Многу го сакам карневалот Нордистан. Карневалот што не завршува, откако започна. Секојдневно ме развеселува до солзи и морници. Можат да му позавидат сите светски карневали, од Рио до Вевчани. Особено се радувам на странски туристи. Како оној Џамбаски од Бугарија, кој дојде маскиран во вистинското лице на Европската Унија. Накитен од глава до петици со европски вредности. Се расфрла со нив за да можат да ги собираат децата маскирани во евроколедарчиња.
Го видов тој евроцивилизациски бисер Џамбаски седнат в кафеана со германската амбасадорка. Таа маскирана во Германка од минати времиња кога нејзините предци нежно ги убедуваа Евреите дека во гетата можеби ќе им биде тесно, ама сигурно ќе се чувствуваат удобно. И нас така нè убедуваат. Прво во гето, а потоа на туширање за да се измиеме од валканата македонштина. Зјапам во двајцата странци преку излогот на гротескната карневалска нордистанска стварност.
Околу нив е растрчан Љубчо Георгиевски маскиран во келнер. Им фрла гатанки и гачки во стилот „знаете ли чија е Македонија?“ „Македонија е бугарска“, вреска Џамбаски. „Не е бугарска“, му се смешка амбасадорката, „Македонија ребрендирана во карневал Нордистан ѝ припаѓа на Европската Унија, ама откако ќе стане бугарска“. Љубче се смее, ги фатил неспремни. „Македонија е грчка салата“ крикнува. „Македонија е италијанска и француска салата, зависи само дали користиш овошје или зеленчук, ама Ѓорѓија Пулевски е Србин“, вика некој од соседната маса. Јас ги демнам од излогот на апсурдот и некако природно ми доаѓа да се маскирам во партизан и да запеам „Во борба“, ама избирам да си ставам маска на детска возбуда и да ја побарам Моника Белучи маскирана во Малена, па заедно да испушиме по една „Мачедониа Лајтс“ под зајдисонцето на безумната западна цивилизација.
Поаѓам воден од својата еротска замисла кога ете ја американската амбасадорка со фенер во раката. „Диоген?“, ѝ велам мислејќи дека лесно ја погодив маската. „Јок!“, ми фрла строг ишарет додека јас се чудам што е муабетов со турцизмиве што наеднаш ми ја напаѓаат колумната без никаква логична причина, ама на карневалот Нордистан логиката е маскирана во розов слон што степува на дождот како Фред Астер на крај од бесмислена реченица. „Еј!“, ме вади од постмодернистички забегувања американската амбасадорка, па ми вели. „Носам фенер зашто барам низ Нордистан корупција“. Океј, мадам, сега ми е јасно. „Полесно ќе ви биде да се маскирате во инквизиција и да ги ловите вештерките од Салем низ совршените редови на Артур Милер отколку во Нордистан да барате корупција“, велам, па со шепот додавам, „Оти сите корумпирани политичари вие ги маскиравте во чесни послушници што ги одработуваат вашите агенди“. И така секој по свој пат си продолжува да ја сонува гротеската што нè опкружува.
А на карневалот Нордистан и времето се маскира. Јануари се преправи во мај и тргна да лаже луѓе и кокичиња, а јас си терам понатаму и одминувам попови маскирани во кик-бокс фајтери, ама не се задржувам, сепак карневалот Нордистан е секуларна атракција, освен кога одвреме-навреме служи како паричка за поткусурување во профаната, ем сакралната политика.
По пат се среќавам со Али Мали од ДУИ МУИ. Се маскирал во опозициски новинар мовинар и ми подвикнува, „До кога со партиски вработувања?“. Знае дека сум партиски вработен во карневалската комисија и јасно му е дека на разминување ќе го сместам меѓу редови во мојот неделен извештај. Затоа веднаш се маскирам во Таче Маче и му враќам „Не ти е дозволено тебе да поставуваш прашања машања, глеј си таму Алфа, Телма и Луис Буњуел Муњуел“.
Продолжувам понатаму низ карневалот Нордистан. Чудесни маски се случуваат околу мене. МКЦ се маскирало во детективска агенција. Сивото и тажно ГТЦ пробува на сите начини да се маскира во заводлива убавица, затоа што, откако неговиот љубовник наречен граѓанство луѓенца, стави маска на власт, слобода и демократија, никој веќе не го гушка, залапува и соблекува в постела. МВР се маскирало во 22 век. Толку им е успешна маската што веќе не им требаат тастатури за компјутери. Канцеларијата на ЕУ се маскирала во бугарска амбасада, ЗНМ е маскирано во новинарско здружение, ама и јас веќе се уморив од скитање низ реченици и нордистански карневалски лудории.
Застанувам пред кафемат, сакам кафе да се напијам. Забележувам како ме демне нервозна групација. Ги знам. Сите се комуњари маскирани во Макарти (не Пол, туку Џозеф), продаваат западни вредности ловејќи и цензурирајќи руска пропаганда подметната во кафемати, банкомати и она јагнето што на волкот водата му ја мати. Совршената маска на апсурдот.
Јас се правам наудрен, демек не се тука, па ставам пари и чекам кафематот да ми даде кафе. Е, ама, кафематот, тој проклет сукин син (руски јазик: сука = кучка), ми ја плука петденарката на која со големи демократски букви пишува Северна Македонија, па уште на чист провокативен македонски јазик без бугарски дијалект во него, ми крикнува, „Никогаш Северна, само Македонија“.
Види го ти, ѓубре кафематско, си велам во себе, еве како Русите ни подметнуваат македонски националистички екстази во евроатлантските кафемати и оргазми. Ама попусто детектирам руски упад во нордистански кафемат, веднаш ми рипаат макартиевците со скриена ждановштина под нокти и контексти.
А-ха, крикнува еден од нив, те фативме! Не издржа, ју сан оф а бич (англиски јазик: сан оф бич = сонце на плажата), мораше да подметнеш руска пропаганда во колумната. Џабе мислиш дека суштината си ја маскирал со марктвеновштина, кога ние знаеме дека душата ти е полна гогољовштина.
Застани, будало една, ми крикнува совеста маскирана во Моника Белучи со бела коса, седната крај мене среде „Матрикс“, ама втората приказна, па ме прашува, „Ти, патетичен самобендисан створу, стварно си дозволуваш да се споредуваш со Гогољ и Марк Твен?“
Ме фаќа таков срам што одлучувам веднаш да ги напуштам и колумната и карневалот Нордистан. Море има да се напуштам и себе и сета своја плитка суштина и ќе отпливам некаде далеку каде што карневалите се гротеска на стварноста, а не обратно како овде, каде што реалноста е карневал што ни се случува, ама тоа значи дека ќе мора да ја напуштам планетава.