Македонија на уште една историска пресвртница
Прифаќањето на предлогот ќе значи дека македонскиот народ е слабак, дека е неспособен за натпревар на меѓународната сцена, дека нема капацитет да си ги одбрани достоинството, државата и националноста и дека навистина не заслужува да постои на мапата на народите. Имено, во поројот од дипломатски нејасни реченици се кријат неброени опасности од предлози, кои ако се прифатат, ќе значат почеток на крајот на македонската самостојна историја, на идентитетот, јазикот и писмото. Ќе се отвори процесот на бугаризација и асимилација на новите македонски поколенија, со крајна цел Македонија и како територија, еден убав ден, да биде составен дел на Бугарија. Низ текстот на Македонците им се нудат прашањата колку се подготвени да жртвуваат од својот национален идентитет, од својата историја, јазик и писмо, колку се подготвени да ги предадат во рацете на Бугарија својата независност, суверенитет, слобода, демократија и национална гордост
На прва помисла не изгледа логично, но по темелна анализа на францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија може да се заклучи дека можеби е добар за државата, но е катастрофален за Македонците во неа. Имено, предлогот го подотвора патот за членство на Македонија во Европската Унија во некоја далечна неизвесна иднина. Тоа е единственото добро. Недобро е што ја затвора вратата за Македонците како народ, тамошните предлози нив ги водат кон бездната од која нема излегување.
Во поројот од дипломатски нејасни реченици се кријат неброени опасности од предлози, кои ако се прифатат, ќе значат почеток на крајот на македонската самостојна историја, на идентитетот, јазикот и писмото. Ќе се отвори процесот на бугаризација и асимилација на новите македонски поколенија, со крајна цел Македонија и како територија, еден убав ден, да биде составен дел на Бугарија. Низ текстот на Македонците им се нудат прашањата колку се подготвени да жртвуваат од својот национален идентитет, од својата историја, јазик и писмо, колку се подготвени да ги предадат во рацете на Бугарија својата независност, суверенитет, слобода, демократија и национална гордост.
За жал, лидерите на Европската Унија како да го поддржуваат тој пеколен план, а тоа го потврдуваат со прифаќањето на францускиот предлог. Европската понудена обланда однадвор гледано можеби е слатка, но самиот колач има горчлив вкус. Семето на злото посеано со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија сега ги дава отровните плодови завиени во европски целофан.
Агресија врз македонскиот идентитет
Политичката агресија што жестоко ја спроведува Бугарија не е упатена кон Албанците, ниту кон Турците, Србите, Власите, Ромите и Бошњаците во Македонија. Каков и да е предлог да се усвои, ним ништо нема да им фали, ниту пак во која било смисла посебно ги засега. Таа директно удира по македонскиот народ, за кој тврди дека не постои, не постоел некогаш, ниту пак дека сега има таков народ.
Има сериозни навестувања дека македонската страна, преку Бујар Османи, ќе го прифати предлогот без никакви забелешки. Што ќе значи тоа? Тоа ќе биде јавно себепонижување на Македонците, кои го сочинуваат мнозинското население во државата – 58,4 отсто, изразено во проценти. Тоа ќе значи погребна церемонија за закопување на сето минато и на целокупната сегашност.
Ќе значи откажување од Илинденското востание и од Гоце Делчев, од делата на револуционерите и преродбениците, ќе се бара македонска осуда на делото на Крсте Мисирков и неговите наследници. Ќе значи целосна негација на антифашистичката партизанска борба, поништување на АСНОМ и на неговите одлуки, откажување од придобивките што нашите родители и дедовци ги стекнаа низ борба и социјална револуција. Тоа ќе значи и ритуално погребување на делото на Блаже Конески, кому, минатата година, лицемерно му ја славеа 100-годишнината од раѓањето. Ќе бидат оцрнети и избришани најсветлите настани и национални достигнувања во последните 70-80 години од македонската историја, ќе се менува колективната меморија на народот, ќе бидат уривани споменици, менувани или палени книги, ќе се бришат славни датуми. Гасне македонизмот, се ликвидира македонската кауза што живееше повеќе од еден век. Македонија ќе се претвори во бела табла испишана со црни слова.
Конечно, прифаќањето на предлогот ќе значи дека македонскиот народ е слабак, дека е неспособен за натпревар на меѓународната сцена, дека нема капацитет да си ги одбрани достоинството, државата и националноста и дека навистина не заслужува да постои на мапата на народите.
Замката со македонскиот јазик
Има сериозни индикатори дека македонските власти, преку Бујар Османи и Димитар Ковачевски, веќе дале согласност за документот уште пред да биде пуштен во јавност. Далеку од тоа дека тие не го виделе предлогот, туку уште повеќе, има индиции што укажуваат дека таа работа е завршена. Ако другите глумат дека не се одовде, барем Али Ахмети не го прави тоа и најави дека „до 1 јули Македонија и официјално ќе го добие ветениот почеток за одржување на првата меѓувладина конференција“. Ахмети никогаш не згрешил, тој е царот на македонската политика. Во насока на поддршка за прифаќање се и дел од коментарите на анационалните медиуми и новинари, кои се трудат да ги убедат граѓаните дека францускиот предлог е документ на кој треба да му се ракоплеска, да се прифати со двете раце, без разлика колку и да е погубен.
Една од замките во францускиот предлог е понудата за јазикот, македонскиот јазик.
