Сиот овој мир, ред и поредок, морам да признаам, малку ме вознемируваат. Писател сум, потребни ми се некаков заплет, пресврт, перипетии, кулминација. Не е добро кога креативноста постојано седи во мека удобна фотелја со боси нозе во леген полн катарза. Мора нешто барем малку да ме размрда, некој мини-стрес, ситен проблем, не мора да е балкански
Немам инспирација. Нордистан полека се претвора во здодевно место за пишување. Секојдневјето сѐ повеќе станува скандинавско. Можеби затоа што столчето во НАТО ни е до она на Норвешка. Или затоа што е топло и удобно во прегратката на стокхолмскиот синдром. Дури и оние што ништо не може да ги задоволи тврдат дека нешто е гнило во државата Данска. Сеедно. Здодевно е. Инспирацијата ми брои фјордови. Секој нареден ден ми е како однапред решена скандинавка. Проблемите ми се сведуваат на дилеми од типот дали да ги слушам „АББА“ или да скокнам до „Икеа“. Навистина не очекував дека новото име ќе ми ги плаќа сметките. И тоа во круни. Ама, ете, тоа се случи. Се досадувам. Совршенството понекогаш знае да биде праволиниско. Можеби треба да си фатам некоја госпоѓица Јулија. Август ми рече дека познава една.
Размислувам за секојдневјето. Што друго ми преостанува? Премиерот е на гости кај Фонк, соседот на Ерленд. Власта функционира како Волво. На секој шалтер без чекање и главоболки ќе ти го удрат седмиот печат. Судството е одвоено од политиката според боровиот модел на атомот. Правниот систем е восхитувачки како квантна механика. Правдата веќе не е слепа, правдата е Нилс Бор. Образованието, науката, културата… хепиенд на бајка од Ханс Кристијан Андерсен. Децата растат како Томи и Аника во друштво на Пипи Долгиот Чорап. Соништата ни се мирни, нема стресови, душите ни се бојат во аурора бореалис.
Стојам и гледам низ прозорецот. Облачно е, ама убаво. И здодевно. На Кале седи Один, опуштен, пие топло чоколадо. Камени мост ги поврзува Малме и Копенхаген. Децата се диви јаготки растрчани низ плоштадот каде што исправен, од својот коњ, нè гледа Ерик Црвениот. Еден стар брачен пар го шета својот пес крај реката. Личат на Макс фон Сидоу и Ингрид Бергман фатени под рака.
Никој никаде не брза затоа што сите патишта водат во Азгард. Сиот овој мир, ред и поредок, морам да признаам, малку ме вознемируваат. Писател сум, потребни ми се некаков заплет, пресврт, перипетии, кулминација. Не е добро кога креативноста постојано седи во мека удобна фотелја со боси нозе во леген полн катарза. Мора нешто барем малку да ме размрда, некој мини-стрес, ситен проблем, не мора да е балкански.
Се препуштам на мислите. Размислувам за проблемите во блиското и подалечно соседство. Може ли едно просечно белгиско семејство да си приушти Малино? Имаат ли Британците секој ден, во пет часот попладне, доволно чај? Може ли Козета од Париз да му даде на своето дете топол кроасан? Осамена ли е финската премиерка во својата финска бања? Можеби треба да ѝ се јавам, одамна не сме се чуле, да ја поканам на журка. Ме изнервираа оние последни балканоиди среде нордистанската успешна приказна, кои фатија да мрчат и да споделуваат слики од лудите ноќи на финската премиерка. Ама совршенството е здодевно, понекогаш мора со нешто луѓето да си ги прочешаат јазиците. Добро е што прогресивната нордистанска елита срипа во нејзина одбрана. Се согласувам со нив. И јас мислам дека финската премиерка, како и секоја друга жена, го има сето право на светот, да лудува, да се опушти, да се журка, тверка, па ако сака да оди и на бунга бунга забавите кај Берлускони.
Русјаков, не сери многу, финската премиерка е врвна прогресивна политичарка, а Берлускони, обичен вмрон, фрустрирано сељачиште што мора да скапе во затвор за сексизам, шовинизам и мизогинија.
Гласот на луѓенцата од интелектуалната бижутерија, кои секогаш мерат со двоен критериум, ама ти дозволуваат да имаш право на нивно мислење, ми ја распарчува скандинавската идила отаде прозорското стакло. На Калето седи Били д Кид. Камени мост веќе не ги поврзува Копенхаген и Малме, туку два плоштада, едниот поплавен, а во другиот, камион копа биткоини.
На норвешкото НАТО-столче седнал Бугаринот и ми фрла в лице муабет дека Северноатлантската алијанса е средновековна источнобугарска провинција, а тоа е поткрепено со факти и докази потврдени и од нордистанските историчари. Наскоро, ми вели, тоа ќе го учат и вашите нордистанчиња од новите учебници. Така е, нордистанчињата тргнаа на училиште без учебници, затоа што државата печати нови факти и докази во нив. Како фактот дека Бислимовски, херојот на нашето време, одбил да се вози со лифт за да штеди енергија и тргнал пеш по скали, а тоа е макотрпно како патот до Голгота, како одење низ минско поле, како играње „невестинско“ под тежината на носијата на галичка невеста. Сега конечно може да им парираме на Ахајците. Тие го имаат Ахил, ние Бислимовски.
Каде отиде Норвежанецот, го прашувам Бугаринот што му го зеде местото. Гледаат со шведскиот министер нови клипчиња од финската премиерка, вели Гркот што ми седнува на глава. Тоа е симболична поза, хеленистичка јога, симулација на идниот споменик што ќе застане на местото на Александар среде плоштадот. Наместо „Воин на коњ“, ќе имаме „Грчки задник врз нордистанска глава“. Лево и десно од него ќе стојат Аспарух и Омуртаг со китапи во рацете. Симболичен приказ на пишувањето на нордистанската историја.
Многу сереш Русјаков, полн си завист и злоба. Не можеш да прифатиш дека новата нормалност во Нордистан е океан убавина што блеска под сонцето на НАТО. Само уште да се справиме со поплавите од вмроовски времиња и ете го блискиот рај наречен ЕУ.
Да, поплавите. Се поплави „Ист Гејт“. Наоѓам вина во името. Убеден сум дека промената на името во Вест Гејт ќе ги реши сите проблеми како што беше случајот со Македонија. Стана Нордистан и проблемите деморализирани и поразени се самоукинаа, самоубија, себеистребија. Оние најжилавите проблеми како корен, идентитет, историја, јазик, им ги дадовме на нашите сојузници, Грција и Бугарија, тие да ги ликвидираат или присвојат, како им одговара.
Е, Русјаков, Русјаков, ти си гној полн фрустрации. Одбиваш да ја видиш големата слика, совршениот гоблен. Ќе си пукнеш од мака што сега имаме „H&M“.
Што ти е тоа?
Нормално не знаеш кога си небањат вмрон. Шведска компанија за производство и продажба…
Шведска компанија? А јас, глуп, латиничните букви ги мислев кирилични, па се чудев, зошто „Нова Македонија“ ги преместиле канцелариите во трговски центар? „Нова Македонија“… треба да пишувам колумна. Шведска компанија, тоа е тоа, имам идеја.
Немам инспирација. Нордистан полека се претвора во здодевно место за пишување. Секојдневјето сѐ повеќе станува скандинавско…