И слеп може да види власта што не гледа

Што ќе се смени во Македонија ако не се смени Уставот? Ништо нема да се смени, освен власта. Таа ќе си падне како скапано есенско јаболко што висело долго на висока гранка на дрвото. Во државата нема да биде ништо полошо отколку што е сега, ниту нешто подобро.
На прагот сме на уште една можна промена на Уставот. Време кога демократијата, транспарентноста, моралната одговорност и граѓанската лојалност велат дека не смее да се молчи ако се гази врз нив. Да не се биде само нем посматрач на разградувачките и криминогени постапки на носителите на власта.
Почетните чекори кон востоличување на уставните измени се изодени под сомнителни околности. Тие не се поврзани само со методологијата туку и со манипулациите за принадлежностите на Министерството за правда, на Владата и на Собранието. Сега е формирана некаква уставна комисија во министерството, иако според важечкиот устав тоа право е во исклучива надлежност на Собранието. Според Уставот, може да постои само една уставна комисија, сега фактички има две. Прашањето дали е тоа можно и дали не е прекршен Уставот што треба да се менува, не е само од формална природа. Молчи претседателот на Собранието иако му се одземаат ингеренциите и му се суспендира функцијата.
Според експертски мислења, составот на комисијата е несоодветен, некомпетентен, без доволно знаење да нуди решенија за толку значајни уставни категории за националниот и државотворниот супститут и идентитет. Речиси сите предложени се докажани властољупци, сончогледи, приврзоци на едната или другата владејачка партија. Сите, на еден или друг начин, веќе се изјасниле како поддржувачи на измените. Таму нема никој што би кажал збор против она што го замислила власта. Тоа е стилот, тоа е грдото, валкано лице на наводната демократската дебата.
Почетокот за процесот на измените е означен во време кога билансот од работењето и владеењето на актуелната власт тешко може да добие преодна оцена. Програмските цели и ветувања дадени од владејачката коалиција меѓу СДСМ и ДУИ не носат вистински ефект, за што сведочат лакировките со цените на прехранбените производи. Анкетите покажуваат дека повеќе од половина граѓани се назадоволни, половина сиромашни, други сакаат да се фрлат во Вардар. Мнозинството смета дека државата се движи во погрешна насока. И покрај овие сигнали, власта го вози возот под полна пареа на шини што не ќе може да го издржат тој товар.
За тоа говорат слабите економски резултати, нискиот стандард на граѓаните, се влошува социјалната ситуација. Опаѓа и се срамоти парламентарната демократија во самото Собрание. Дури и оние малку позитивни резултати брзо биваат покривани под пластови афери, корупција и криминал. „Смрди насекаде“ – се слуша низ административните ходници и коридори, жални се гласовите од зелените пазари. Мнозинството е понижено од циници во власта. Далеку сме ние од вредностите и условите што ги бара Европската Унија.

Актуелната власт сее страв, нејзините медиумски труби, и високи странски гости се служат со недостојни методи и алатки, сметајќи нѐ нас за недоветни. Нивната мантра е дека сега е моментот за конечна одлука за промена на Уставот, дека без негови измени (всушност станува збор само за една измена) Македонија ќе стагнирала и ќе влезеле во ќор-сокак. Ќе настанел дебакл, ќе сме чекале наредни дваесет-триесет години на нова шанса за прием во ЕУ. Поголема глупост од оваа не може ни да се замисли. Тие од ЕУ уште наредниот ден ќе дотрчаат со нови понуди, понуди со такт, не со притисок.
Наместо да ги храбрат граѓаните, тие ги плашат и им се закануваат со страшни последици. И кај нив и кај нашите лидери, најверојатно, само тој наратив е запаметен од бајките за Црвенкапа и волкот, за лошиот волк и трите прасиња. Се заборава дека македонската историја е осакатена од негирања и непризнавања, но опстоја низ векови. И дека граѓаните на Македонија се писмен и образован народ. Но и ова време на невреме ќе пројде како едно од американските торнада што ја пустошат земјата и ретко кој ќе се сеќава на сегашнава историска луња.
Стравот и неизвесноста се животни и историски феномени што се провлекуваат од постанокот на човекот. Низ различни форми тие феномени служат со милениуми за задржување на системите на владеењето. Стравот им служел и на црквата и на власта како оружје за дисциплинирање. Наспроти ова е надежта кај луѓето. Нема надеж без страв, ниту пак страв без надеж.
Ако се направи синтеза на сегашниот миг, можни се неколку идни видувања или сценарија. Како што е распоредот на силите во Собранието (и во општеството), тешко ќе оди усогласувањето на уставните измени. Уште при првиот чекор се кристализираа различните интереси и предлози на партиите и деловите на народите што се запишани во Уставот или чекаат на запишување.
Имајќи ги предвид претходните криминогени искуства од Груевски и од Заев при донесување големи одлуки, власта ќе настојува по секоја цена да го истурка своето. Ќе се служи со различни антидемократски методи, вршење притисоци, правење политичка, морална и финансиска корупција, создавајќи страв кај оние пратеници и фактори што се против промените. Безглаво и бесрамно ќе се користи меѓународниот фактор, дури до карикатурално понижувачки граници.
Доколку не успее во својата намера, власта ќе ги активира сите потенцијали, ќе ги употреби сите расположиви средства и пари да остане на позициите и привилегиите што ги има до завршување на мандатот. Оваа коалиција нема демократско чувство и морал да го признае поразот. А би останале пократки и џебовите, моторната сила што ги кове за фотелјите. Тие за власт ќе се борат до последниот чесен родољубив Македонец.

Реалноста, барем засега, говори дека опозицијата нема да гласа за уставните промени. Под опозиција веќе неколку години се подразбира само ВМРО–ДПМНЕ и самата извалкана со корупциски скандали од минатото. Сега, седум години подоцна се прикажува во друго светло. Должна е да додржи на ставот да не гласа за уставните амандмани такви какви што се навестени со таканаречениот француски предлог. Во таа смисла опозицијата заслужува и поголема и поширока домашна поддршка.
Во спротивно, ако попушти и се излаже со дарови во вид на шарени шеќерчиња, концесии, подмитувања и заплашувања, ако прифати и гласа ЗА, ќе ги изгуби засекогаш гласачкото тело и довербата. Ќе ги изневери академската структура и јавното мислење на голем дел од македонското население што не се согласува со промените.
Ако не гласа ВМРО–ДПМНЕ, ќе се издигне на пиедесталот на победник, авторитетот ќе и порасне дома и особено во дијаспората, која и натаму политички и финансиски ќе ја поддржува. Ќе ја направи Република Македонија достојна држава што знае и може да им рече НЕ на обидите за нејзино национално, општествено и територијално разградување. Меѓународната заедница ќе ја цени партијата како фактор, можеби не моќен и рамноправен, но достоинствен, секако. Истите политичари од ЕУ и САД во ВМРО ќе гледаат иден, реален неопходен партнер.
Зборот НЕ ќе ги рашири крилјата на угнетените, државата ќе добие нов полет, нов импулс и енергија. Државата ќе чекори напред со крената глава, а не со глава слична на перница полна со пердуви. Нема да личи на река во која плута секое ѓубре. Ќе покаже дека иако е мала земја не е глупа. Дека нејзините граѓани не се проста маса што може да се носи за оглав.
Изборот со НЕ ќе ја обезглави СДСМ, болната партија крај Вардарот. Коалицијата ќе се најде во паника. Тоа е патот да се откријат сите бесрамни криминали што се правени во овие шест–седум години.
Можни се и натамошни делби на политичката сцена. Албанскиот фактор нема да мирува. Или ќе наметнува ризични услови или ќе побрза да се приклучи кон новиот победник. Тоа важи особено за ДУИ. Праксата покажува, наречниците прорекле, дека третиот ден го напушта стариот партнер и му се приклучува на новиот победник, без око да му трепне и без да се сеќава што правел со претходниот политички ортак. До создавање нова власт, авторитетот на државните органи и натаму ќе се руинира и тешко граѓаните ќе ги остваруваат своите права ако не се партиски ангажирани и ако немаат солидни приватни врски.

Новите избори ќе предизвикаат и ќе поттикнат ново престројување и зацврстување на македонскиот блок. Ќе зајакнат самодовербата и самосвеста за татковината што се од суштинско значење за земјата. Ова време на невреме ќе замине во историјата, ќе настане општо помирување, ќе се отворат нови патишта и добри перспективи.
И слеп може да види дека македонското општество е фрагментирано. Му требаат реформирање, просветлување, заздравување на животот на нацијата – државата. И а моралот, секако. Делбите носат недоразбирања, конфликти, уназадувања, го кочат развојот. Наспроти тоа, на Македонија ѝ треба константна политика заснована на Уставот, законите, усогласени со европското законодавство. Тоа е гаранцијата за напредок и просперитет.

[email protected]