Драги мои, годината полека си отиде и дојдоа деновите кога ветувањата дадени на Америка и Европа треба да се остварат. И децата на црвената буржоазија пак ја почнаа играта во која повторно главна играчка се Албанците, кои ги туркаат во приказна дека тие, Албанците, се жртви во процесот што е закочен поради Македонците од опозицијата, кои од омраза кон нив не сакаат да гласаат во парламентот. Замислете?! И започнаа мижитатара во која албански политичари од сите партии тргнаа во пролетна офанзива против Македонците што не ги поддржуваат политиките во односите во Бугарија. На сите страни Македонците се прогласуваат за националисти и шовинисти, кои, внимавајте: „не сакаат да прифатат ништо“ од тоа за што тие како Албанци пред дваесет години излегоа по планини за да војуваат за остварување на тоа што сега на Македонците им го негираат! Што бараат Македонците, и тоа дома, во Македонија?! Ништо освен правото да се самоопределат како Македонци со свој идентитет, историја, култура и цивилизациска посебност! Ништо повеќе. За да ги уплашат Македонците, црвените деца на комунизмот ги поттикнуваат Албанците на јавни повици дека ако не се прифатат барањата на Бугарија, тие, Албанците, пак ќе излезат во планина и ќе започнат нова војна. И дотука сѐ е одиграно за „одличен пет“. Само заборавија да им дообјаснат на Албанците дека, како и претходната, и новата војна ќе се води во Арачиново, Слупчане, Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Зајас и Дебар, каде што ќе се уриваат куќите и горат покуќнините што Албанците вредно ги печалеле аргатувајќи по Германија и Швајцарија, и дека тие ќе ја платат сметката во крв и изгубени генерации.
Новата војна нема да се води во Струмица, каде што бизнисите и игричките на децата на комунизмот ќе си се играат во весела и пријатна атмосфера. Како и што претходната војна не се водеше таму. Е, да не го заборавиме и Диво Насеље во Куманово, де! Таму пак ќе се пука, и ќе се гине. Претпоследната заигравка беше таму, кога со цел да испровоцираат предвремени избори и да дојдат на власт, децата повторно ги „сместија“ Албанците од Македонија и Косово, кои требаше да бидат и беа, за жал, топовско месо. Се сеќавате ли само ден по борбите во Куманово? Каде беше Заев и што изјавуваше по телевизии? Е па, Албанци и Македонци, чорба! И, ајде да го премотаме филмот наназад и да се вратиме во 2001 година, кога владата беше кај ВМРО, а СДСМ беше опозиција? Се случи војна, предводена од тогашната УЧК, подоцна трансформирана во ДУИ, кои една година подоцна, кога ја презедоа власта, ѓаволестите деца ги запишаа во нивната детска градинка. И сѐ до ден-денес ги користат како играчка што се употребува секогаш кога треба да се направи политичка криза, да се создаде антагонизам и да се собори власт. Што се случи во 2008 година? На работ на криза ги внесоа ДУИ во влада со ВМРО. И на крајот во 2017-та ги ставија во првиот ред, кога сега со шпионски игри, со бунт и полулегално конституираа парламент и формираа влада. Ќе ве вратам, драги мои, во 1997, 1995, 1992, 1986, 1985, 1980, 1964, 1949, 1945, кога бившите комунисти без судење ги прогласувале Албанците за балисти, фашисти, антидржавни елементи, ги праќале по затвори и ги прогонувале по светот! А потоа од судирот со Сталин и информбировските настани, Албанците во Македонија ги стигматизираа до ниво на граѓани од втор ред. Ги нарекуваа Шиптари, козари, цепачи на дрва и малтерџии, неписмен џган кадарен само за најдолните работи! Драги мои, заборавивте ли кој ги исфрли Албанците од уставот од 1992 година? Кој ги прогласи за малцинство? Кој им го ограничуваше правото на образование, на употреба на албанскиот јазик и писмо? Кој ги произведе таканаречените „гостиварски настани“ и испрати албански политичари по затвори? Кој ги водеше процесите во Мала Речица и кој беше во тесна врска со Милошевиќ и другарчињата? Ете ја сега новата игра. Пак комуњарите ги пикаат Албанците против Македонците во игра во која тие на крајот ќе речат дека не играле, дека немаат ништо со тоа и дека не преземаат одговорност за катастрофите што ќе се случат.
