Фото: Фејсбук / Реџеп Таип Ердоган

„Екатимерини“

Кога минатата година експлодира бомба во срцето на Истанбул, при што загинаа 6 и беа ранети повеќе од 80 луѓе, Селџук Ада го направи она што обично го прават новинарите во ситуации на криза: тој почна да твитува.

-Тие ја започнаа изборната кампања – напиша тој на Твитер, мислејќи на турската влада која ги обвини курдските милитанти за нападот. Ниту една група не ја презеде одговорноста за експлозијата на прометната пешачка авенија во Истанбул, при што курдската организација ПКК и воените единици на сириските Курди СДФ негираа вмешаност.

Наскоро провладините тролови го преплавија со напади на социјалните мрежи. Неговата веб-страница беше хакирана. Неговото семејство беше навредувано, а на бизнисот на неговиот пријател му се закани затворање. А потоа дојде повик од полицијата.

-Вие сте под истрага и треба да дојдете во седиштето на полицијата за да дадете изјава – раскажува Ада за телефонскиот повик. Го прашав зошто, а тој рече дека сум под истрага според Законот за дезинформации.

Ада рече дека бил задржан неколку часа пред да биде ослободен и дека државното обвинителство сè уште го истражува случајот, врз основа на строгиот закон за „дезинформации“ на печатот и социјалните мрежи, донесен во октомври минатата година.

Активистите за човекови права предупредуваат дека неговиот случај е дел од растечкиот напор да се замолчи дисидентството на интернет и да се попречи работата на активистите и новинарите, пишува во својата анализа „Екатимерини“.

Турскиот претседател Тајип Реџеп Ердоган се соочува со својот најтежок политички предизвик досега, при што опозицијата ја чувствува својата најголема шанса да стави крај на неговите две децении на власт и да ја смени неговата политика.

Изборите што се од огромна важност ќе одлучат не само кој ќе ја води Турција, туку и како таа ќе се раководи, каде ќе се движи нејзината економија и како ќе изгледа нејзината надворешна политика.

-Турската влада ги засили своите напори да спроведе цензура и да ја зајакне контролата врз социјалните медиуми и независните онлајн сајтови за вести, со цел да се спречи можноста за критика на власта – рече Дебора Браун, виш технолошки истражувач во „Хјуман Рајтс Воч“.

Како резултат на тоа, „луѓето воопшто не твитаат за политички прашања, или ги „омекнуваат“ своите критики за нив – рече Баран Каја, адвокат на Ада.

Минатиот месец, властите на некои од најголемите новински канали во земјата им изрекоа високи парични казни.

Фокс ТВ, една од последните преостанати лиценцирани опозициски мрежи, беше казнета со 3 отсто од својот месечен приход, откако го критикуваше владиниот извештај за правата на жените.

Турската влада не одговори на барањето за коментар.

Закон за „дезинформации“

Турскиот закон за „дезинформации“ е најновиот закон во земјата, чија цел е да ја задуши слободата на изразување, велат адвокатите и активистите. Новинарите и корисниците на социјалните мрежи може да се соочат со затвор до три години за ширење дезинформации на интернет. Критичарите рекоа дека не постои јасна дефиниција за „лажни или погрешни информации“, оставајќи го законот отворен за злоупотреба од страна на судовите, за кои велат дека агресивно се справувале со отвореното јавно несогласување во последните години.

Законот, исто така, ги тера компаниите за социјални медиуми да проследуваат податоци за секој што шири лажни информации, а се назначуваат и локални претставници, чија задача е да се справат со отстранувањето на „непријатните“ содржини.

Фото: Пекселс

Аналитичарите и консултантите велат дека компаниите за социјални медиуми имаат глобални стандарди за приватност, кои веројатно нема да ги прекршат никаде, па ни во Турција, бидејќи тоа може да создаде опасни преседани за другите земји кои сакаат да вршат контрола на социјалните платформи.

Во февруари турската полиција соопшти дека уапсила 78 лица обвинети за создавање страв и паника со „споделување провокативни објави“ на социјалните мрежи за разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и Сирија.

Адвокатот Каја изјави дека повеќе не пишува постови за одредени теми, како што е справувањето на владата со земјотресот.

-Јас сум адвокат, па знам за какви изјави е подготвена да тужи владата, затоа сум внимателен – објасни Каја.

Подготви: Валбурга Батева Николоска