Сакам да им се заблагодарам на владата на Нордистан, нејзината интелектуалната бижутерија и на Европската Унија, затоа што оваа колумна ја пишувам на чист македонски јазик. Пред тие да го откријат чистиот македонски јазик, морав да претурам од шупливо во празно џавкајќи зборови од валканиот јазик на Ѓорѓија Пулевски, да се малтретирам со неразбирливите правила на Крсте П. Мисирков, да се туфкам со невозможните јазични акробации на Кочо Рацин, да се прпелкам во будалаштините на Блаже Конески, односно да се глупирам пишувајќи на литературен македонски јазик, кој, секако, не постои, а е кодиран од познатиот лингвист и србоман Јосип Броз Тито и така сè до денес, кога владата на Нордистан и лидершипот на ЕУ ми ни го открија чистиот македонски јазик.
Тогаш, може да почнам!
Сонував чуден сон. Се разбудив среде Јерушалаим. До мене лежи убава жена. Гледам во нејзиното лице. Косоока убава жена. Не можам да провалам дали е од Zhōnghuá Rénmín Gònghéguó или од chữ Hán. Од Nippon-koku не е сигурно. Жените од Nippon-koku, иако косооки, поразлични се од оние што живеат во Zhōnghuá Rénmín Gònghéguó или chữ Hán. Ама па, што мајка барам во Јерушалаим? Конечно косооката убавица се буди и ме бакнува. Си велам, ова е сон, баш ми е гајле што се будам среде Јисра Ел, ама сакам да знам од каде е женава. Ја прашувам. Ми одговара. Чудно звучи сето тоа, но успевам да сконтам од каде е. Ти си од Кина, ми се испушта по навика, честитам за новиот мандат на Си Џинпинг. Нејзиното лице се смурти. А-ха, си велам, може е поддржувач на другата струја во нивната Комунистичка партија. Го кажувам тоа. Жената се смее. Не ме интересира политика, вели, ама ме нервира кога некој кажува дека сум од Кина, таа глупава англиска измислица. Се смеам победнички. Погледни неколку реченици погоре, велам, го напишав името на твојата земја како што треба, Zhōnghuá Rénmín Gònghéguó. Повторно се налути. Ха, латинични будалаштини, викна, илјадници години помлади од нашиот јазик. Те молам да ме нарекуваш, косооката убавица од 中华人民共和国. Потоа ми раскажа како сме се сретнале во Суомен тасавалта, па сме допатувале тука во Јерушалаим.
Сега можеш да се разбудиш, додаде.
И, ете, се разбудив. Баш убав сон. Прав, топонимски сон. Сакам да му ја дадам сета своја поддршка на ЛДП во неговата иницијатива да ги именуваме топонимите онака како што ги изговараат жителите на тие топоними. Жими Каненгарикет Сверига! Иако не ми е јасно зошто се фатиле прво, само за топоними, а второ, за топоними исклучиво поврзани со поранешните советски републики. Еве, на пример, може да испратат протестна нота до француската амбасада. За кој мој вообразените Французи велат ОТАН и Алеманија, кога сите знаеме дека тоа се НАТО и Дојчланд? Или зошто овие од ЛДП се запнале само за Киив и Беларус, а не за Београд и Хеленики Димократиа?
И следниов пасус е напишан на чист македонски јазик благодарение на владата на Нордистан и сексапилната дама, Европската Унија.
Лермонтов е жив. Тука во Нордистан. Имаме херој на нашето време. Го видов како седи на стол. Потоа стана и… и отиде да си купи тост. Толку од овој пасус напишан на чист македонски јазик.
„Оваа земја, не е моја земја, оваа земја, простете е туѓа“ рецитирал некојси таму Вапцаров. Глупости! Па нормално дека не е твоја, ќе крикне интелектуалната бижутерија, кога не била членка на ЕУ и на НАТО. Патем, поетот зборува за некоја земја во која ги споменува топонимите (нормално погрешно) Пирин, Охрид, Егеј и Беласица. Веднаш се забележува дека има територијални претензии спрема членки на ЕУ и на НАТО. И како сега може да се отвори културен клуб со неговото име кога станува збор за некултурен националист? Кој е стрелан од бугарската администрација, што е доказ дека сигурно бил против едношалтерски систем. Многу понормално е да се отвори културен клуб со името… што знам… на Борис Трети, кој најкултурно ставил потпис за туристичка тура на Евреите од Македонија во „ол инклузив“ ресортите на Треблинка. Доволно за културата и административниот туризам.
Нордистанците повторно се степаа на социјалните мрежи околу британцките работи. Прво си ги извадија очите околу квин Бети, односно дали е она океј или не. Еве, сега се грабнаа околу новиот британски премиер со потекло од Индија. Се извинувам, Индија е погрешно… се степаа околу британскиот премиер со потекло од Bhārat Gaṇarājya.
Едни отекоа со тоа како е многу цивилизирано што Британците ставиле Индус за премиер, други, оние што се исмеваат, експресно беа прогласени за расисти, а трети објаснуваат дека е готово со Империјата штом веќе не знаат кого да стават да глуми лидер на нацијата. Звучи бесмислено, ама важно е да се има вербална тепачка. Дали од ова драпање флоскули и гневни реченични конструкции ќе има корист битисувањето, сосема е јасен одговорот. Мене ако ме прашате, а не мора, може и махараџа да им го замени тоа кралот што не знае сако да си закопча. За следен премиер може да си земат и некој од витезите што викаат „Ни“. Оти нешто друго, многу посериозно, ме вознемирува.
Додека ние тука во Нордистан се занимаваме со тоа како е правилно, Киев или Киив или дали новиот британски премиер личи на Ганди или Апу, нормално, глупирајќи се на чист македонски јазик, а Европа се дума дали сега Грета Тунберг ќе лансира линија волнени чорапи, оти, нели, детето веќе се покажа како еколошки моден креатор, Америте и Русите мртви ладни ги острат тоа чудните моливчиња со тактички нуклеарни боеви глави на нив. Па фатиле да си тераат воени маневри за можни нуклеарни судири. Американците редат нуклеарки низ Европа, Русите ѝ прават нуклеарна реденка на Камчатка. Решиле да ни сервираат последен оброк во сос од радиоактивни печурки и многумина умни луѓе тврдат дека по ваква кулинарска заебанција, живите ќе им завидуваат на мртвите. Важно има јод во аптеките, размислува нордистанецот на чист македонски јазик, па се префрла со размисли на темата каде да се фати за Нова година, откако нормално, најпрво ја реши дилемата дали британскиот премиер верува во Кришна, кој му е омилен боливудски филм и како, по ѓаволите, беше правилно, Бомбај или Мумбај.