Денес, кога немаат никакви резултати од речиси седумгодишното владеење, повторно целата вина ја префрлаат на Албанците од сите политички партии на кои им ги отстапија владата и сите институции. Како најстрашна играчка го користат Бујар Османи, кој како Албанец треба да преговара со Бугарија и да ги преземе последиците од договорот, кој сосема им е јасно дека огромното мнозинство Македонци не го прифаќаат! Нивната игра е дека тие не се одговорни за тоа – туку Албанците, кои се власт во земјата. Деновиве се лиферува пропаганда дека Димитар Ковачевски давал неколкупати оставка, но Али Ахмети не му ја прифаќал. Значи, пак одговорноста е кај Албанците, а тие не се виновни за ништо. Најперфидно од сѐ е играњето со странците и нивните амбасадори во Македонија. Тие создадат проблем, Америка и Европа го решаваат, а Македонците се одговорни и на крајот треба да ја платат сметката! Тие само треба да бидат власт! Круна, драги мои, е играта „Бехтел и Енка“, во која, целата детска градинка од страна на СДСМ им е оставена на ДУИ и Албанците, кои, внимавајте, во соигра со Американците ја прават најголемата инфраструктурна зделка во Македонија по изградбата на пругата Скопје – Солун! Ѓаволестите деца гледаат отстрана и им се потсмеваат на Албанците и Македонците, кои уште еднаш треба да бидат играчките со кои црвената буржоазија ќе си го расчисти патот кон власт на следните избори. Типично за инфантилност до ниво на социопатија.
Создавање проблем и отфрлање одговорност за последиците од проблемот. Тоа е играта, драги мои. И овој пат Македонците се пред избор да бидат заедно со единствениот преостанат сојузник, Србија и Србите, или да ги снема од картата на светот. Нека им каже некој на заиграните дечишта од ДУИ дека во следната војна другарчињата им ќе ја сменат детската градинка за секунда. Уште по првата пушка ќе стават шајкачи и кокарди на капите и ќе станат најголемите Срби на светот. Како што ги променија капите и на 8 септември 1944, кога од благонадежни Бугари и фашисти станаа најортодоксни Руси и сталинисти, во 1949-та југословени и титоисти, а во 1989-та американисти и европеисти! Во следната војна што можеби ќе се случи, а војни за жал се случуваат нели, Македонците и Србите најверојатно ќе бидат на иста страна. Во меѓувреме процесот на дерурализација на албанското многудетно семејство ќе се интензивира, иселувањето ќе достигне катаклизмични бројки на Косово и во Западна Македонија и Македонците и Србите ќе останат мнозинство. Ако сега Албанците бидат турнати во играта да ги одберат Бугарите за сојузници, само поради ветувањата и политиките на СДСМ да ги победат Македонците, тогаш ќе произведат вечно непријателство. Ако Македонците ја преживеат оваа војна, која, да не се лажеме, не е помеѓу Албанци и Македонци, ниту помеѓу Македонци и Бугари.
Жалам, ама мора да престанеме да се лажеме самите себеси: ова е војна помеѓу Македонци и Македонците деца на црвената буржоазија! И сосема за крај, како потврда на сето напишано дотука: во последните две недели, речиси секој ден, Димитар Ковачевски е во вербална војна со Бугарија. Ги напушти фините думички за пријателство и добрососедство и дома и по светот се расправа со Бугарите за проблеми за кои до вчера, ама до вчера тврдеше дека се само во главите на Македонците шовинисти и националисти. Очекувам, кај и да е, Стево Пендаровски да излезе со изјава дека Гоце Делчев е антички Македонец, тој директен потомок на Херакле, а со самото тоа и природен носител на правото на македонскиот древен владејачки престол. И сѐ што правеа Албанците дотука за да им угодат на Бугарите, создавајќи трајна недоверба и непријателство со Македонците, комуњарите го пуштија низ Вардар. Лично очекувам летово Зоче и Таче негде на некоја плажа на Халкидики да ја запеат „Излези, момче, право на тераса“, а Стево да ја започне кампањата од Солун, главниот град на европска Македонија. Во меѓувреме работи комисија за уставни промени во која нема ниту еден Македонец. Фина играчка сте си нашле, ѓаволести деца мои?!
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор