Итајќи по сензационалност (продукт на капиталистичката димензија на новинарството) западните медиуми си направија своја интерпретација од информацијата на „Интерфакс“ за тоа дека 10.000 руски војници се вратиле од вежба од пограничниот регион со Украина. Иако првичната анализа на информацијата на Министерството за одбрана на Русија (Јужниот дистрикт), непосредно пред Нова година (од 25.12.2021) за завршувањето на вежбата во која учествуваа 10.000 руски сили од терените близу границата со Украина, не дава чувство дека е намерно пласирана руска дезинформација, едно е јасно, Русија ќе знае како да го искористи секој сегмент во евентуалниот конфликт. Последното е значајно бидејќи преку Украина конфликтот треба да ги израмни сметките со Западот по епскиот пораз што ја разгневува руската гордост.
Сегментот со информациите и пропагандата е сериозен предизвик во потенцијалниот конфликт бидејќи, според она што го гледаме од дипломатските обиди за решавање на изострениот спор, тој, за жал, тежнее кон конфликт. Сепак, она што е ново е како Русија успева да ја вооружи информацијата или да ја нахрани содржината преку предизвиците или недостатоците на либерализмот и нуспојавите (негативни сегменти) на капитализмот. Конкретно, пред да го објасниме значењето на информациската кампања од аспект на војувањето (поради потенцијалниот конфликт), проблемот е во тоа што понекогаш Русија не мора да прави ништо. Така, да речеме дека информацијата што е поставена на веб-страницата на Министерството за одбрана на Русија е само добро формулирана замка, или, пак, едноставно е неутрална, таа е само информација за настан што завршил. Но тензијата, притисокот за сензационалност, или, пак, добронамерно да погледнеме на проблемот – желбата за деескалација на состојбите и одамна нарушениот професионализам кај „западното перо“ (и тоа од реномирани куќи) е само нуспродукт на капиталистичката жед за профит.
Сензационалноста, како и можноста за одредени увидни ликови од областа да бидат креирачи на мисла или наратив преку социјалните мрежи го отворија како „пупка“ новинарството, и тоа за добро и за лошо. Доброто, според либералната логика, е дека авторитарните режими нема да можат да ја спречат или да ја контролираат информацијата. Лошото е (како што објави во еден друг контекст еден професор) што не само што може да му користат на авторитарниот режим туку може и да ја променат историјата. Земете го Ердоган на пример, кој „се спаси од воен удар преку социјалните медиуми“. Нејсе, лошите приказни и информации од сензационализмот се чини дека на овие простори се многу добро познати од времето на распадот на Југославија.
Дебелата увертира за дезинформациите е со цел да се разбере колку овој феномен е навлезен во порите на цивилното живеење, но во исто време колку тоа е сериозна алатка за добивањето на евентуалниот конфликт. Да не се лажеме, иако многумина тврдат дека овој феномен со дезинформациите е релативно нов, отворено ви велам „грешка се“. Тој е стар колку и војувањето. Сун Цу, во „Уметноста на војувањето“, ја објаснува во детали моќта на измамата, а Русија многу добро го приспособува тоа. Вооружувањето на информациите има неколку димензии поради кои е опасно, на кои Западот (а да не зборуваме ние) е ранлив. Тоа што всушност Русија го прави е приспособување на отвореното новинарство и засилување на квазиновинарството, кое е форсирано од „клик-бајт“ феноменот и информациската и медиумска неписменост на населението. Градејќи се на ова, на Русија ѝ е јасно дека ранливоста по домашното население е помала бидејќи таа за разлика од отворениот пристап на информации, кои сѐ уште се без цензура, тоа го прави мошне вешто.
