека имињата и насловите на овие мрежи се најчесто напишани со латиница, а најчестото оправдување за ваквата состојба корисниците гледаат во тоа дека на тој начин ќе бидат повидливи за странците. Тука треба да се спомене и уште еден интересен случај од секојдневието, а тоа е користењето на кирилицата во комуникацијата со СМС. Доколку се обидете да користите кирилица, ќе забележите дека една буква ви се брои како две латински, односно за да напишете една порака од 160 знаци ќе треба да платите како за две пораки, што е апсурд.
Доколку се осврнеме на кирилицата воопшто, како што веќе реков, во определен период таа ја изгуби својата привлечност, па во имиња, називи, фирми се користеше исклучиво латиницата, што, секако, беше малку тажно. Но, истражувањата велат дека почнувајќи од 2016 година кирилицата повторно почна да си го враќа својот сјај, и тоа на глобално ниво. Денес можеме да видиме дека сѐ почесто се користи кирилското писмо кај фирмите, кај брендовите, многумина дизајнери од различни области ја земаат или како основа или како инспирација. Она на што сме сведоци е дека, на пример, скопскиот бренд „Шизик на ризик“ во своите креации мошне често користи кирилица и тие производи се најбарани, а голем удел во таа приказна секако им припаѓа и на типографските дизајнери, а кај нас за тоа е најзаслужен Ласко Џуровски, којшто последниве години е мошне посветен на создавање нови македонски фонтови.
Емил Ниами
(Авторот е славист)