Во минатата колумна разгледавме неколку сценарија од исходот на војната, релевантни за Русија, во оваа – исходите релевантни за САД и Западот, но и за целокупниот неолиберален поредок. Не дека досега не го знаевме, но со овој конфликт многукратно се потенцира грдото лице на Западот, на англосаксонската цивилизација и, конкретно, на САД и НАТО. По оваа војна, лузните од неа врз лицето на Западот и САД никогаш нема да избледат. Ништо нема да биде исто по оваа војна, и за Западот, Европа и САД, но и за целиот т.н. неолиберален поредок. Од неколку клучни аспекти.
Прво, конфликтот се случува во Европа, а не како досегашните – главно во арапскиот свет. Интервенциите што до ега во арапскиот свет ги правеа ексклузивно САД и сојузниците, со својата пропагандна машинерија успеаја да ги „нормализираат“, да ги направат „стандард“ и да ги „прифатиме“ како нужност. И тоа не само да ги прифатиме туку и да ги перципираме во рамките на наративот наметнат од западниот супериорен пропаганден наратив, дека „тој свет“ каде што се војува, во најдобар случај, е свет на неподнослива автократија, а во најлош случај дека се работи за свет на „диви племиња“ и дека тоа што се „бијат“ е нивна „нормалност“, а САД со сојузниците само понекогаш се вклучуваат колку „да ги смират“, да им воведат „ред и поредок“ и да ги „демократизираат“ овие „племиња“ и дека нивните интервенции не се резултат на американските империјални интереси, туку резултат на „природната состојба“ на нештата во еден „неразвиен племенски свет“. Да не губиме простор овде, проверете сами каква е состојбата во Либија за време на Гадафи и по „демократизирањето“ од страна на САД. А такви интервенции САД имаат над 30 по Втората светска војна!
Но во оваа „вонредна состојба“, сиот тој наратив е доведен под сериозен предизвик! И не само овој очигледниот за неоправданоста на интервенциите на САД во арапскиот свет (и не само таму) туку и многу поширокиот наратив – севкупниот неолиберален идеолошки наратив на западната цивилизација е доведен во криза. Но прво уште малку за овој очигледниот. Имено, по повод овој конфликт дебатите се водат, како никогаш претходно, со она што денес популарно се нарекува „вотабаутизам“ (што во случајов значи: „и тие -Американците го правеа тоа“), како логичка грешка во аргументацијата.
Дозволете ми мала дигресија патем: логиката како наука има соодветни старогрчки и латински поими за логичките грешки, наместо овие англиски „јутуб-варијанти“ на новопечени интелектуалци, што говори не само за површниот третман на науката денес воопшто (за што меѓу другoто на еден очигледен начин говореше и филмот „Don’t look up“) туку и за доминацијата или американизацијата на научната култура и културата воопшто, за што ќе говориме подолу; па, така, овој денес популарен назив „вотабаутизам“ (whataboutism), всушност, е специфичен вид ad hominem логичка грешка, дефинирана одамна во логиката како Tu quoque.
Но да се вратиме на тоа како се користи овој аргумент – „и вие правевте така“ – при секој обид да се оправда руската интервенција. Имено, иако е точно дека „вотабаутизмот“ е логичка грешка во аргументацијата, тој сепак значи нешто во случајов. Нешто друго, но сепак значи нешто – имено значи за првпат толку голем, дури огромен интерес за „она што правевте вие“, т.е. што правеа тие – Американците! Сега како одеднаш да станавме свесни или барем дополнително свесни за она – „а навистина, што правевте вие“!? Иако, рековме, тоа не е аргумент, т.е. тоа е логичка грешка во аргументацијата и не може да послужи како оправдување за тоа што сега го прават Русите, но самиот факт за интензивирање на употребата на „вотабаутизмот“ говори за тоа друго „нешто“, говори за отворање „пукнатина“ во досега доминантниот западен наратив, кој одеднаш е под лупа! И иако во овој момент тој аргумент го употребуваат првенствено „русофилите“ или оние што се на „руската страна“ од конфликтот, сепак тој ќе остави трајна лузна во доминантниот западен наратив и во иднина. Секако, рековме, самиот факт на свртување на вниманието кон „она што го правевте вие“ не го оправдува „она што го правиме ние сега“, но веќе значи сигнал дека се изострува, се сензибилизира јавноста, се насочува фокусот на тоа „што сите го правеле“, а немале право да го прават! По ова, во светло на ова што го правеа Русите, ќе немаат никакво право да го прават и оние што до вчера го правеа и мислеа дека имаат право да го прават!
