Предизборната платформа не е важна, важно е да има предзнак „европска“. Уште ако имаше и „демократска“, тежината драстично ќе ѝ се зголемеше. Има ли нешто поубаво од тоа? Тројцата мудреци Гаши, Меџити и Касами ја пронајдоа волшебната формула за успех на изборите. Го промовираа „Европскиот сојуз за промени“ на 28.11.2023, на Денот на албанското знаме. Каде? Па, се разбира, во третата Албанија, која на гласачите им ја загатна лично Касами. Им ја вети и Прешевската Долина, за Косово и да не зборувам. Три Албании. Машала! Со пораки од 19 век, тргнаа да ја освојуваат Европа, поточно се најдоа во седиштето на ЦДУ во Германија. Не знам дали и таму им кажале дека имаат намера, онака „европски“, да ја делат Македонија.
Си молчи ОЈО, Уставниот суд, си молчат и партиите на власт. Молчи и Владата, која одамна се откажа од нашиот суверенитет. Молчи и Мисијата на ЕУ во Македонија, која е веќе доволно анестезирана од злоупотребата на европски знаменца на криминогени закони. Па, зошто и би реагирала, кога станува збор за еден „европски сојуз“, зачинет со балкански романтизам?
Ни стана веќе нормално да ги слушаме националистичките, сега веќе и отворено сецесионистички, реторики на албанските партии, и тоа на сметка на Македонците. Многумина, дури и во јавниот дискурс, овој факт го релативизираат, велејќи дека тоа е само предизборна реторика за да добијат повеќе гласови. Дека тоа немало врска со обичниот Албанец, кој е во борба за подобар живот, како и сите други граѓани во Македонија. Та многу сме го потценувале албанскиот гласач, кој не паѓал на вакви ветувања, та ова не му било воопшто важно. Да простат читателите, но ова повеќе ми личи на утеха на „грешниот“ и наивен Македонец. Прашањето е зошто очекуваат национализмот да им носи гласови на ваквите формации? Кому му се упатуваат овие пораки? Кому му се ветува трета Албанија во Македонија? Луѓето се едноставно постојано труени со национализам на сметка на другиот. Искрено, не верувам дека има толку многу наивни гласачи, но така се релативизираше и двојазичноста на Заев, како и неговото нејасно мрморење за делење на Македонија на кантони. Па, еве до каде стигнавме. Малку е што имаме државни институции во кои Албанците се вработени во проценти многу повисоки од „правичната застапеност“, која патем тешко важи за другите малцинства, но зошто да не бидат и 100 проценти во третата Албанија? Убаво ни кажа Орвел: „сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од другите“. Зошто да не, кога можат неказнето да ветуваат што ќе им падне на памет?
Но тоа значи и нешто друго. Во земја со огромна корупција, со нефункционални институции, со сиромаштија, иселување на најдобрите, со лош живот за речиси сите, тие немаат друга понуда, освен цепење на унитарната држава и создавање сопствена, трета по ред иста таква нефункционална држава. На таквата ниту ставањето на знамето на црквата нема да ѝ помогне. Ниту сите албански, европски и американски знамиња што се веат низ Западна Македонија. Никој!
Да замислиме и едно друго апсурдно сценарио. Се прашувам што би се случило кога неколку македонски партии/здруженија, и тоа парламентарни, би направиле предизборна платформа со назив: „европски сојуз за демократски промени“, каде што под „промени“ од собири ќе ветат поништување на рамковниот договор и обединување со трите преостанати делови од Македонија што се сега оставени надвор од неа. Со еден збор, создавање на голема Македонија во нејзините етнички граници. По сите понижувања што ги доживеа Македонецот, со вакви ветувања, не е чудо да ги гласаат многумина, па дури и во таква бројка да им се каже збогум на уцените. Македонија една да е…Како ќе го направат тоа? Не е важно, не кажува ниту Касами. Си дозволувам јас да кажам: никако.
Но, во тој случај, Републиката ќе осамне во пламен од нашите соседи, обичните Албанци. Бугарите, Грците и Албанците ќе направат итно тројна оска за освојување на остатокот, сегашнава Македонија. Ви гарантирам и дека нашите „пријатели“ веднаш ќе скокнат. На 81 година, од луксузниот стан во Брисел, ќе долета и Хавиер Солана лично, Урсула фон дер Лајен, заедно со Вики Нуланд, ќе се всели на неодредено време, а евроамбасадорот Гир ќе изгуби сон и ќе свикува деноноќни лидерски средби. Можеби и успешниот олеснувач Питер Ванхауте ќе го извлечат од некоја плажа по папучи. Скраја да е, и Столтенберг нема да ни прости, иако крстивме улица по него. Сите западни амбасадори ќе се вселат во Собранието. Еднаш го видов тоа со Џес Бејли, за кого мислев дека ни е претседател на Собранието. Како пратеник, уредно го поздравував во ходниците, а тој замислен и загрижен за иднината (видовме каква), гледаше низ мене. Не би ме чудело и да ни организираат некоја обоена револуција (останаа неупотребени многу бои), која итно ќе ги симне од власт запалените Македонци.
Се разбира дека карикирам со вакви претпоставки, бидејќи такво нешто никому нема да му падне на памет. Војните на Балканот треба да се минато и никој не смее да потега по таква реторика, на сметка на другиот. Здраво е да се сака, да се брани својата нација од напади, да се негуваат нејзините атрибути и традиции, но никако не е здраво тоа да се прави врз правата на другите заедници. Не би рекла „европски“, туку цивилизирано е да се почитува народот со кој делиш и добро и лошо, цивилизирано и добрососедски е да му помагаш на соседот кога е неосновано уценуван однадвор, рамо до рамо да се бориш со него и за неговото право на сопствен идентитет, да го почитуваш државното знаме, кое им припаѓа на сите еднакво (бидејќи и Македонците си имаат свое национално знаме). И никако да не ги маваш со камења, дури и да пукаш, кога вашите соседи низ протести ги бранат идентитетот, јазикот и историјата, без да ве навредуваат вас, нашите соседи. Очекував барем трошка сензибилност и солидарност во овие историски моменти, а не сигурен број на гласови против нашите основни, универзални права, во Собранието. Којзнае. Историјата се повторува на неочекувани начини. Можеби на нашите воспалени соседи „Европејци“ ќе им треба да им се подаде рака во некој момент. Знам дека ќе им ја подадеме. Затоа, им порачувам да не си го трошат кредитот со вакви бесмислени ветувања.