Вчера требаше да се одбележи родениот ден на Гоце. За разлика од пред две години, кога имаше натпревар околу чествувањето, полициски кордони, безбедносни закани, турканици и свирежи за оние што по службена должност одеа кон црквата „Св. Спас“, годинава молкот е гласен. Барем во моментов кога ја пишувам колумната (недела наутро) нема најава за некоја поголема манифестација што би се одржала по овој повод. Она што допира се штури информации за тоа дека тричлена собраниска делегација ќе положи цвеќе на неговиот гроб, како и претставници на Владата и претседателот – и толку. Објави од другите институции нема, особено од Министерството за култура. Всушност, традиционалната манифестација „Гоцеви денови“ запре минатата година, односно требаше да ја преземе Министерството за култура – но досега нема ни трага ни глас за нешто од таков вид. Во овој миг наидувам на една симпатична вест, која вели дека локалната библиотека во Гевгелија што го носи името на Гоце ќе го одбележи својот патрон, но грдата вест е онаа од пред два-три дена дека големиот споменик среде струмичкиот плоштад беше вандализиран од непознати сторители, кои со автолак напишале нешто на англиски јазик. Струмичкиот градоначалник многу возбуден, вети правда.
Можеме вака да пребројуваме симболични траги на нешта што би требало да укажат колку нè допира родениот ден на Гоце заради сопствена утеха, а можеме и да се надеваме дека има „поправна шанса“ на денот на неговата погибија, но не е поентата во тоа. Јасно е дека јубилејот (150 години од раѓањето на великанот) предизвика поголема (главно политичка) бура и овде и кај „добрите“ соседи, а ова е една „обична“ годишнина. Ама вистинското прашање гласи колку во секојдневното живеење (особено на политички план) ги живееме Гоце и неговите идеали. Не мислам тука на секојдневно крстење пред неговиот лик, туку онака спонтано, колку македонството низ тече низ вените и колку неговиот пример е инспирација за оние што денес би биле вождови. Еден помлад пријател и поет умно и со горчина забележа дека Гоце стана поп-икона, ѕвезда по (политичка) потреба. Тој најверојатно би се срамел од оваа држава и од она во што се претворивме. Едвај и да се најде некој со ’рбет и ум да каже: чекајте, запрете, ајде назад, ја утнавме работа, згрешивме! И навистина, токму кога ќе помислиме дека дното е допрено (во која било сфера), а подолу, оп! Уште една дупка.
Сакате набрзина само еден пример? Токму се израдувавме за поништувањето на штетниот тендер за ПАХЕ „Чебрен“, a веќе на хоризонтот се појави најновата штетна зделка на Владата чија единствена цел треба да е организирање парламентарни и претседателски избори. Но таа набрзина сака да протурка нов штетен договор во четири очи за гасната централа на грчкиот „Митилинеос“. И тоа со државни стимулации. Но, тоа бара посебна елаборација…
Денешниов ден, навидум сончев и убав, сепак го наметнува прашањето зошто го заборавивме Гоце. Зошто ги изневеривме неговите идеали? Зошто наменски се вади од ракав, кога треба да се манифестира патриотизам по одреден повод? Во остатокот од времето, се однесуваат како најголеми душмани на сè македонско. Најтешкото прашање, кое вреска чекајќи одговор е: Има ли чаре? Симболиката на Гоце, ајде да повторам уште еднаш, е во одржувањето на огнот на борбата за самостојност, и тоа со сопствени сили, без страв од моќните и „сојузниците“. Некои ќе ме потсетат дека Гоце и неговото водење на револуционерната организација е најзначајно во делот на неговото доближување до „обичниот“ селанец и сиромашниот човек, неговото сфаќање дека нема ослободување на Македонија без народно движење. Авангардата колку и да е значајна во будењето и ширењето на идеите, чинот на ослободување мора да биде народно дело. А тоа бара жртва. Поточно, саможртва! Подготвеност да излезеш од комфорната зона, да се активираш и по цена да си го загубиш не само мирот туку и животот ако затреба.