Ова сензибилизирање на јавноста е евидентно по неколку основи. Прво, евидентно од „шокираноста“ кај западните медиуми дека „војната е реалност“. Да, замислете, тие се шокирани дека војната е реалност во XXI век, и тоа во Европа!? Се разбира, Балканот и овдешниве војни не ги сметаат, Балканот сепак не е Европа, или барем тој е „другото“ на Европа, нејзиното „потсвесно“. Вистинската Европа е на друго место, а само војната во таа „вистинска Европа“ е војна, не и тие во арапскиот свет, оти, рековме, таму веќе е норма. Овие зборови на шокираност од војна во Европа, изговорени безброј пати од западни медиуми, се доволен индикатор за супремационизмот, елитизмот и западоцентризмот, кој толку лесно го прифаќаме, а кој по ова нема толку лесно да го прифаќаме, или дури и нема толку лесно да го прифаќаат дури и во таа „нормалната“, „вистинската“ Европа.
Второ, сензибилизирањето е видливо и од други знаци. Имено, лесно можете да најдете на интернет дузина европски и американски новинари од најзначајните медиуми како се шокирани дека бегалците се „нормални, бели луѓе, како нас“! Да, да, имаше таква изјава на Си-ен-ен! А тоа нашата бела, западоцентрична и христоцентрична супремација не може да го поднесе, затоа што тоа директно го подрива доминантниот наратив што тие го нормираа – кафеавите, црните и „нецивилизираните“ муслимани може да гинат, но не и белите и „цивилизираните“ католици и протестанти (и православни, може). Но сега, по гинењето на „нормалните“, „белите“ Европејци во Украина, тешко ќе помине која било интервенција над „ненормалните“, „кафеавите“ и „нецивилизирани“ Арапи и муслимани. По шокот од оваа војна, доминантниот наратив на белата, цивилизирана, католичка и протестантска Европа е предизвикан засекогаш.
Трето, кога сме кај бегалците, дали забележавте како одеднаш „белите, христијански, европски“ бегалци од Украина не се истите оние од муслиманскиот, арапски свет, кои беа „проблем“ за Европа, кои се давеа по морињата, кои умираа по грчките и турските острови и кои служеа како средство за пазарење и плашење на Европа (Грција и Турција ги „пуштаа“ или „запираа“ небаре се стадо овци)? Овие не се „тие“ бегалци! Со овие бегалци немаме проблем!
И конечно и можеби најважно, со оваа војна дефинитивно се предизвика неолибералниот идеолошки наратив, кој по ова мора да се преобмисли себеси, ако сака да продолжи да владее. Имено, досега жилавоста на американскиот капитализам и неолиберализам се покажуваше просто неверојатна, фасцинантна! Западната неолиберална идеологија, особено во САД, се оформи во своевиден „метанаратив“, кој успешно ја интегрираше секоја критика. Една од најголемите предности на неолибералната капиталистичка идеологија беше токму таа неверојатна способност да ги интегрира во себе сите противречни гласови, дури и (само)критиката да ја вметне во официјалниот мејнстрим-наратив и со тоа да ја направи безопасна по системот, та на тој начин дури и да ја претвори во предност! Од антивоените протести за Виетнам и хипи-движењето (кога мислам дека беше измислен и имплементиран рецептот) до денес, тој метанаратив што ги голташе сите спротивставени наративи беше најважната суптилна пропагандистичка алатка. Таа фасцинантна жилавост на американската култура сета контракултура и супкултура да ја трансформира во мејнстрим-култура беше суштинска за нејзината зачудувачка способност за петрификација на постојниот социјално-политички и економски поредок. Благодарение на таа способност, може да се каже, во Марксов манир, во САД беа одземени сите потенцијални услови за револуција. Сѐ до денес!