Некој со право ќе каже дека прво што умира во војната е вистината и дека хаосот во информациите е ранлив за сите во евентуалниот конфликт. Точно, но делумно. Ако го систематизирате хаосот, многу полесно ќе управувате со него. Следно, ако не се грижите дали тоа ќе ви ги разниша демократските чувства на слободен пристап до информации исто така не е исто ако мора да го имате и тој товар за време на евентуален конфликт. Уште повеќе, на пример, секој што игра брзопотезен шах знае дека оној што има фотографска меморија и може да ги визуализира потезите е во предност. Стратегиски Русија е во предност поради две работи. Прво, средината е плодна, новинарството заради трката по профит е на колена, секој може да креира содржина – да пишува што сака и за разлика од порано каде што постоеше продукција на тоа како се соопштуваат вестите приспособена на капацитетот на слушателот, тој филтер сега го нема (голата информација/дезинформација се консумира директно). Второ, полошо и поопасно е кога дезинформацијата се пласира стратегиски и кога инженерингот на таквото пласирање е пак според алгоритам (значи шаблон) измислен од капитализмот – да цели на тоа што сакате да го консумирате, да ве профилира и да ви селектира содржина базирана на тоа. Ако не дај боже „изгуглате“ нешто или си правите муабет за нешто (оти нели не се слуша), Фејсбук и другите социјални платформи да ве отепаат од реклами за тоа. Е тука сега е проблемот. Што кога тоа стратегиски се гради (шаблонот) да ве дезинформира. Во пракса, количеството оружјето е моќ. Повеќе оружје е повеќе потенцијална моќ (не секогаш ефективна, посебно ако не знаеш да го користиш – за ова во наредниот број).
Но со информацијата не е така. Информацијата за едно нешто може да даде еден тек, но менувањето на таа информација може да даде сосема поинаков тек на настаните – револуција. Кога го филтрираш сето тоа стратегиски си во предност, ако не, ризикуваш да бидеш разединет. Сепак, Русите и тука не се први во модерно време. Ал каеда успеа да го стори тоа многу пред нив. Сетете се само како Европејците во Авганистан имаа проблем да ја убедат јавноста што прават нивните сили надвор од евроатлантскиот базен. Фактот дека либералната елита не беше подготвена да му соџвака на своето граѓанство дека светот е сменет и дека комодитетот на благосостојба има цена е нивен проблем. Таа грешка и занес, драги мои, имаат цех што треба да се плати. Предноста на Русија во овој сегмент е и во тоа што таа е во пркос со, според нив, „управувачите на светскиот поредок“. Секој, ама буквално секој што е незадоволен од што било, којшто тој поредок го креирал, се лепи како мува на… на дезинформацијата. Русија е во потрага по ревизија на тој поредок во кој таа е губитник. Таа ревизија сака да ја направи ако е можно многу евтино. Конкретно, со многу малку напор Русија може да постигне многу голем ефект благодарение на системот што го создал тоа (либерализмот, потребата од слободно комуницирање и материјализирање на слободата).
Овде да не бидам сфатен погрешно да потенцирам дека забелешката не е потсмевање со либерализмот или критика, туку став за тоа како еден систем не успеал да се приспособи или едноставно дошол до работ, како што тоа се случи со социјализмот своевремено. Во овој контекст, Сун Цу советува дека иако непријателот е посилен ако се нападне системот со дезинформација и артикулација на слабостите, многу лесно може да се инхибира можноста на противникот да војува. Да се потсетиме, Ал каеда целеше на јавноста од Западот преку графички слики и видеа од интернет и успеа да создаде – генерира мнение дека Западот е агресор, не носител на демократија.
Следен голем проблем за кој многу малку се зборува кога се анализираат дезинформациите е што по сѐ изгледа, Русија успева да искористи и уште еден предизвик што доаѓа од „технолошкиот глич“ на интернет-пребарувањето. За ова подетално може да се види во најновата студија на Иницијативата за сајбер-безбедност, корпоративна безбедност и кризен менаџмент или C3I, посветена на градење резилиентни заедници на дезинформации и хибридни закани од сајбер-просторот.
Зборувајќи за истражувањата околу феноменот со „дата воид“ или вакуумот од податоци, студијата ги анализира истражувањата за тоа како овој феномен се искористува од креирачите на дезинформации и како, всушност, се вооружува информацијата од технички аспект. Накратко, кога не постои информација во системот за пребарување, тој е слеп и ви дава резултати што му се нему познати. Ако вие инсталирате или креирате дезинформација, тогаш, поради немањето информациска и медиумска писменост многу е лесно да се изманипулира вистината, дури и ако имате знаење, ама немате време да пребарувате.
Ако на тоа сега го надоврзете сето она што погоре го елабориравме, станува јасно како асиметричноста на овој инструмент на политичка моќ може да се претвори во стратегиска предност за Русија. Она што сепак може да биде проблем за Русија е што целата стратегија на пристапот ја гради врз систем што сепак го поседува Западот. Ако го снема системот, ја снемува и стратегијата. Е сега која е цената за тоа, е сосема друга работа.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.