Светот, драги мои, е динамично место, никогаш повеќе отколку сега човекот не бил во можност да патува низ светот брзо и евтино. Планетата земја се претвори во една голема станица во која различни луѓе од различни нации, вери и раси, заминуваат кон различни дестинации на сите краеви на оваа мала сина топка што се врти околу портокаловото сонце. Она што е феномен во оваа работа е потребата на современиот човек да отиде и да посети места на кои никогаш не бил. И таа понуда на дестинации што секој од нас ја има на списокот за освојување, со помош на алатките на туризмот денес е една од оние консумативни индустрии, кои имаат најголема стапка на развој. Во корист на тој развој, земјите во светот на преден план ја ставаат приказната за себеси, која основно содржи историја, митови, легенди и на крајот допир со современото минато (колку тоа и да звучи оксиморонски) низ различните форми на јавно изложување на животите на познати личности од политичкиот, уметничкиот и, секако, најмногу од светот на индустријата за забава, каде што првото место го зазема професијата на која припаѓам – светот на филмот. Денес современиот туризам претпоставува не само пристигање и заминување од една локација туку консумирање на тоа место преку посети на музеи, театри, галерии, археолошки локалитети, домицилни фабрики и работилници за храна и пијалаци, етноресторани, природни убавини и феномени, со крајна цел продолжување на деновите на престој во таа земја и тоа место. Возможно ли е земја како Македонија, која има археолошки факти за сопственото постоење од неолитот до денес, што сѐ заедно е околу пет илјади години, територија на која се одвивале две балкански и две светски војни, со питоми и пристапни планини, три прекрасни природни езера и над триесет минерални бањи, на пространство на кое се простирале две големи империи, Рим и Отоман, држава во која само во последните седумдесет години се случиле драматични политички, а со тоа и културолошки промени, да не може да им понуди на туристите петдневен аранжман на површина од двесте и педесет километри по должина и попреку? Не ќе да е до Македонијава, таа ви дала сѐ, па дури и повеќе отколку што ви треба, до вас ќе да е, драги мои. Велам до вас, не со цел да се изземам себеси од вас (за среќа, мнозината од нас уште се имаме за свои), туку за да ве испровоцирам и да ве наведам на фактот дека проблемот сме ние, ние, само ние и никој друг. Но ајде да понудиме решение, оти во уметноста на сцената и уметноста на платното, како имитација на живиот живот ние знаеме дека нема безизлезна драмска ситуација, нема невозможности за решение. Така е и во оригиналот од кој се инспирира уметноста – а тоа е живиот живот, нема немање решение, нема немање спас, нема немање лек. Има само луѓе што не го знаат или не можат да се придвижат кон излезот од проблемот.
Имав луда среќа да посетам и да доживеам голем дел од светот и да се соочам не со тие места, тоа беше основното, но она што ме фасцинира е посветеноста на најбогатите држави на западот кон заштита на секој историски детаљ, на секое место во нивните земји, на сите периоди од нивниот развој од праисторијата, па сѐ до денес, и нивно експонирање во јавноста преку организиран систем за туристичка консумација. Гледате, зборувам за консумирање. Да, да, денес современата туристичка индустрија не подразбира само пристигање на локација, разгледување на изложеното и заминување – туку целосно и докрај консумирање на тоа место и тие времиња, преку продавање и купување локални производи, почнувајќи од храна и пијалаци, па сѐ до сувенири и различни други мрчиндајзинг продукти. Еве, да ја земеме Швајцарија во Европа, на пример. Веднаш би помислиле дека најпродавани туристички дестинации се нивните планини и ски-туризмот? Е, да, ама тоа не е сосема така. Најпродавани се нивните урбанизирани, уредени, чисти, бојадисани градови и села, кои изобилуваат со музеи, галерии, фестивали, ресторани каде што се случуваат настани што се мека на современиот туризам. Ние треба да разбереме една работа, никој на овој свет не продава ништо подобро и не заработува од ништо повеќе отколку од продажбата на самиот себеси, не во пејоративна смисла, секако. Мора да разбереме дека ние сме Македонија. Ние сме лицето на оваа прекрасна земја. Ако не научиме да се продаваме, нема да ја продадеме ни нејзината убавина, што е најскапото нешто што нашата татковина го има. Замислете што ни дала Македонија? Да ја продаваме на светот за суви пари, сите да ја купуваат, а никој од неа да не може да земе ништо. Тоа е туризмот, драги мои: продавање емоции, приказни, чувства, кои се плаќаат за да се доживеат на самото место. Никој турист на заминување со себе не може да земе ниту камче, а не пак амфитеатарот од Стоби, Базиликата од Хераклеја, брановите од Охрид и од Преспа, Перкијата од Дојран или фреските од Свети Леонтие. Сѐ се продава, но и сѐ си останува таму каде што е. Во Швајцарија една од најпосетените туристички дестинации, драги мои, е малото селце Веве, каде што се наоѓа куќата во која живеел Чарли Чаплин со неговото семејство.
Таа куќа денес е музеј во кој, освен експонати што му припаѓале на големиот уметник, има и имитации на облека, предмети и најразлични реквизити, кои можеме буквално да ги земеме во рака, да ги облечеме и да се фотографираме со нив. Можеме да седнеме на каучот на кој (така велат музејските каталози) седел големиот актер, да прошетаме низ дворот и да седнеме на верандата каде што познатиот секој ден шетал, да појадуваме во трпезаријата каде што и тој појадувал и на крајот да отидеме во кино и да гледаме некој од популарните филмови за животот на Шарло. И, секако, на излегување да ги посетиме продавниците за храна и пијалаци со неговото име, кои тој многу ги сакал, потоа да си купиме некои од карактеристичните негови костими или реквизити, да пиеме кафе што тој го пиел, да си купиме сувенири со неговиот лик и, секако, поклони и чоколада, сирења и ликери за пријателите на кои воодушевено ќе им раскажуваме за Швајцарија и нашата посета на музејот на Чаплин. Каква врска има Чарлс Спенсер Чаплин со таа студена алпска земја? М? Не снимил ниту еден филм таму, на ниту еден од четирите официјални јазици на таа конфедерација. Не прославил ниту еден уметник или спортист од хелветската земја. Само таму живеел, откако бил протеран од Америка, и тоа е сѐ. А денес Чарли Чаплин е нераскинлив дел од швајцарската историја. Е сега, ќе речете, соседи на Швајцарците не им се Грците, Бугарите и Албанците за да им прават проблеми со историјата? Е, да, ама не заборавајте дека Швајцарија има бурно минато на кавги, поделби и војни, токму со нивните Грци, Бугари и Албанци, кои се викаат Германци, Французи и Италијанци, кои ми изгледаат побајачко посилни од нашите комшии, а? И таму не можеле да се договорат чија била, чија е и чија ќе биде Швајцарија, па ја поделиле на три. Секој си има своја мака, поголема од нашата. Затоа да ги оставиме приказните за тешкото минато и невозможната сегашност и да се фрлиме на иднината инвестирајќи во минатото! Еве ви уште еден пример од светот на уметноста и филмот ставени во корист на општиот развој на државата, Нов Зеланд. Знаете дека тоа е земја што се наоѓа на крајниот исток на планетата и тоа е остров што интензивно се колонизира и развива некаде од средината на шеесеттите години на дваесеттиот век и исто како и Хелветската Конфедерација, својот развој го темели на лесната индустрија и туризмот.
Пред дваесетина години, режисерот Питер Џексон, кој по потекло е од Нов Зеланд, на локации во таа земја ја снима сега веќе легендарната филмска сага „Господар на прстените“. Претпоставувам дека нема некој што не ги гледал трите продолженија од филмот? И сите сме се воодушевувале не само од приказната и од актерите, кои патем најголем дел се Европејци, Американци и Австралијци, туку и од неверојатните локации, планини, реки, полиња, шуми и архипелази каде што се раскажува за животот на Хобитите, патем човеколики суштества земени од фантастичниот роман на Џ.Р. Толкин, инаку Британец со пруско потекло. Значи, никој освен режисерот, немаат ништо со државата и земјата Нов Зеланд. Е арно ама, една ниска планина во форма на прерија е одбрана како локација каде што ќе се изгради селото на Хобитите, каде што живее прекрасниот Билбо Багинс, а продукцијата снимала делови од сите три епизоди на филмот. И откако завршило снимањето, локацијата е конзервирана и адаптирана од филмски сет во музеј на отворено наречен „Хобитон“. Тоа место, од 2003 година, кога е завршено снимањето, па сѐ до денес, е претворено во туристичка мека ако сакате и медина во која годишно од сите страни на светот доаѓаат милиони туристи за одблиску да го видат селото на Хобитите и да го исконсумираат филмот што го сакаат. Претпоставувате, бродови, авиони, автобуси, ресторани, продавници, туристички водичи, каталози, сувенири, капчиња, маици, предмети, маски, реквизити со познатите ликови од сагата „Господар на прстените“ и, секако, билети што се движат од педесет до сто и педесет новозеландски долари. М? Ајде сега да слушнеме колку Владата и граѓаните на Нов Зеланд вложиле во филмот на Питер Џексон? Ајде сега да видиме колку Владата и граѓаните на Швајцарија вложиле во Чарлс Чаплин? Ве интересирала ли колку добиле назад? И не се ова само примери што ги раскажувам за некои таму западни или прозападни земји. Имаме таков пример во соседството, драги мои. Во 2003 година, познатиот српски режисер Емир Кустурица за потребите на филмот „Животот е чудо“ одбира локации на планината Мокра Гора во Србија. Снимањето започнува и завршува. Вообичаено ние филмаџиите зад себе си оставаме не само префарбани ѕидови и песоци по улиците туку и реквизити, кои доколку се сака може да прераснат во нешто општо и корисно. Така, познатиот Кусто, на веќе постојните неколку дрвени куќарки од сетот, додава и неколку нови од околните селца и почнува да создава комплекс што израснува во карактеристично српско село од тој дел на соседната ни земја. Кустурица не застанува таму, па свесен за потенцијалот на оваа природна убавина од филмски сет да се претвори во туристичка дестинација создава филмски фестивал, кој ќе биде причината да се посети местото, но во исто време да прерасне и во уметничко средиште каде што буквално најголемите актерски имиња од светот на филмот ќе доаѓаат и ќе го промовираат селото наречено „Дрвенград“ и фестивалот, сега познат како „Кустендорф“. Денес, местото познато и како „Мечавник“ е една од најпосетените туристички дестинации на Србија со своја автентична приказна каде што во српските традиционални дрвени куќарки од Мокра Гора се презентира српското и светското филмско и културно наследство што Србија ја вбројува како земја на големи цивилизациски достигнувања. И, секако, во „Древенград“ може да се престојува во хотел со пет ѕвездички, да се плива во базени и бањи, да се јаде српска храна и да се консумираат природни сокови, да се купат српска ракија, српско сирење, српски месни производи и да, да се купат сувенири со ликовите на Кустурица и на многуте српски и светски актерски ѕвезди.
За време на фестивалот, кој се одржува во јануари, „Кустендроф“ е средиште на многу работилници, семинари и предавања на познати актери, режисери, композитори и многу други уметници од светот на филмот. Колку вложила државата Србија во „Дрвенград“? М? Колку добиваат назад државата Србија и граѓаните на Србија? И, секако, да не заборавам, истиот тој Кустурица, од другата страна на планината, во Вишеград, во Босна, кај што живеат Срби, изгради уште еден град на културата наречен „Каменград“, тој, пак, е посветен на великанот на српската литература, нобеловецот Иво Андриќ. Каде сме ние со приказната? М? Ова се примери за нешта направени од ништо. Ова е сегашност кога во моментот кога се направила станала минато што ќе трае долго, долго во иднината. И ова се примери за подвизи што ги направиле луѓе, кои сакале и знаеле да се споделат себеси и својата приказна со својата држава и со својот народ. Ете, така. Продолжувам следната недела со конкретни примери, што треба да се направи во еден град на југоистокот од Македонија, кој има потенцијал да стане средиште на културниот и уметничкиот туризам во земјата.
Авторот е режисер и универзитетски професор