Фолклористиката е како инфектологија: неможно е две култури да се допираат (Јуриј Лотман говори за „осмоза меѓу две семиосфери“), а да не се „заразат“ заемно со фолклорни мотиви. „Миграционите“ мотиви се прва лекција во фолклористиката и бугарските научници сигурно го знаат тоа, ама не им одговара
Нескротлива е бугарската историска „обеситас“: лакомо да се проголта сѐ што мириса на македонско. Оттука и пејоративот „македонизам“, бугарски поимен тројански коњ (иако првпат употребен кај српскиот министер Стојан Новаковиќ), кој, за жал, и ние го усвојуваме, наместо да кажеме „македонство“. Како да не сфаќаме дека „македонизам“ за Бугарите значи само минлив „политички правец“ во рамките на бугарштината, а не македонска суштина и битие, за што најмногу одговара зборот „македонство“. Одете на Србите кажете им дека имаат србизам, а не српство, или на Германците дека во нивниот „народен дух“ („der Volksgeist“) има малку и „германизам“. Ќе се налутат.
Но темата се Миладиновци. Бугарите, како и за сѐ, тврдат дека Димитрија и Константин биле Бугари, затоа што го собрале фолклорот од територијата на Македонија во нивниот Зборник насловен „Бугарски народни песни“, иако во него се поместени само 76 бугарски и дури 584 македонски песни. Затоа Гане Тодоровски и го именува Зборникот како „Златна книга на македонската преродба“, а Бугарите се држат до насловот, како да не знаат дека и на секоја тараба може да пишува „Ова е Бугарија“, ама тоа да си остане тараба. Па како можеле Миладиновци да го наречат својот зборник кога Македонија не била држава, а Бугарија била? И ако Македонците до 1945 година „биле Бугари“, би било логично во Зборникот да има 584 бугарски и 76 македонски песни, а не обратно. Второ, ако 76 бугарски песни наспроти 584 македонски се доволен „научен доказ“ дека тоа е бугарска книга, тогаш се покажува елементарно фолклористичко незнаење. Фолклористиката е како инфектологија: неможно е две култури да се допираат (Јуриј Лотман говори за „осмоза меѓу две семиосфери“), а да не се „заразат“ заемно со фолклорни мотиви. „Миграционите“ мотиви се прва лекција во фолклористиката и бугарските научници сигурно го знаат тоа, ама не им одговара. Ако признаат дека во Македонија природно ќе се најде и бугарски фолклор, тогаш треба да признаат дека и во Бугарија природно ќе се најде македонски. Ама Бугарите тврдат дека кај нив Македонци немало и нема. Со тоа го демантираат и Лотман.
Македонската историска наука никогаш не го негирала фактот дека Миладиновци главната борба ја воделе против елинофилството и дека во тој правец, нужно биле упатени кон Бугарите, како прва соседна културна семиосфера. Но поттикот на свртување на Миладиновци од Грција кон Бугарија е руски и СЕСЛОВЕНСКИ, а не изворно бугарски: пресудно е тука доаѓањето на рускиот учен Виктор Григорович во Охрид, 1845 година, кога го импресионирал Димитрија со словенството. Тоа пријателство ќе резултира со две идеи кај Димитрија: дека Македонците дефинитивно не се Грци, туку СЛОВЕНИ, и второ – желба да се собере народното творештво за да се покаже тоа. Од тие причини, Гане Тодоровски, откако ќе го нарече Димитрија nomen gloriosum на македонската преродба и ќе констатира дека „македонската преродба е негово дело“, ќе запише нешто што Бугарите си го толкуваат „на нивна воденица“: „таа преродба во потполната смисла на зборот не е НАЦИОНАЛНА, туку е почеток на една суштествена словенско-елинска диференцијација на почвата на Македонија, почеток на процеси кои ќе траат подолго и ќе триумфираат конечно низ подоцнежни генерации“. И на друго место, каде што пишува за сесловенското влијание на Григорович врз Димитрија: „по сугестијата на Григорович тој (Димитрија) себеси веќе се смета за Бугарин, зборува за бугарски јазик, за бугарски народни песни“. Тоа за денешниве Бугари е знак дека Миладиновци биле дефинитивно Бугари (тотализација на идентитетот „еднаш засекогаш“, најнаивно нешто во науката за идентитетите). Затоа, Тодоровски опоменува: во таа сесловенска преродба на теренот на Македонија „не е разјаснето што се бара, но сосема јасно се знае што се нејќе“. Миладиновци знаат дека не се Грци, ама не знаат што точно се. Поради прераната смрт нема ни да сознаат јасно, но нивните ученици точно ќе знаат дека не се НИ ГРЦИ, НИ БУГАРИ (одбивањето на Прличев да соработува во бугарски „Балкан“, со онаа негова прочуена формулација дека говори на јазик 1. „лишен од бугаризми“, 2. „стародревен во правописот“ и 3. „оригинален“).
