Предизвиците со кои, главно, се соочува и со кои треба да се справува кирилицата во нашата држава можеме да ги подведеме под две групи: едната се однесува на начините како да се справи кирилицата со сè поголемиот експанзионизам на латиницата, особено кај: етикетите на производите за продажба (кои неретко се и македонски), натписите на фирмите, на претпријатијата, на индустриските објекти, на угостителските и други објекти во кои се врши услужна дејност и др.; и втората – како да ја заштитиме правилната употреба на македонската кирилица во печатената форма, особено во закосените (итализираните) букви, како: б, т, п, д, г и ѓ
Македонската кирилица, како и секое друго писмо, има свој историјат. На македонска почва тој историјат започнува со епиграфскиот споменик познат под името Самоилова надгробна плоча од 993 г., како и со најстарото кирилско четвороевангелие од 12 век, Добромировото, во кое се одразени јазичните црти на македонската црковнословенска варијанта. Прескокнувајќи ги вековите што следуваат, во кои, главно, се користи црковнословенската кирилица, стигнуваме до 19 век, во кој нашите автори, како што се: Крчовски, Пејчиновиќ, Џинот, Синаитски, Жинзифов, Миладинови, Прличев и др., во своите книжевни дела по свое видување си прават сопствени јазично-изразни идиоми што ги претставуваат низ своите сопствени своевидни правописи, како и низ сопствениот подбор на букви за бележење на гласот ј, како и на гласовите што ги нема во „старата кирилица“, како што се: ќ, ѓ, љ, њ и џ. При непостоење стандард за нивно бележење, нашите автори од 19 век, секој одделно, прибегнувале кон најразлични решенија, а понекогаш и кон позајмувања од други азбуки. Ова го илустрираме со примерот за буквата ќ, која се предава со следниве знаци: ћ (Пејчиновиќ, К. Петковиќ, Ѓ. Пулевски, Т. Попов и др.); к + ѧ, ю, ѣ (Крчовски); к + я, ю, ѣ (ѥ), ь (К. Петковиќ – во некои текстови, Миладиновци, Пулевски – во некои текстови и др.); т + ј (П. Зографски); к + ь (Цепенков и др.); к + ј (Т. Попов – во некои текстови). Како што може да се види од претходно кажаното, ова колебање во однос на бележењето на гласовите што ги нема во другите словенски јазици се одразува и кај еден ист автор од ракопис до ракопис. (Сп. погоре Крчовски за гласот ќ или К. Петковиќ при бележење на гласот ѓ, што го следиме низ пишувањето на личното име Ѓоше, како Гоше, Гiоше и Гјоше!) Дваесеттиот век е оној најзначајниот за македонскиот јазик и за неговото кирилско писмо. Во самиот почеток на овој век се појавува Мисирков, кој, со својот кристално чист став за изгледот на современиот македонски јазик, ги потврдува ставовите на Пулевски од 80-тите години на 19 век за посебноста на македонскиот јазик, кој не е ниту српски ниту бугарски – ами свој, МАКЕДОНСКИ! Четири децении подоцна визиите на Мисирков ќе се материјализираат во решенијата од Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944 г.) за тоа дека во основата на македонскиот литературен јазик треба да се најдат говорите од Централна Македонија, а писмената реализација да се одвива со македонска кирилица ослободена од црковнословенски анахрони графемски решенија, туку врз современ фонетски принцип, што значи: секој глас да си има своја буква, со што 44-те букви од црковнословенската кирилица се сведуваат на бројката 31, колку што изнесува бројот на буквите во современата македонска азбука!
Кирилицата – за разлика од глаголицата, која е запретана во нашето далечно средновековие под бедемите на древниот Охрид – е жива, еластична, разиграна и подготвена да ги прегрне предизвиците на новото време. Предизвиците со кои, главно, се соочува и со кои треба да се справува кирилицата во нашата држава можеме да ги подведеме под две групи: едната се однесува на начините како да се справи кирилицата со сè поголемиот експанзионизам на латиницата, особено кај: етикетите на производите за продажба (кои неретко се и македонски), натписите на фирмите, на претпријатијата, на индустриските објекти, на угостителските и други објекти во кои се врши услужна дејност и др.; и втората – како да ја заштитиме правилната употреба на македонската кирилица во печатената форма, особено во закосените (итализираните) букви, како: б, т, п, д, г и ѓ.
Според моето мислење, во однос на првиот проблем во голема мера може да придонесе почитувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, кој, особено, во членовите 6 и 7 ги пропишува сферите и областите за задолжителна примена на кирилицата, а во членот 41 став 1 предвидува усогласување на законите во кои се содржани одредби за употреба на македонскиот стандарден јазик со одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик, кој беше изгласан во македонското собрание во февруари годинава. Непочитувањето на овој Закон ќе биде санкционирано со глоби предвидени во самиот закон, а преку Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, кој допрва треба да биде формиран, најверојатно, наесен, со конституирањето на новата Влада на РМ.
Во однос на вториот проблем, решението за него веќе подолго време во нашата средина го има графичкиот работник и еден од нашите најпознати изработувачи на фонтови, г. Ласко Џуровски, кој во неколку наврати и при разни пригоди нуди соодветни решенија, како што се: користење унифицирани македонски фонтови во сите државни институции, издавачки и печатарски куќи итн., откупување соодветни места во Уникод-системот за одделни букви што ги има само нашата, македонската кирилица итн. За жал, ниту откупувањето вакви буквени места може да го направи самиот тој, ниту, пак, може да се рашири мрежата за правилна употреба на кирилицата без поддршка од државата и нејзините соодветни институции. Оттука, апелирам идната влада, а особено министерствата за култура, за информатичко општество, за образование и наука, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Советот за македонски јазик при новоформираната Влада на РМ – што побрзо и без одлагање да пристапат кон решавањето на овој проблем, кој е актуелен, а не се решава повеќе од две децении.
Елка Јачева -Улчар
(Авторката е научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје)