Во македонската јавност се презентираа информации, коментари и мислења од странски извори, но се понудија малку анализи од агол на македонските интереси
Пред два дена и Албин Курти, премиерот на Косово, објави дека го прифаќа франко-германскиот предлог за нормализација на односите на Косово и Србија. Тоа следува по прифаќањето, преку драматично обраќање, од страна на Александар Вучиќ, претседател на Србија, и првичното условување и одбивање од Албин Курти. Во македонската јавност се презентираа информации, коментари и мислења од странски извори, но се понудија малку анализи од агол на македонските интереси.
Франко-германскиот предлог за нормализација на односите на Косово и Србија, заеднички дипломатски напор на ЕУ и САД, првично најавен во ноември минатата година, со контекст дека се очекува да се прифати до крајот на март оваа година, е договор од девет члена на една страница, направен по аналогија на германско-германски договор (СРГ/ГДР) од 1970-тите. Договорот е начелно за меѓусебно прифаќање симболи, пасоши, печати и слично, за прифаќање принципи на суверенитет и територијален интегритет, воспоставување постојани мисии, за неблокирање членство во меѓународни организации, уредување на статусот и имотот на Српската православна црква (СПЦ), како и за формирање заедница на српски општини. Предлогот е последователен на договорот од 2013 година, како и на договорот меѓу Доналд Трамп и Александар Вучиќ.
Што се спорните моменти и како се рефлектира тоа врз нас, врз Македонија? Овој франко-германскиот предлог, иако е за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, не е конечен договор, во смисла на меѓусебно признавање, туку е уште еден чекор кон конечната нормализација, при што отвора многу неизвесности, како и можности за нови конфликти. Со својата нејасност, неизвесност, можност за нови конфликти, овој франко-германски предлог многу потсетува на францускиот предлог за односите меѓу Бугарија и Македонија.
Првиот проблем е дали овој договор е договор за меѓусебно признавање на Косово и Србија или, поточно, дали Србија го признава Косово. Со класичен дипломатски речник, има аргументи и за и против. Косовската опозиција, за разлика од власта, тврди дека тоа е признавање на Косово од Србија. Србија ги прифаќа косовските симболи, документи и печати, начелата за сувереност и територијален интегритет на Обединетите нации (ОН), ќе се воспостават постојани мисии во главните градови и нема да се блокира членството во ОН. Во овие делови предлогот потсетува на Привремената спогодба на Грција и Македонија, која го обезбеди членството на Македонија во ОН. Но договорот не е за воспоставување дипломатски односи меѓу Косово и Србија, како чин на меѓусебно признавање и целосни односи. Така Александар Вучиќ може да тврди дека не го признава Косово, бидејќи тоа е во спротивност на Уставот на Србија.
Вториот проблем е дека Косово стравува дека без целосно признавање од Србија, и покрај тоа што договорот вели дека Србија нема да го блокира членството на Косово во ОН, во реалноста има ризик Косово да извиси, односно горното ќе биде употребено од трети земји за блокирање на косовското членство во меѓународните организации. Односно дека земјите-членки на ЕУ што не го признаваат Косово, како Шпанија или Кипар и Романија, и понатаму ќе го блокираат Косово во ЕУ, а Русија ќе го блокира Косово во ОН.
Има одредени проблеми и околу имотот на СПЦ (Манастирот во Дечани), но сепак третиот и најголем проблем е Асоцијацијата на српските општини (АСО), инаку веќе предвидена со договорот од 2013 година. Косово стравува дека АСО ќе биде нова Република Српска и дека ќе води во нефункционален политички систем. Дел од конфузијата дека циркулираат повеќе верзии што точно предвидува договорот преформирање на АСО. Според една верзија, има два спорни момента за „финансирање од Србија“ и „директна комуникација меѓу АСО и Владата на Косово“. За првото се тврди дека српските општини веќе добиваат повеќе пари по жител отколку другите, а веќе постои Совет на заедници, гарантирани места во парламентот и во Владата на Косово, така што веќе има директна комуникација.
Албин Курти, во косовскиот парламент постави шест барања за исполнување пред да се формира АСО, и тоа: да биде во согласност со Уставот и законите, да не биде моноетничка (да нема во насловот српски), да е за хоризонтална комуникација (наспроти вертикална со Владата) и да води кон реципроцитет меѓу Косово и Србија (таква заедница за Албанците во Србија). Исто така бара да се прекинат криминалните активности и укинат илегалните и криминалните организации и да се предаде илегалното оружје на северот на Косово, како и Србија да ги повлече писмата против ЕУ-членството на Косово до земјите од ЕУ што не го признаваат Косово. И на крајот дека АСО ќе се формира по конечното меѓусебно признавање.
Македонија има огромен интерес за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, два наши соседа, но има интерес и како ќе се постигне тоа. Без разлика кој какво мислење има за Албин Курти тука кај нас, во Македонија, принципиелен интерес на Македонија е да ги поддржи барањата на Албин Курти. Македонскиот интерес е изразен во Охридскиот договор, дека „нема територијални решенија за етнички прашања“. АСО во форма што ќе значи територијално решение на етничките (српските) прашања во Косово ќе отвори ризик за барања за такво решение низ Балканот и кај нас во Македонија. Или друга паралела, и Македонија има интерес промената на Уставот да биде непосредно пред членството во ЕУ, по затворањето на отворените прашања со Бугарија, а не претходно.
Прашање е дали прифаќањето на Албин Курти, па и на Александар Вучиќ, е отстапување од претходно декларирани позиции, под голем притисок од САД и ЕУ, само тактизирање или ќе води кон нормализација на односите. Секако и поради содржината и процесот и секако близината, Македонија мора будно да го следи развојот.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ /
Ставовите се лични