Фотелјата му е помила од вистината

Соочен со меѓупартиски закани, претседателот на Владата на Бугарија, на еден или друг начин, ги разби илузиите дека тој е оној што сам ќе го реши спорот меѓу Бугарија и Македонија. Неговите правдања можеби не може да се окарактеризираат како чин на посипување со пепел, но не се ни далеку од таа слика. Најверојатно уплашен од опомените дека може да му се случи политички пуч и да падне Владата, Петков јасно кажа дека секое решение во врска со Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата и дека ништо не може да реши сам

Петков соочен со политички пуч, доколку македонското прашање го решава принципиелно

На бугарската политичка сцена се појавија сериозни сигнали што укажуваат дека се залудни надежите на македонските власти оти може да се дојде до некакво решение за отстранување на ветото за почеток на преговори со Европската Унија до крајот на јуни. Тогаш завршува претседавањето на Франција со Унијата и тој временски рок беше навестуван, којзнае по кој пат, како конечен временски термин. Таквата можност ја навестуваа срамежливо претседателите на владите на двете држави, Кирил Петков и Димитар Ковачевски. Како што е познато, по нивното доаѓање на функциите се воспостави нова заемно ветувачка комуникација, манифестирана со силни дози оптимизам.
Последните недели сѐ позачестено кружеа информации дека биле приближени ставовите, во прашање биле само неколку корекции во документот што бил, наводно, напишан и разменуван меѓу владите. Во таа насока одеа и речиси принудените изјави на претседавачите на таканаречената Комисија за историја, кои изразија оптимизам првпат по четири-пет години. Сите тие информации ги подгреваа надежите дека ќе се дојде до некаков компромис, иако и двете влади, најверојатно по меѓусебен договор, ги криеја како змија нозете тие „нон пејпери“. Во Бугарија можеби нешто од нив протекло, но во Македонија не се соопштува ниту буква, за што млако и неуверливо реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно нешто крупно се случува во меѓувреме во бугарските високи политички кругови, штом се појавија сериозни знаци на неусогласеност по прашањето за ветото кон Македонија.

Што објавив, што се случи?

Минатата среда (6.4.2022), во текстот што го објавив на страниците на „Нова Македонија“, насловен „Кој е против договорот со Бугарија“, навестував можна продолжена блокада на евентуалното брзо решение. Напишав дека Бугарија во моментов има две Ахилови петици. Едната е Украина, втората Македонија. Првата, акутна главоболка е што бугарското општество е поделено по линијата на русофили и Европејци, а втората е хроничната болка што ја предизвикува македонското прашање. Во овој контекст додадов дека треба да се имаат во вид општествените, политичките и економските услови во државата, кои не се ни приближно стабилни, иако е членка на НАТО и ЕУ. Посочив дека односите Радев – Петков ги бележат првите пукнатини и дека допрва ќе претстои битка меѓу едната и другата генерација. Петков има меѓународна поддршка, Радев бугарска.
Токму тие денови, кога беше објавен текстот, на удар се најде бугарскиот премиер, кому, ако се суди според пројавените реакции, му ги потсекоа размавтаните крилја. Прв на таа задача за поткастрување се јави Слави Трифонов, шефот на Има таков народ, партија коалициски партнер во власта, со изјавата дека бугарскиот премиер сака почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата. Трифонов го потсетува Петков дека пред да се формира новата влада, четирите партии преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот „Надворешна политика“, сите се согласиле дека Бугарија ја задржува позицијата во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во Европската Унија ќе има дури кога Македонците ќе почнат да го спроведуваат договорот меѓу двете земји потпишан во 2017 година.

Премиерот на обвинителна клупа

Трифонов го обвинува Петков дека постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви услови да го отфрли ветото на Бугарија. Го прави тоа без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од бугарското министерство за надворешни работи, туку и без координација со коалициските партнери и Народното собрание. Изјавата на Слави за слаба соработка добива во тежина ако се знае дека Теодора Генчовска, министерката за надворешни работи на Бугарија, е претставничка на неговата партија во Владата, а министерката се чувствува запоставено и излажано од премиерот. А Генчовска не е која било: дипломирала современа историја на Софискиот универзитет, подоцна студирала на воената академија „Георги С. Раковски“, поминала голем број дополнителни обуки во странство, експертка е по воена дипломатија, безбедност и одбрана. Нејзината професионална кариера почнала во Генералштабот на бугарската армија, од каде што стигнала до функцијата шефица на Секторот за НАТО и Европската Унија во Министерството за одбрана.
На „обвинителна клупа“ го стави премиерот и Тома Биков, заменик-координатор на пратеничката група на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС) во бугарското собрание. Тој навести свикување ново заседание на консултативниот совет за национална безбедност кај претседателот на државата, за да се разјасни позицијата на Бугарија кон Македонија. Овој пратеник, кој е еден од поблиските луѓе на Бојко Борисов, ја реафирмира позицијата за заеднички став, додавајќи дека се гледа оти има некакво колебање и испраќање погрешни сигнали, алудирајќи дека Петков отстапува од големите заеднички договори.

Последни опомени и од претседателот Радев

Биков е дециден дека нема промена на бугарската позиција кон Македонија, додавајќи дека ако „некој тврди поинаку, си дозволил да лаже“. Во контекстот на кажаното, реченицата за лажењето се однесува за премиерот Петков и за ниеден друг. Блиски до ставот на ГЕРБ се социјалистите што ги предводи Корнелија Нинова, која во неколку наврати му се закани на Петков дека ќе ја напушти коалицијата и ќе падне Владата ако се однесува некоректно и премногу самостојно. За разлика од нив, партијата на Петков, Продолжуваме со промената, и Демократска Бугарија ги демантираат гласините дека имало заткулисни договори за укинување на ветото на Македонија. Ваквите позиции водат до заклучокот дека две партии од владејачката коалиција се со цврст и непоколеблив став за непопуштање, а други две се за можни компромиси.
Капак на зовриениот лонец стави претседателот Румен Радев, кој ги повтори и потврди своите одамна искажани непоколебливи ставови. А тој во сегашната констелација на силите ги држи сите конци во рацете и ужива најголема поддршка во бугарското општество и кај граѓаните. Во оваа пригода само ја засили позицијата на ставот дека бугарската влада мора строго да се придржува кон декларацијата на Народното собрание и волјата на Бугарите за решавање на отворените прашања пред почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Како што е познато, во таа декларација не се признава посебноста на македонскиот народ, ниту пак автентичноста на неговиот јазик, писмо, историја и култура. Новото кај претседателот е предупредувањето упатено на адреса на премиерот да не дозволува неговите советници за надворешна политика „Бугарите во Македонија во никој случај да не ги именуваат како малцинство“. Во превод, тоа значи дека Бугарите во Македонија се автохтон народ и како таков треба да влезат, да бидат запишани во македонскиот Устав.

Одбраната и повлекувањето на Петков

На крајот се јави претседателот на Владата, Петков, кој, на еден или друг начин, ги разби илузиите дека тој е оној што сам ќе го реши спорот меѓу Бугарија и Македонија. Неговите правдања можеби не може да се окарактеризираат како чин на посипување со пепел, но не се ни далеку од таа слика. Најверојатно уплашен од заканите дека може да му се случи политички пуч и да падне Владата, Петков јасно кажа дека секое решение во врска со Северна Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата. Од собраниската говорница соопшти дека нема да биде донесена никаква конкретна одлука без одобрение на Народното собрание и без целосна поддршка на сите што ќе гласаат за неа.
Да го цитираме буквално: „Имаме јасно потпишан договор за коалицијата, кој строго го почитуваме. Правиме сите наши постапки да бидат во согласност со него. Јас како премиер немам право на никаков начин, ниту пак ќе се обидам, да направам некакви договори. Имаме рамковна позиција, декларација, тоа се бугарските позиции“.
Не треба да се биде Сократ за да се заклучи дека Петков потклекна пред домашните притисоци и закани. По големиот ентузијазам што го покажа, поттикнат од кругови во Брисел и од американското настојување за постигнување компромис, дел и со бугарско попуштање, гледа дека му се потскратува чергата во битката со проверените и искусни политички противници, старите политички волци. Му укажаа дека не се јаде сѐ што лета, дека едно се желбите, а друго суровата стварност.

Русија и натаму ја дели Бугарија

Во комплексот на бугарските сложени односи на внатрешната сцена, посебно место фати војната во Украина, односите кон неа, но и кон Русија. И на тој политички фронт постојат поделби меѓу партиите, особено по прашањето дали Бугарија да ѝ обезбеди оружје на Украина и како да ги продолжи релациите со Русија. Во таа отворена битка главниот збор го води потпретседателката на Владата, Корнелија Нинова, која застана на различна страна од нејзиниот колега, вицепремиерот Асен Василев, најблискиот човек на Петков. Корнелија децидно се закани дека ако Народното собрание одлучи Бугарија да ѝ обезбеди оружје на Украина, таа нема да ја потпише одлуката како министерка за економија и индустрија, дури по цена да биде сменета од Владата, со можност да се растури коалицијата. Спорот е проширен и околу предлозите за протерувањето на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова. Според Нинова, прогласувањето на Митрофанова за персона нон грата е последниот чекор, еднаков на прекин на дипломатските односи на Бугарија со Русија. Граѓаните на Бугарија, барем според анкетите, се поблиски до ставовите на Нинова, одошто на Василев.
Ете, во вакви политички услови во Бугарија останува заробено прашањето за можноста Бугарија да ја оттргне забраната за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија. Војната во Украина можеби е страничен, маргинален фактор, кој би влијаел Унијата да има разбирање за македонските барања и да ја сфати сериозноста на геостратегиските случувања во Западен Балкан. Бирократијата на Унијата не секогаш покажувала разбирање за проблемите на малите земји што се подалеку од неа, тоа се докажало во голем број случаи.