Арен збор царски врати отвора! Сега повторно некој ќе ни дофрли: „Ти си луд дечко! Без никаков редослед пишуваш!“
Македонското општество е разјарено. Ако не ми верувате на зборот само погледнете ги улиците и ќе се уверите. Маса народ, денес лекарите, утре учителите и сѐ така до бесконечност. Како што се одвиваат нештата, не би се зачудил доколку слушнам дека и новинарската фела си ги побарала заслужените права – бенефициран стаж и предвремено пензионирање, зоашто не е лесно да се биде новинар. Сосема разбирливо, секој си се бори за основната егзистенцијата, зашто секојдневниот животот стана мачен.
И сега од немај-каде го поставуваме прашањето: „А што правиме со Самуил?“ За да нема недоразбирање, не говорам за библискиот пророк Самуил, туку за оној Самуил што има споменик во центарот на Скопје и чиј споменик е актуелен во бугарските медиуми. Зошто? Некој под неговото името со спреј допишал – цар на Македонија. Ако го земеме предвид сегашниот момент, некој може да ни дофрли: „Ти си луд дечко! Како перпетуум-мобиле постојано се вртиш во круг и повторуваш – Самуил, Самуил, Самуил… Ние леб немаме да јадеме и ќе започне трета светска војна, а ти ни говориш за Самуил“.
Вистина велат! Ама мора нешто да се работи. Лукијан од Самосата ни пренесува една интересна анегдота. Кога жителите на Коринт разбрале дека великиот македонски крал Филип со својата војска се упатил кон градот, се вознемириле и се зафатиле со работа. Едни правеле оружје, други носеле камења, трети го доградувале бедемот, секој зел да прави нешто полезно. Филозофот Диоген го гледал сето ова и бидејќи никој не му давал задача, го исправил ќупот во кој живеел и започнал да го тркала горе-долу по ритчето во непосредна близина на Коринт.
Набргу, некој пријател го запрашал: „Што правиш, Диогене?“ А филозофот одговорил: „Ете, си го тркалам ќупов, за не си помислите дека меѓу толку забревтани луѓе, само јас седам без работа!“
И ние, слично како Диоген, иако не ја поседуваме неговата мудрост, го тркаламе ќупот горе-долу. Во една македонска (сега веќе северџанска) поговорка се вели: Арен збор царски врати отвора! Сега повторно некој ќе ни дофрли: „Ти си луд дечко! Без никаков редослед пишуваш! Горе-долу! Горе-долу! Горе-долу!“
Ајде повторно од почеток. Еден близок пријател ми вели дека кога ќе пишуваме за одредена тема треба да се задржиме на суштината, зашто во спротивно ќе се разводенат зборовите. Убаво вели! Но таков ни е стилот на пишување, толку ни е дадено од бога. Да ја оставиме шегата настрана и да се насочиме кон суштината. Мудри биле нашите предци кога говореле дека арниот збор врати отворал! Нашето (како што некој милува) општество е во грч, а луѓето немаат леб. Да ги послушаме предците и со арни зборови да ги отвориме вратите на Европската Унија.
Сега некој може да не запраша: „Кои се тие арни зборови?“ Одговорот е едноставен: македонската историја, јазик, култура и обичаи се бугарски, македонската нација е вештачка творба што е создадена од Тито, а понатамошниот редослед верувам дека го знаете. Нештата се едноставни. Треба да признаеме дека македонскиот народ егзистира од 1945 година и бугарското вето ќе исчезне.
Со месеци се лажеме, ваква комисија, онаква комисија ќе ги подобрела македонско-бугарските односи, но и малите деца знаат дека решението се наоѓа во фамозната историска комисија. Затоа и сета тежина на ветото се наоѓа врз македонските членови, без разлика дали тоа им се допаѓа. Всушност, тие се наоѓаат во егзистенцијалната ситуацијата на Кјеркегор: Или-или? Можеме бесконечно да повторуваме: мултиперспективност, мултиперспективност, мултиперспективност…, но другата страна нема слух. Главна бугарска водилка во овој момент е: Сѐ или ништо! Што поскоро го разбереме тоа, толку подобро. Затоа македонскиот дел од историската комисија треба јасно да го искаже својот став. На крајот на краиштата, може да ги прифати бугарските барања и да го спаси народот од мака.
Бидејќи досега споменавме двајца филозофи, да споменеме уште еден. Фридрих Ниче вели дека западниот човек ја изгубил својата врелина, станал човек без гради што нема храброст и став. Овој човек не е подготвен да се бори и да ги заштитува своите принципи, повеќе наликува на животните и се стреми кон задоволување на основните инстинкти.
Свесни сме дека стануваме здодевни и ќе привршиме со уште неколку збора. Реалност е дека сите ние се соочуваме со големи тешкотии, меѓутоа решението се наоѓа во реформите (во вистинска смисла на зборот) што ќе го преобразат македонското општество, а не во откажување на суштествените нешта за македонската нација. Само луѓето без гради коленичат и се надеваат дека некој друг ќе дојде и ќе ги спаси од маките. Во нашиот случај тоа е Европската Унија, но практиката покажа дека не е така. Затоа треба добро да се замислиме во кој правец се движиме.