Каде што Џонатан Ливингстон одлета

Ја помрачивме светоста на светот. И нашата светлина, темница стана. А не пишувам за Чарли Кирк. Светот наликува на згужвано крваво шамивче во кое кашла, смртно болна, нашата цивилизација. Мислиме дека сме паметни. Мислиме дека имаме ракети со кои ќе ја истражуваме вселената. Имаме ракети. Со нив разоруваме детски соништа. Имаме и сателити, паметни телефони и сателитите ги прислушуваат тие телефони додека ние, на нив, се мразиме на социјални мрежи за различни ставови. Омразата ни е оправдана со илјадници зборови, а „љубов“ споделуваме за да собира лајкови.
Ја осквернавивме светоста на светот. И нашата светлина, наместо да грее, согорува, наместо да просветлува, ослепува. И да, го убија Чарли Кирк. Исто како што го убија Мартин Лутер Кинг, како што го убија Кенеди. Со куршум. Оддалеку. Така убива моќта преку нишанот на службите. Нема тука никаков идеал и идеологија, само страв од нечие влијание што може да им ја одземе опсесијата да поседуваат. А како на тоа одговори цивилизацијата претставена преку јавноста и гласот на индивидуалецот? Оние што сами на чело си пишуваат дека се борци за човекови права и слобода на говор, кои се расфрлаат со убавината на различноста, најдоа милиони зборови и контексти, за да го оправдаат убиството. Половина од нив ликуваат. Многу од оние што го поддржуваа и сакаа, а се китат со зборови од совршената Христова наука, посакаа крв и одмазда. Таквите срца што сакаат крв и одмазда, Христос ги напушта бидејќи повторно го распнуваат. А има и такви што веднаш го вадат кантарот од пазувите на суетата, која сака себепромоција, па ги искараа сите во светот дека глупо е да се зборува за смрт на еден човек кога во Газа се случува геноцид. Така, одеднаш, насилното одземање човечки живот станува небитно во однос на геноцид, кој постојано некаде се спроведува.

Ја жртвувавме светоста на светот, ја заклавме на олтарот на идолопоклонството. И нашата светлина стана одмаздољубива спрема оние што не им се поклонуваат на идолите пред кои ние коленичиме. Затоа и се колеме меѓу себе, сеедно што Тој, меѓу другото, дојде ѝ ни заповеда, љуби го непријателот свој, а кој по меч посегнува, од меч и ќе загине, ама некои отидоа дотаму што почнаа и во Негово име да ги колат другите обидувајќи се на тој начин да ја убијат вистината. Затоа, оти бегаме од вистината, трчајќи по идолите, сега овие модерните, ќе продолжме да се истребуваме, индивидуално со ликвидации или масовно, преку геноцид. Како оној во Газа.
О да, во Газа, геноцид се случува. Израилот ги истребува Палестинците, како што германските нацисти нив ги истребуваа. Како што сунити и шиити со векови се истребуваат. Како што сега Руси и Украинци се истребуваат. Како Американците што ги истребуваа Ирачаните, а Шпанците, Португалците, Холанѓаните, Французите и Англичаните го истребија домородното население во Новиот Свет, постар од нашиот. Како што нашите грчки, бугарски и српски соседи нè истребуваа нас Македонците. И подобро да престанам да набројувам геноциди, бидејќи ќе мора и во следната колумна да продолжам, а тој факт, никако не ја релативизира вистината дека во Газа, геноцид се случува. Да, ќе престанам со набројување, ама за зборовите што допираат до мене не можам да оглувам, иако, ми доаѓа така да се осакатам. Ако, велат едни, нека ги истребат Палестинците, како и сите други муслимани, оти тие сечат глави на неистомисленици и си ги каменуваат жените. Оној Хитлер беше во право, велат други, требаше сите Евреи да ги истреби, ама ќе дојде тој ден кога од Израелците ништо нема да остане. Ете затоа никогаш нема да престанат геноцидите.
Го исплукавме светиот образ на светот. И на светлината по чиј образ сме создадени уживаме да ѝ удираме шлаканици, умислувајќи се праведни, а всушност лицемериме кај ќе стигнеме. Во право е Чарли Кирк, сеедно што за некои работи со него не се сложувам, ама па јас, не секогаш и со себе се согласувам. Но за едно е сосема во право, љубовта жива ја закопавме, а на нејзино место ја извадивме емпатијата и сега постојано и секаде, вербално ја мастурбираме. Оти љубовта е жртва и постојано дејствување, а емпатија е совршено оправдување за седење по кафеани, додека ждереме и локаме да споменеме колку ни е жал за гладните во Африка или кога маваме по тастатура, хистерично рекламирајќи ја нашата емпатичност спрема она што во тој момент меинстримот го извадил на површина. Додека некој не ни каже поинакво мислење. Тогаш, од едни цивилизирано емпатични битија, стануваме вербални монструми, кои одеднаш губат емпатија, и се полниме со омраза спрема оној што мислиме дека ни ја загрозува нашата умислена цивилизација, оти суетата е вообразена и лицемерна, во суштина сме обезљубени, само формата ни е премачкана со лажна мирољубивост и сочувство.
Американците го убија Чарли Кирк, застрелувајќи го. Како што Евреите ги убиваа своите пророци, каменувајќи ги и сечејќи ги со пила на половина. Како што Македонците ги убиваа своите војводи, кодошејќи ги. Како што Русите ги истребуваа своите научници, монаси и уметници по логори. Како што „борците“ за слобода на говор сакаат да ја убијат слободата на поинакво мислење. Како што истите сакаат да им ги отсечат крилата на посебните што сакаат да летаат каде што Џонатан Ливингстон одлета. И така било отсекогаш. Оние што те слават, на крајот, секогаш врескаат, распни го. Оти имаме љубов само кон омразата и емпатија за она што не сме го доживеале.
О да, се мразиме меѓу себе, внатре во нашите граници, ги мразиме и другите, отаде границите. Големата кланица почна по лажен инцидент, со кој Германците ја нападнаа Полска. Зарем ова во Полска не е доволна причина да се почне нова касапница? Ајде вие, сопственици на моќта, политички мажишта и женишта (што се однесуваат како фрустрирани мажиња), зарем ова не ви е повод конечно да го спроведете тоа што чекор по чекор го играте во ритамот на налудничавоста. И онака, ја помрачивме светоста на светот со нашата темнина што светлина ја нарекуваме.