Речиси 38 отсто од луѓето во светот сега живеат во земји со медиуми оценети како неслободни, 42 отсто живеат во земји со делумно слободни и само 20 отсто живеат со слободни медиуми.
Глобалната слобода продолжи да се влошува и во 2023 година, што е тренд што трае 18 години по ред, соопшти „Фридом хаус“ во штотуку објавениот годишен извештај „Слободата во светот“. Македонија, останува во категоријата делумно слободни земји, во друштво со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Украина и Молдавија.
Глобалните медиумски слободи направија голем чекор наназад во 2023 година. Светот се соочува со уште еден клучен тест во 2024 година, бидејќи милијарди луѓе се упатуваат на гласање, како и поради повеќето оружени конфликти, вклучувајќи и во Источна Европа, Јужен Кавказ и Блискиот Исток. Изборни манипулации, војни и напади врз плурализмот се клучни двигатели на глобалниот пад, според „Фридом хаус“. На поголем дел од глобалното население ќе му бидат ускратени основните слободи во годините што следуваат, што на крајот ќе влијае на мирот, просперитетот и безбедноста, според предвидувањата на Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.
Како што се појавува редовниот годишен извештај на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите секоја година како по правило се отвора (кобожемна) дебата за состојбите во нашиот случај, површна, млака, што се вели – да се помине на редот. Се некакви исчудувања, вџашеност, вчудовиденост од падот на рејтингот и степенот на доверба што го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода. Сето тоа заедно, апсолутно непознавање на темата и материјата.
Според неколку последователни извештаи, „Фридом хаус“ за „држави во транзиција“ – во кои се анализира состојбата во медиумите – нотира состојби на „слабеење на демократијата до авторитарна агресија“. С. Македонија останува во категоријата „хибриден режим“. Фамозниот „Фридом хаус“ во својот годинашен извештај – откако ги измери и премери медиумските слободи и неслободи, со „кренат показалец“ – ја рангира Република Македонија, подолу-погоре, со слична генерална оценка како лани на скалата од еден до седум, каде што еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко.
И како што се појавува редовниот годишен извештај на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите, одново многубројни реакции, отровни коментари, зачуденост. Секоја година како по правило се отвора (кобожемна) дебата за состојбите во нашиот случај, површна, млака, што се вели – да се помине на редот.
Се некакви исчудувања, вџашеност, шокираност од падот на рејтингот и степенот на доверба што медиумите го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода. Сето заедно е апсолутно непознавање на темата и материјата.Некогашното верување дека нештата се вистинити затоа што се појавиле на телевизија или во весници, денес е стопроцентен анахронизам, или само романтично поглавје сместено некаде во воведот на кусата неверојатна и бездушна историја на медиумите. Онаа силна димензија и оправдано нарасната надеж што низ времето тие ни ги наметнаа и всадија во нашите кревки информациски тела, со жанровски разновидни кампањи на силните визии и ветувања, сѐ повеќе се претвораат во мелодрамска антропоцентрична сапуница.
Минатото е лага, сегашноста изобилство од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, сѐ во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што со силата на интензивната медиумска сугестија нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот, која немо и беспоговорно ја следиме како дневни активни протагонисти. Медијализираната стварност што ни се наметнува и која секојдневно атакува врз нашите сетила, низ интензивните секојдневни информациски виртуелни сеанси, наизглед жанровски разновидни, има и една скриена „возвишена“ цел. Најпрво да го скрши отпорот, а потоа да го стесни и задуши просторот на слободна волја ѝ да нѐ претвори во небитие, па да нѐ смести на маргините некаде во меѓупросторот, каде што се пресметуваат идеологиите, политиките, бизнис-интересите.
Објективни и слободни медиуми денес всушност и не постојат или тоа е само некаков привид дека тие објективно пренесуваат известувања и значења. Таквиот впечаток настанува само ако тој пренос не е особено густ и зачестен. Меѓутоа, ако се премине критичниот праг на употреба, што во ерата на незаситната виртуализација е редовна пракса, ефектите стануваат контрапродуктивни. Медиумот веќе ништо не пренесува, туку е цел на самиот себе или станува плен на матните регионални и глобални политички платформи што секојдневно го анектираат и (зло)употребуваат за сопствени цели и интереси.
Денес кога постојано се менува сѐ и ништо не е стабилно, ниту статично, нашиот видик сѐ повеќе личи на немапирани ментални територии, создадени како резултат на дивиот либерализам и лошото практикување на медиумите, постулира теоретскиот дискурс. Од друга страна, пак, одвреме-навреме, на мигови се наѕираат симптоми во кои се чувствува зреењето на јавноста, која е претворена во зона каде што малку е видлива стварноста и се можни кибер-митови и лажни пророци. Во таквиот виртуелен хаос сѐ е во постојано движење и забрзување кон некоја нулта точка на постчовечност.
Па така, со сигурност може да констатираме дека денес медиумите повеќе не пренесуваат информации и вистини. Во најголем дел тие се употребуваат како моќно орудие за ментална навигација и манипулација, со кое низ етерот се пласираат фрактални форми на стоглави семантички чудовишта, составени еднакво од информации, забава, идеологија, политика, културни предрасуди, интереси на поединци и сл.
Како последица од ваквото континуирано дејствување, создадена е атмосфера во која е доминантно чувството на т.н. кафкијански синдром, каде што последиците на некој волшебен начин им претходат на причините, при што во извесна смисла ја парализираат јавноста до степен на автоцензура во напорите на осознавање и вистинска процена.
Клучното прашање е како да се демистифицира медиумскиот привид во кој сме вовлечени со оглед на ноторниот факт дека светот сепак постои. Како да се ослободиме од политичко-медиумската коалиција, која се обидува да воспостави еден вид империја, хелиоцентричен онтолошки систем, според кој смислата не се врти повеќе околу нас, гледалиштето,читателите – граѓанинот, туку ние сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да им се доближиме.
А што се однесува на редовниот извештај на „Фридом хаус“, за оние што од скоро го читаат, ништо ново. Тоа не е некоја нова епифанија ниту чудо, туку е само пресек, заклучок на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, духовен и ментален степен на развиток, што во услови на глобална информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен.
Аљоша Симјановски