Ако мислите дека денес тоа е претерана констатација и дека никој не мора да гине, се лажете. Денес „гинењето“ може да биде симболичко, со „меки“ средства. Како на пример станување неличност (unperson во смисла на Џорџ Орвел), цензурирање на секоја неподобна мисла, парола, идеја или идеологија. Некому ќе му се види претерана оваа споредба, но со Преспанскиот договор сите ние станавме неличности, т.е. „испаривме“ од историјата и сегашноста, нè лишија од идентитет, човечност и постоење – не само нас денешните туку и предците. Вклучувајќи го и Гоце, ако почне да пречи или ако не се побугари.
Сфаќаме ли ние колку е субверзивна самата помисла на херој и великан од таков вид како Гоце, во време кога историската одговорност треба да се преземе од некои „нови дечки“? Токму оние ребрендираните и културните, фините, европеизираните и високоучените први ќе ги означат како „радикални“ и како диво месо што треба да се отстрани (на патот кон ЕУ). На пример, пред некој ден следев едно големо интервју во кое соговорничката, умна и паметна жена професор и пратеничка, веројатно како лапсус и со друга намена изговори нешто многу интересно.
Парафразирам: „суштината на парламентарната демократија е радикалните партии да се маргинализираат“, односно идејата е да се прават предизборни коалиции со умерени партии што имаат „голема коалициска моќ“!?! Така, политиката навистина станува дипломатија, умешност на можното, односно убивање на сè што не се вклопува во „умереното“ (т.е. центарот, кој нема ни идеолошки погледи ни политики). (Патем, убедена сум дека во конкретниот разговор мислата беше свртена кон радикализмот на ДУИ, но ваквата констатација и разбирање на политиката отвораат можности за поширока демонизација на сè што е радикално.) Рамките на дозволениот или политички коректниот говор се одамна поставени, иако невидливи. И не само кај нас. Да потсетам на една мисла на Ноам Чомски, кој погодува токму во центарот на ваквото настојување да се оди по линија на „умереност“ и во рамките на широкото политичко „статус кво“ (непроменливост на системот, колку и да е неправеден или во длабока криза). Чомски вели „паметен начин да се држат луѓето пасивни и покорни е строго да се ограничи спектарот на прифатливи мислења, но да се дозволи многу жива дебата во рамките на утврдениот спектар – па дури и да се охрабрат покритички и дисидентски погледи“.
Мислите дека ја напуштив темата за Гоце? Не, не, тука сум, бидејќи како и Исус, кога денес Гоце би станал и би нè соочил со нашиот срамен живот и положба, тој би бил радикал. Тој би бил маргинализиран зашто би немал „коалициска моќ“. Дури и пречестото повторување (мантрање би бил поточен збор) на неговата мисла за светот како поле за културен натпревар меѓу народите е повеќе во духот на „умереното“ отколку на „радикалното“. Се сеќавате на „славните“ зборови на министерката што бараше културата да се сведе на забава и релаксација? Со други зборови, да се натпреваруваме во сферата на културата, мирољубиво, и во духот на човечката различност – ама не и нашата посебност. Но, да не претеруваме со македонската кауза. Забораваме како надградбата ја сфаќаше Антонио Грамши (многу блиску од она што Чомски го нарекува строго ограничен спектар на мислења), културната хегемонија е таа што е главна алатка за подјармување, менување менталитет на Балканците и примитивните, па дури и правење неличности од невините во Газа. Гоце денес ќе беше на нивна страна, а немаше да ги чита европските договори небаре свети книги по кои чекори ЕУ, а кои не се разбирливи дури ни за образованите Европејци.
Гоце е симбол на немоќниот Давид, кој со прачка се бори со моќниот Голијат – и победува. Освен ако живите по него не го заборават и сведат на фолклор. Најважно од сè, Гоце ќе се обидуваше да го разбуди Македонецот и да му влее самодоверба дека неговата судбина и слобода зависат од неговата подготвеност да се саможртвува за Македонија, а не за некакви сојузници и геостратегиски цели.