Од збирката необјавени, објавени, премолчени текстови и мислења, дел од следната книга со работен наслов „Збогум господине Гутенберг“, еве една мала вињетка, потсетување на една-две „случки од собитиен филмски карактер“.
Случувањата од 24 декември 2010, ноќта кога згасна А1, се првата сцена од сценариото (некои тврдат увезено однадвор), според кое, се „освојува слободата“, со неверојатна филмска кулминација и расплет.
Погледната од денешна визура, ноќта кога згасна А1 беше навистина драматична и филмска. Барем така јас ги доживеав тие бурни мигови на почетокот на „медиумскиот мрак“ и „дебаклот на младата македонска плурална демократија“. Во моментот на случувањата бев актуелен одговорен уредник на Првата програма на Македонската телевизија. Некоја недела пред тоа од извесни новинарски кругови во нашата куќа бев предложен да учествувам на конкурсот за претседател на Здружението на новинарите на Македонија. Образложението беше дека медиум како МРТВ, во чии програмски сервиси работат голем број новинари и други медиумски работници, кои имаат силен удел во новинарската дејност (режисери, продуценти, монтажери, редактори, сниматели…), треба да има човек што ќе биде на чело на ЗНМ, кое е основано во времето на Гутенберговата, аналогна, ера и така до скоро (лажно) се претставува и ја замајува јавноста како единствен и исклучив застапник на новинарството, друго сѐ е технички бездушен технички персонал, кој нема никаква емоција, креативност, удел во медиумската нова ера.
Такви ретроградни и себични мислења имаше и има и во делови од МРТВ и денес, а и пошироко во македонската медиумска збрка. Ја прифатив понудата да се јавам на конкурсот со цел своето големо искуство во сите сфери на медиумското живење да го вградам во насока на подобрување и расчистување на одредени „журналистички магли и демагогии“, кои упорно ѝ се потураат на јавноста во сиот овој транзициски и преттранзициски период.
Прифатив за да се обидам да помогнам во средувањето на состојбите во македонските медиуми, кои, според мене, беа во фаза на див либерализам што наметна силна поларизација во медиумскиот еснаф и стил на однесување несоодветен за карактерот на дејноста. Сметав дека со своето долгогодишно искуство во сите сфери на медиумското живеење можам да помогнам во расчистување на проблемите, дилемите и поделбите. Со оглед на фактот дека сферата на журнализмот и медиумите ја сочинуваат силни, писмени, високоинтелектуални протагонисти, сакав да се вградам во напорите за консолидација на состојбите, при што делбите, полека но сигурно ќе стивнат и ќе се претворат во креативна состојба на духот. На денот на собранието на 20 ноември 2010 имаше многу медиумски трудбеници. Вистинска изборна атмосфера. Но и некакви неразбирливи маневри, натегања, шепотења и долго чекање во незагреаната саемска сала. По три и повеќе часа се огласи раководството на ЗНМ претставено од претседателот (денес активен политички работник) и објави дека изборот се одложува за три недели, со некакво штуро и неубедливо образложение. Во медиумите дури беше објавена и вест дека МТВ се обидела да направи пуч на Собранието и да го преземе кормилото. Смешно, до жално.
За три недели ЗНМ се „консолидира“ и со силна поддршка од некои „невладини“ махери ги зачува и одбрани „независноста, објективноста, професионалноста“. Меѓу овие два избора се случи и ноќта кога згасна телевизијата А1. Тоа навистина беше ноќ за паметење. Изрежирана, драмски напната, со пали-гаси дејства, атракција, монтажа, шлајфна во која новинари се туркани, тепани, кордон-полиција.
Познати ТВ-лица како модерација, од полуосветленото студио се обраќаа до гледалиштето и повикуваа отворено и граѓаните да дојдат, да се придружат, да дадат отпор. Во сцената се појавуваат видни истакнати личности од политичкиот и јавниот живот. Настаните на А1 ги следев, паралелно со директниот пренос на МТВ од Универзалната сала, концерт на популарни македонски пејачки ѕвезди.
При едно вклучување со далечинскиот управувач на фреквенцијата на А1 го слушнав и моето име. Една од главните модератори на вечерта повикуваше кај е кандидатот за претседател да се појави, со име и презиме да се придружам, да се приклучам во збиднувањата, во отпорот. Телефонски, од извршниот менаџмент на МРТВ, кој беше на службен пат надвор од земјата, и од директорката на МТВ, која беше во близина, бев контактиран и „благо“ принудуван да ја прекинам програмата и да се вклучам во збиднувањата во А1. Одлучно ги одбив сите притисоци и постапив според законот и правилата. Во напната и нервозна дискусијата со извршниот менаџмент објаснив и така постапив, дека законот и правилата велат дека редовна програма може да се прекине при големи катастрофи или во воена состојба. Вклучувањата во нередите и збрката во А1 само би ја вжештиле ситуацијата, ќе информираме за настаните по завршување на директниот пренос – беше мојата одлука. И така и беше.
Погледнато од денешна визура, ноќта кога згасна А1 е првата сцена од сценариото (некои тврдат увезено од надвор), според кое, одново ќе се „освојува слободата“, ќе се урива тиранијата на партизираните институции на легално избрана власт, со нереди, улична демократија, бојкот, контроверзии… со неверојатна филмска кулминација и расплет, случувањата од 24 декември. Како во филмовите на Коста Гаврас. И сето тоа заедно именувано како демократија, легитимна борба, а всушност уште еден од обидите на дејствување за вовед во институционална криза, насилно уривање на демократскиот уставен поредок – несакање да се има слободна и независна Република Македонија.
Тоа се случуваше и така беше во „деновиве пред години“…
Аљоша Симјановски