И Грците во Уставот – зошто да не?

Денешниов текст, текстот што ќе го читате, би требало да носи наднаслов „Личен став“. Имено, во рамките на таканаречената јавна дебата за промените на Уставот и поканата во неа да учествува секој граѓанин, ја користам можноста да ѝ поднесам на Владата еден предлог и да ѝ препорачам еден совет. Во лично име, како лично мислење, кое ниту мора да значи нешто ниту пак да се прифати. Кога веќе предлагачот (Владата) се срами да ја подвлече и потврди идентитетската слика на државата како претежно македонска, на македонскиот народ, не би било оправдано некои делови на народи да се исфорсираат, други да се стават настрана.
Ќе биде запишано во политичките анали дека уставниот воз со бројот 2023 официјално тргна од главната станица од денот кога Комисијата за уставни прашања го прифати предлогот за уставни измени. До првата станица ќе стигне на 18 август, кога Собранието на пленарна седница треба да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот и неговите амандмани. За терминот кога возот ќе пристигне на последниот терминал, кога ќе се огласи сирената за да го означи пристигнувањето, не може да потврдат ниту самите машиновозачи.
До 18 август, ако нешто во меѓувреме не се смени, Владата на РСМ треба да подготви текст на нацрт-амандманите и да го достави до Собранието, каде што би требало да се гласа. Но и не мора. Гласањето ќе биде закачено на барјак и ќе виси во воздух, сѐ ќе зависи какви ветрови ќе дуваат.Така вели претседателот на Уставната комисија и на Собранието, Талат Џафери, кој има надриспособности да ги толкува Уставот, законите и собранискиот деловник.
Бидејќи има време до подготвувањето на нацртот, мојот предлог е во Уставот, покрај наброените делови од народи, да биде додаден и грчкиот народ. Имено, во додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата, односно во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ, бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“, се става запирка и се додава и „грчкиот народ“. Во согласност со ова да биде направена измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во Собранието на сите вака утврдени заедници во преамбулата на Уставот.
Зошто во Уставот треба да има место и за грчкиот народ? Одговорот е прост: ако има место за наброените делови од народи, зошто и Грците во Македонија, колку и да се, да не бидат во тој ред. Како што е познато, според предлогот на Владата, за впишувањето на деловите од народите нема некое посебно поединечно образложение. Сите се ставаат топтан, на куп, иако има големи разлики меѓу едни и други, има различни намери и цели. Нема статистички критериум, значи статистичките бројки на жители од тие народи воопшто не се земаат во обѕир и немаат некаква бројна важност. Нема образложение како и кога некои од нив учествувале во создавањето на македонската држава. Ромите, Власите и Египќаните, па дури и Бошњаците немаат свои држави, другите имаат.
Оттаму, неминовно произлегува заклучокот дека одлуките за проширување и впишување делови на народи, порано се ословуваа како малцинства, се донесени од политичка природа, по некој личен суд, одоко и да се прикрие (покрие) основната цел – да се впишат Бугарите. Единствено за нив има европска наредба. Од сите наброени, единствено тие ги негираат идентитетот на Македонците, нивната историја, јазик и писмо. Околу нив се одвива целокупната уставна драма. Другите фрази се само убаво накитени реченици нафрлени без ред.
Еве ги другите причини: Република Северна Македонија има потпишано спогодба (Преспанскиот договор) со Грција, со која го промени името на своја штета, но потпиша и спогодба за пријателство, соработка и добрососедство. Грција се обврза да не го попречува членството во меѓународните организации, вклучувајќи ја и Европската Унија. Сегашната влада односите со Грција ги оценува како одлични и, засега, без отворени прашања, речиси. Не може точно да се утврди, но во Република Северна Македонија живеат повеќе Грци од Евреи или Словенци. Можеби има ист или поголем број граѓани во Македонија што имаат прогрчко чувство отколку што имаат пробугарско, но тоа е друга тема.
Сакале да признаеме или да критикуваме, но неспорен факт е дека Грција е најотворената земја на светот за македонскиот народ. Секое лето од Халкидики до Пелопонез, на Егејско, на Јонско и на Средоземно Море престојуваат десетици илјади Македонци. Само во еден-два дена, викенд, низ граничните грчки премини минуваат пет-шест илјади Македонци. Некои финансиски податоци покажуваат дека Македонците во Грција трошат милиони евра годишно.
Слично е и од другата страна. Не се чувствува толку во Скопје, но во Гевгелија, Битола Прилеп нема ден а да нема стотина Грци. Во Македонија има грчки банки, големи фирми, третина од трговијата е во нивни раце. Солун, Лерин, Воден, Кукуш се дел од македонската и од заедничката историја со Грција. Македонците во одредени периоди имаат историски искуства слични како со Бугарите – и добри и лоши.
Пред пет години Република Македонија, сепак, го помина грчкиот рубикон, иако на своја национална штета. Впишувањето на Грците како дел од грчкиот народ сега би било израз на добра волја, на пријателство, меѓусебно почитување и доверба, исто како со сите наброени делови од народи. Се разбира дека сето горенаведено и предложено е под услов уставните измени да добијат зелено светло во Собранието.
Толку за Грците и за нивното место во Уставот.
Во образложението за уставните измени, како една од главните причини за менување на неколку места е истакнат мултикултурниот карактер на Република Македонија, што во заднината го подразбира нејзиниот мултиетнички карактер. Културно е пред очите на Европа да се игра со мултикултурен „карактер на општеството“, но не е упатно да се игра на картата на мултиетничност. Тоа не е идеја на Европа, не е европска цел. И дел од земјите на Западна Европа, голем дел од нивните партии, отвораат фронт против идеите за какви било загрози на нивните етнички, национални устројства и традиции. Бегаат како од оган некој да им наметнува мултиетничност, мултикултурност.
Погледнете наоколу: сите земји се моноетнички и монокултурни – Грција, Бугарија, Албанија, сите поранешни членки на СФРЈ, Србија, Косово, Хрватска, Словенија се држави на нивните народи, само со малцински права за другите националности. Погледнете пошироко: во Полска, Чешка, Унгарија, Естонија, Литванија ќе ве прогласат за непријатен и неук гостин ако им држите лекции за мултиетничност или мултикултура. Хрватска, на пример, иако во својот устав има запишано дваесетина етнички заедници, сепак е држава само на хрватскиот народ. Во Европа мултиетничка е само Босна и Херцеговина и затоа триесет години не може да се состави и да функционира како единствена држава.
Конечно, во ниту еден од документите, како што се таканаречениот француски предлог, заклучоците на Советот на Европската Унија, Воведната изјава и слично, не се бара да се направат уставни измени заради јакнење на мултиетничкиот или мултикултурниот карактер на новоименуваната држава Република Северна Македонија. Домашните обланди имаат само една болна, ургентна цел: да го покријат впишувањето на Бугарите во Уставот. Сите други небески цели како ЕУ – МЕУ се дел од обидите да се дораспадне кревката македонска конституција со демократски средства и на чист македонски начин. Никој од Европа и од САД не сака да си ги валка рацете повеќе одошто треба. Еднаш го направија тоа, по вторпат ќе биде премногу.