Наводно, како што сакаат да нѐ убедат поддржувачите, тој ќе бил признаен од Европа и тоа е голем позитивен исчекор. Таа приказна долго време ја продаваше Зоран Заев со тврдењето дека македонскиот јазик е признаен во Обединетите нации. Неа ја продолжија и Османи и Ковачевски, кои постојано изјавуваа дека за идентитетот и за јазикот не се преговара. А на сите им е јасно дека во таа дупка се крие зајакот.
Но во францускиот предлог, со кој треба да се укине бугарското вето, пишува поинаку од она во што сакаат да ја убедат јавноста. Во него се вели дека „употребата на македонскиот јазик за документите ќе биде означена со еднострана декларација и на Македонија и на Бугарија, а овие декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција. Во однос на преводите на концептот на европското законодавство (acquis) на македонски јазик, ЕУ ја забележува соодветната намера на Бугарија и на Северна Македонија да дадат еднострана декларација за македонски јазик“. Како што се гледа, посочените дефиниции откриваат дека македонскиот јазик бил една од темите на расправа и дека македонската страна не покажала цврст однос кон тоа прашање, односно дозволила и овој пат јазикот да биде проблематизиран.
За разлика од македонските, бугарските политичари, од ред, од првиот до последниот, и натаму тврдат дека македонски народ и македонски јазик не постојат и тој став не го менуваат ни за жива глава. Во сложената политичка партија во понудената декларација за јазикот јасно се гледа дека македонското жртвување на кралица за добиен европски пешак е комбинација однапред осудена на пораз. Македонски пораз, се разбира.
Пробиени црвените линии
Како што е познато, Собранието минатото лето ја усвои Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан, согласност ретко видена кога станува збор за крупни прашања во македонската политика. Со неа е наложено преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Се бара да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.
Кога ќе се погледне францускиот предлог, ќе се види дека тој не е ни најмалку на линијата на собраниската Резолуција. Од тие патеки отстапува и македонската влада, нив вербално ги споменува, но во практика не ги спроведува и главниот преговарач, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Иако во Собранието се говореше дека тоа се црвените линии под кои македонското раководство не може да оди, времето покажа дека тие во повеќе наврати беа пробиени. Надолу, не нагоре. Барем засега, изгледа дека таа „општонародна“ резолуција ќе биде само мртво слово на хартија. Можно е Собранието да биде исклучено од расправа или Резолуцијата фактички да се поништи со махинации и криминогени методи слични на оние што беа направени кога се гласаше за промена на името на државата по договорот со Грција.
Молкот на претседателот на државата
Последниве денови, во зовриената атмосфера, индикативно е молчењето на претседателот на државата Стево Пендаровски. Факт е дека во неколку наврати неговите ставови по прашањето за бугарското вето и можните решенија за негово укинување беа различни и од ставовите на Заев, на Ковачевски и на министерот Османи. Беа ем понационално обоени, ем државнички. Неговите изјави дека Македонија може да го прифати само барањето за впишување на македонските Бугари во Уставот и тоа да биде последното барање до приемот на Македонија во ЕУ, наиде на голем одек и голема поддршка во јавноста. Но не и кај Владата или кај Социјалдемократскиот сојуз, никој од тие две средини не го повтори тој став.
Се поставува прашањето какви се односите по ова прашање меѓу Владата и претседателот на државата. Во што се нивните ставови блиски, во што различни? Што би прифатила Владата, што би потпишал на крајот претседателот? Таква проблематична ситуација се создаде при усвојувањето на Уставот за промена на името, кога на претседателот Ѓорге Иванов му беа одземени и узурпирани уставните овластувања. Може ли и сега, во наредните денови, таа фарса да се повтори?
Нормално е да се претпостави дека претседателот Пендаровски ќе ги искористи својата функција и авторитет да се изјасни за овој клучен документ соодветно на неговите овластувања и на одговорноста како прв човек на државата и дека нема да дозволи неговата функција да биде изложена на поруга како што беше онаа кон неговиот претходник.
Нова бугарска окупација
Со францускиот предлог, Македонија и македонскиот народ се пред уште едно распетие, слично како во 1941-та, кога почна востанието против власта на фашистичка Бугарија, како во 1948-та, кога се определуваше меѓу Тито и Сталин, како во 1990-1991, кога се делеше од Титова Југославија и ја освојуваше независноста. Македонскиот народ во сите тие историски премрежиња застана на вистинската страна на историјата и излегуваше како победник. Сега, триесет години по самостојноста, пак е поставен пред дилемата дали ќе остане свој на своето или ќе се предаде во други, туѓи раце.
Предлозите од Макрон, наместо продор на демократија, навестуваат воведување европска диктатура врз македонскиот народ. Таа задача ќе ѝ биде предадена во рацете на Бугарија, која наредните 10-20 години ќе ја има целосната контрола врз македонските процеси. Таква постапка примени нацистичка Германија во Втората светска војна. Грубо е да се рече, непријатно е да се спореди, но тоа ќе биде новата окупација на Бугарија врз Македонија.
Останува да се види дали македонските власти ова историско прашање ќе го скршат набрзина преку колена или ќе остават место за уште едно преиспитување, за уште подлабоко согледување и анализирање што добива, а што губи македонскиот народ во својата домицилна држава. За македонскиот народ се работи. Токму затоа нужно е да се отстранат сите меѓупартиски кавги и недоразбирања, сега е време за обединување на сите сили во општеството околу националната кауза на Македонците. Ако ја изгубат оваа битка со Бугарија, нема што повеќе да бараат учество меѓу другите народи. Ќе бидат посрамотени, обезличени, обезглавени.