Ваков понижувачки однос кон суверена држава не е забележан во поновата европска историја. Очигледно ваквата голема улога што Франција ја зема на себе во рамките на Европската Унија, гледаме се урива под тежината на сопствените противречности. Исто кака што во раните часови на 24 февруари, кога првите руски проектили ги погодија украинските градови, надворешнополитичката интелектуална градба на Макрон се урна подтежината на сопствените илузии и противречности
Препрочитувајќи го предлогот на Макрон за решавање на билатералниот спор со Бугарија како услов за нашето пристапување во Европската Унија, зборовите на поранешниот француски премиер Пјер Мороа дека „не секое племе заслужува држава“ ја добиваат својата вистинска смисла. Неговите зборови и предлогот на Макрон не се ништо друго од израз на свеста за француското колонијално искуство, во кое е потенцирана цивилизациската мисија на Западот врз „домородното“ население во колониите. Францускиот предлог е фасцинантен континуитет помеѓу минатото и сегашноста во однос на претходните оправдувања на колонијализмот, казнувањето и империјата. Предлогот на Макрон е подзаборавениот глас на господарот, кој вели: „Воспитувајте се; цивилизирајте се; реформирајте се; имитирајте нѐ, но никогаш нема да бидете како нас“; останувате оние другите. „Домородците“ никогаш нема да бидат модернизирани, освен ако не се цивилизирани, дисциплинирани, администрирани, евангелизирани или водени од господарот. За да уживаат во слободата (читај да бидат дел од ЕУ), модерните „домородци“ мора да го реконструираат своето општество (градење нација или држава) според сликата на нивниот господар.
Може ли францускиот претседател да сурфа во меѓународните односи на јазикот на колонијализмот за да ја проектира глобалната моќ денес? Особено во контекст на проширувањето на Унијата со државите од Западен Балкан.
Набљудувачите сега мора да се соочат со фактот дека француската неподготвеност за прифаќање на проширувањето на ЕУ длабоко е вкоренета во идејата дека Европа веќе е доволно нефункционална во нејзината сегашна конфигурација. Франција верува дека ЕУ не може да ги пречека новите членки и истовремено да ја продлабочи интеграцијата што таа верува дека ја бара надежта за идниот раст. Макрон го претстави фундаменталниот аргумент дека целиот процес на проширување на ЕУ мора да се реформира пред Франција да дозволи која било земја да ги започне преговорите за пристап – кои потоа ќе траат најмалку една деценија. Ако предлогот за решавање на македонско-бугарскиот спор е тој алтернативен пристап на ЕУ кон Западен Балкан со француски шмек, цената е превисока за Македонија и регионот. Истовремено, тоа е коцкање со преостанатото влијание на ЕУ на нејзиниот сопствен праг и нејзината способност да го обликува стратегискиот развој, како и да промовира политичка стабилност во Југоисточна Европа. Всушност, францускиот претседател Емануел Макрон беше избран со ветување за ревитализација на Европската Унија со нова енергија и визија, ветувајќи дека ќе ја „брани Европа“ и ќе ја заштити нејзината цивилизација. Мора да се признае дека е на добар пат да го направи тоа и да ја врати Европа како голема и „единечна“ цивилизација, во која ќе ѝ обезбеди на Франција лидерска улога, притоа не нарушувајќи ги нејзините сопствени интереси. Макрон гледа „рамнотежа на вредности“ во Европа, кои можат лесно да се нарушат со нејзина балканизација преку пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Унијата. Затоа и ни е понуден предлог што едноставно не може да биде прифатен. Или може? Не може и не смее да биде прифатена цивилизациската мисија на Франција на Балканот, чиј дискурс и практики ги карактеризира колонијализмот во неговите длабоки односи со политичките организации, во случајов државите на Западен Балкан, а особено Македонија. Ваков понижувачки однос кон суверена држава не е забележан во поновата европска историја. Очигледно ваквата голема улога што Франција ја зема на себе во рамките на Европската Унија, гледаме се урива под тежината на сопствените противречности.
Исто кака што во раните часови на 24 февруари, кога првите руски проектили ги погодија украинските градови, надворешнополитичката интелектуална градба на Макрон се урна под тежината на сопствените илузии и противречности.
Не е тајна дека сите ние поинаку ги гледаме, чувствуваме, перципираме и слушаме нештата. Нашата перцепција за она што е „реално“ не се заснова на тоа што всушност нешто е, туку на она што велиме дека е. Ние не ги гледаме работите онакви какви што се, ние ги гледаме какви што сме. Затоа моите размислувања, размислувањата на власта и оние на нејзините верни аналитичари околу францускиот предлог за вклучување на бугарските барања во условите за прием на Македонија во Унијата се различни, филтрирана низ објективот на знаењето, информираноста, прашањето на достоинството, резистентноста на понижувањето и сопственото искуство во меѓународните односи. Секако, власта ја носи одлуката со која ќе мора да живееме во иднина. Како онаа со промената на името. Се плашам дека дојде времето на камшикарот на Заев, кој гледаме нема да сака ништо друго освен она што господарот го сакал од домородното население во колониите. Понизност и сервилност, без свест за себе и своето постоење. А оваа власт може да го понуди тоа. Барем досега ни потврди дека може сѐ да понуди и прифати. Дека слугувањето не ѝ е туѓо. Зарем од луѓе без морален и национален компас во политиката може и да очекуваш друго.