Меѓутоа, и Миладиновци, бар интуитивно, чувствувале дека не се „баш Бугари“. За тоа говори, прво, бројот на собраните македонски песни наспроти бугарските. Второ, треба да се читаат и нивните писма, но така што најважните нешта да се бараат, како во добар крими-роман, во навидум неважните подробности (македонската историја и е крими-роман во тој век, со двојно убиство на македонскиот идентитет). Во едно писмо до својот сесловенски идол Григорович од 1846 година, Димитрија ќе напише дека „собирал и веќе направил извесен подбор на народни песни а исто така дека работел врз пишување на граматика“ (Тодоровски). Но која и каква ГРАМАТИКА пишувал Миладинов во 1846 година, кога за прва (понова) бугарска граматика се смета онаа на Неофит Рилски, објавена во 1835 година? Зошто некој би пишувал нова бугарска граматика, само 11 години по првата? Веројатно затоа што таа граматика што ја пишувал Димитрија била неопходна да се разберат оние 584 македонски песни, испеани и запишани на очигледно некој инаков јазик, а за кој граматиката на Рилски не била валидна. Затоа, на Бугарите не треба да им докажуваме дека Миладиновци биле Македонци, туку дека не биле „баш Бугари“. А и сфаќањето на „Бугарите“ кај Миладиновци не било „баш бугарско“, туку попрво панславјанско, што се гледа од едно писмо на Димитрија (од 1852 година), упатено до Александар Егзарх, виден бугарски општественик, со кое, според Тодоровски, Димитрија „се приопштува јавно кон процесите на СЕСЛОВЕНСКАТА преродба“. Во тоа писмо, „Бугаринот“ Димитрија ни кажува дека неговите сонародници се потомци на кралевите Илирик, Коледа и Стефан Немановиќ! Тодоровски заклучува: „Што се однесува до Стефан Немановиќ, потеклото на Бугарите Димитрија го врзува за цар Душан“. И ова Бугарите го знаат, ама не им одговара, зашто ги води кон втор „историски нервен слом“, оној за нивното „српско потекло“ (што не е точно).
Интересно е дека Бугарите помалку инсистираат на Константин. Веројатно затоа што неговата поезија е напишана на кристално чист македонски говор (струшкиот), а кој за четириесетина години Мисирков ќе го предложи како литературна норма. Освен тоа, не ми е познато дека некој бугарски литературозналец реагирал на најдобрата македонска стилистичка студија напишана за Константин, онаа на Атанас Вангелов: „Поетиката на Константин Миладинов и рускиот романтизам“. Во неа тој маестрално покажа дека и македонскиот јазик е способен за врвен европски романтизам. Никој од бугарска страна не рече дека не е така и дека тоа се постигања на бугарскиот книжевен јазик. А кога Анте Поповски, Гане Тодоровски и Јован Стрезовски, во седумдесеттите години крстија едно тиквешко вино како „Т’га за југ“, и тоа стана заштитник на „Струшките вечери на поезијата“, бугарските поети си „цицаа“ од тоа македонско вино и никој не рече дека е бугарско. Ама да не ѝ давам идеи на некоја идна комисија за заеднички вина, нека молкнам овде…