Деновиве, тој систем по првпат се соочува со неможноста за таква целосна интеграција на противречните гласови и па првпат во ваква експлицитна форма посегнува кон примена по класична цензура од „источен тип“. Деновиве, за првпат, во таква брутална форма сведочиме на цензура од класичен „источен“ тип! Западот денес има веројатно затворено повеќе руски медиуми, отколку Русија – западни. Како никогаш порано, светот посегна по алтернативни, руски извори на информирање и интернет-платформи (Телеграм, Вконтакте…)! Западниот наратив е сериозно фатен во „офсајт“! Како сега протестирачите, новинарите-противници на интервенцијата и преостанатата опозиција на Путин се херои, а Асанж и Сноуден не се!? Но она што е уште поважно, војнава и кризата предизвикана од неа покажаа дека најважното оружје на САД, покрај воената, е таа мека моќ што ја доминира културата – имено, покрај бруталното затворање медиуми, во цензурата се приклучија и сите американски социјални мрежи и медиуми. Што стана одеднаш со laissez-faire? Што стана со капиталот независен од политиката и државата? Каде отиде „невидливата рака“ на пазарот? Како одеднаш Фејсбук, Твитер и другите доминантни американски мрежи (кои не се медиуми, туку само платформи и не би требало да имаат уредувачка политика, а сепак гледаме како „уредуваат“), покрај Трамп, сега ги исфрлија и Путин и Русија? Види иронија, до вчера овие мрежи на секој руски или кинески пост пишуваа: „state-affiliated media“, а од денес на секоја од овие мрежи веројатно треба да стои: „private, but nevertheless state-affiliated“! Ох, иронијо, забавувачке! Како тоа американскиот капитал, независен од политиката и државата, под команда се повлече од рускиот пазар? Како „меко“ и квазилиберално се користи оваа мека моќ на САД, говори и фактот што Белата куќа ги собра на „обука“ сите „инфлуенсери“ од Инстаграм и Тикток да им даде инструкции како да ја водат „кампањата“ на социјалните мрежи! А ако ми кажете дека голем дел од нив тоа го прави доброволно и непринудено (за разлика, демек, од Русија), тогаш уште полошо и за нив и за државата, затоа што суптилноста и перфидноста на пропагандата се само уште посилна илустрација на злоба. Да ми простат маркетинг и пиар-специјалистите, но оваа суптилност на пропагандата, во суштина не е ништо друго освен манипулација, а тоа е зло!
Да зборуваме ли за тоа што оваа криза фрли дополнително светло на она што ни беше и онака јасно: дека целата светска инфраструктура е направена, контролирана и е во исклучива функција на САД. Од интернет, економската, финансиската, безбедносната и политичката инфраструктура, па до културната и спортската, целиот свет е инфраструктурно построен како една голема играчка на САД. Се исклучуваат спортисти од натпревари, се принудуваат да играат без национално знаме и име на земјата од која доаѓаат, се отпуштаат музичари, сликари, уметници по светот, само затоа што се Руси!? Се забрануваат руски композитори, писатели, уметници… Тотална екскомуникација, дури и прогон, кој многу потсетува на прогонот на Евреите.
Злите времиња, драги мои, се тест – и за поединецот и за општеството. Зловреме ги вади и најдоброто и најлошото – и од човекот и од заедницата. Во случајов, малку требаше да му се измести тлото под нозете на неолибералниот комфор за да го покаже своето грдо лице. Хм, можеби навистина е точно – гребнете под површината на неолиберализмот и ќе се појават боите на фашизмот! А Путин можеби имаше нешто повеќе на ум со „денацификацијата“!?
Автор: Трајче Стојанов