Падна владата на „фактчекерите“. Вистината се дотера во најубава облека и по долги години заточеништво во своите одаи, излезе среќна да се прошета на улица. Сега владата на „фактчекерите“ во заминување, ќе ми рипне под објавата на колумнава за да објасни дека ова е лажна вест, вистина е апстрактна именка, која никако не може да се облекува, камоли дотерува, а уште помалку да поседува одаи и да шета по улици. Во најмала рака ќе ја намалат можноста, мојата објава да биде достапна до корисниците на социјални мрежи.
Ама кога веќе не паѓа снег (во Скопје), добро е што барем паѓаат влади. Со владата на „фактчекерите“, падна и онаа на Џастин Трудо. Џастин Трудо не е ниту брат на Џастин Бибер, ниту братучед со Џастин Тимберлејк, ама даде сè од себе прогресивно и хистерично, да стане пославен од другите двајца Џастини. И му успеа. Ја претвори Канада во своја приватна перверзна журка во која страдаа камионџии, професори, свештеници и, генерално, сите Канаѓани што одбиваа да имаат право на негово мислење. Во ковид-кризата Канада заличи и на концлогор, особено ако си човек што има поинакви сфаќања од меинстрим-хистеријата околу, речиси, присилната вакцинација и ковид-мерките што се спроведуваа низ планетата, а еве сега, за истите тие нешта читаме дека не само што биле манипулација туку најверојатно и злосторство против човештвото. Како Канаѓаните дозволија овој лик да ги малтретира десет години, ние сме последни што треба да прашуваме, оти седум години, низ добиените датуми за ЕУ-преговори нè возеа со летечки електрични возила по новите луксузни патишта кон блескавата иднина на новата нормалност и така плиткоумни моравме да релативизираме со муабети од типот, не сме ние глупите, сите се исти.
Да се вратам јас на циничната страна на стварноста, оти само така ја поднесувам арогантната плиткоумност на оние што се декларираат за модерна цивилизација. Трудо ја остава Канада во најтешки моменти. Трамп Освојувачот само што не ја анектирал. Тоа значи дека Селин Дион и Брајан Адамс одеднаш ќе станат американски пејачи и овој шок не знам како ќе го преживеат копиљаците од Саут Парк, ама едвај чекам да им ја видам реакцијата. По Канада би требало да паднат Гренланд и Панамскиот Канал. Среќа што нашите национални канали, сите до еден, одамна се под американска уредувачка политика, па Трамп нема да си губи време да војува на нордистанска територија.
Да не треба, Русјаков, телевизиите да ни бидат под руска уредувачка политика?
Не прди глупи прашања, здивот уште ти смрди на руска салата!
Океј, Русија… живо ме интересира како ќе се позиционираат околу војната за Гренланд меѓу САД и Данска. Секако нема да застанат на страната на САД, со нив војуваат во Украина. Тешко дека ќе ѝ помогнат на Данска, оти овие се сојузници на САД во војната со Русија. Очекувам Кремљ да спроведе референдум низ Гренланд, па кога Инуитите ќе се изјаснат за независност, веднаш да почнат да ги вооружуваат, сеедно што Зеленски веројатно ќе изјави, дека Гренланд, според името, лично нему му припаѓа. На крајот, некоја бугарска политичка будала ќе пресече дека Инуитите се чеда на Омуртаг, отсекогаш се чувствувале како Бугари, па затоа Гренланд и Македонија треба да станат дел од Соединетите Бугарски Држави.
А кога сме кај Украина, се јави и Руте. Руте е шеф на наша Рада, заедно го водат нашето НАТО. Значи, Руте кажа дека ќе се потруделе да обезбедат најдобра можна позиција за Украина при ставање крај на војната со Русија. Браво! Сега им текна. Оној постигнат договор во Истанбул со кој Украина остануваше цела, минус Крим, не му чинеше на Западот, па преку Борис Џонсон го саботираа. Во меѓувреме умреа близу милион Украинци, оти тој ист Запад, нели, воено ќе ја поразуваше Русија. Како? Па на муабет, како што знаат прогресивците од ЕУ и САД. Парче ги направија Русите со глаголи, именки и придавки поврзани меѓу себе со убиствени сврзници. Овие моќни зборови спакувани во најсовремени реченици, ги пренесуваа западните медиуми, вклучувајќи ги и нордистанските, па сите заедно им се смееја на Русите, нивните лопати со кои војуваат и микрочиповите што Русинките мора да ги вадат од миксери, микровални и вибратори. И одеднаш сега, кога Русија секојдневно освојува нови територии, а речиси и да нема Украинци што треба да бидат пратени во кланица, им текна на „меѓународниве“ да бараат најдобро мировно решение за Украина. О, Боже, какви плиткоумни садисти третираме како политички величини!
За разлика од дивите нецивилизирани Руси, новите власти во Сирија, кои до скоро играа за ИСИС, ама направија трансфер во прогресивна демократија, ја примија министерката за надворешни работи на Германија, мадам Бербок. Претпоставувам дамава отиде во Дамаск за да ги демантира лажните вести (веќе нема фактчекери) дека новиве миленици на Западот колат алавити и христијани. Убеден сум, откако видела дека во палатата каде што до вчера седеше Асад, а сега се смести демократијата, пред нејзини очи не бил убиен ниту еден алавит или христијанин, седнала да разговара со властите за климатските промени. А дека оваа посета помина во духот на западните вредности, се уверивме откако ги видовме фотографиите на кои сите мажи изгледаат насмеано, а Анелина… паа, блурирано. Не падавичарете, нема никаква зла намера. Мадам Бербок толку многу блескала од задоволство поради западните вредности со кои се соочила што фотките можеле да бидат преосветлени, па затоа и ја блурирале.
Уф, се погубив низ сериозна геополитика, која, за разлика од многу новинари и аналитичари, не ја разбирам, што не ми остана простор за нашата приказна. Конечно ја сфативме остроумната политика на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ воопшто и не победија на избори, тоа само сдсмјаните така намерно одиграа. Загрижени да не ослепиме од блескавоста на нивното успешно владеење, СДСМ ги намести изборите за вмроовците да победат и сега да глумат власт, иако не знаат како да го спроведат тоа, оти не се предодредени да владеат. Ама СДСМ знае. Затоа и ги гледаме успесите на нивното владеење како опозиција. Спроведуваат борба против организираниот криминал, носат странски инвестиции, отвораат нови експресни патишта. Којзнае што сè позитивно нè очекува во иднина. Од завршување на автопатот Кичево – Охрид, до економски бум оваа година, СДСМ не запира да ја гради нашата иднина владеејќи како опозиција, а бидејќи сега нејзините дела се повидливи од времето кога беа позиција, (од скромност не се пуваа), најдобро е уште долго време да останат таму кајшто се сега за доброто на нашата татковина.