Занесени, па и заслепени од неправдите што ни се нанесени (всушност, сами сме ги прифатиле и ставиле во Устав и закон), а особено исфрустрирани од пречките на патот кон ЕУ, мнозинството воопшто и не обраќа внимание на она што се случува во таа толку посакувана Европа. Да, да, знам дека за ова сум пишувала и зборувала многу – ама време е на европски парламентарни избори (6-9 јуни), па редно е да се повтори. Во моментов додека (предвреме) ја пишувам колумната, конечните резултати не се познати, но изборната клима веќе кажа доволно за она што се случува и во која насока оди ЕУ.
Накусо, за оние што не знаат многу за институционалниот дизајн на ЕУ, таа не е парламентарна демократија. Таа, како што мислат многу теоретичари, дури и не е ни демократија – од проста причина што нема (еден) демос, европски народ. Втората причина е што од самите рани почетоци, таа беше зачната како картел на елити (тогаш беше индустријата за јаглен и челик, а сега е веќе сеопфатна, вклучувајќи го и воено-индустрискиот комплекс). Таа е технократија и олигархија, во својата суштина. Институционално, моќта е онаа видливата преку надлежностите и овластувањата на институциите, ама, пак, тие ниту го почитуваат принципите на поделба на власта, ниту главниот збор го има гласот на народот (искажан на изборите). Европскиот парламент е единствената институција што се избира на непосредни избори од сите полнолетни граѓани на Унијата, но во институционалниот мозаик, тој го нема централното место. Во многу учебници и монографии ќе прочитате дека тоа е институција што најмногу се развива и чии ингеренции растат најбрзо – но ни оддалеку доволно брзо за да заличи на парламентарно владеење. Напротив, дури и моќта на државите членки (оние претставени преку министрите или претседателите, т.е. Советот на ЕУ и Европскиот совет) се намалува поради олигархијата, која од зад сцената ги влече конците. Доволно сме возрасни за да знаеме дека без пари не се победува на избори, без олигархиски и тајкунски врски, лоби-групи и политика на „на ти, дај ми“ – нема ни победници. На европско ниво, тоа е уште помоќна сила, бидејќи целиот економски и финансиски простор е обединет токму со таа намера: капиталот да нема пречки во вид на граници и национален протекционизам (или да го има во минимални граници).
На Европскиот парламент му требаа децении да стане колку-толку значајна институција, но интересно е што одзивот (интересот за европската политика) никогаш не порасна на задоволително ниво. Прашањата околу кои се „јадат“ (изборните кампањи се главно на национално ниво и меѓу добро познатите опоненти на секоја држава) немаат врска со ЕУ, туку со националните маки и препирки. Еве, Мицотакис и оној новиот на СИРИЗА (му го заборавам името) се фатиле за Преспа, мислиш европско прашање е (а сите знаеме дека Американците го напишаа). Но печалат поени. Победата можат да ја однесат понекогаш и политичари од помали партии зависно од изборниот модел, одзивот, некои конкретни околности итн. Малкумина овде знаат дека тој парламент се конституира по идеолошка, а не национална линија. Па така, избраните европратеници од секоја држава веднаш се разделуваат, одат во идеолошки групации, пратенички групи. Најголемиот дел од нив се „десно од центар и лево од центар“ – што би рекле ко нашиве сијамски близнаци, сите набутани во „стожерни партии“ во стабилниот центар. Тие се чуварите на статус квото, а меѓу себе се разликуваат колку „кока-кола“ и „пепси“.
До последните избори нештата се одвиваа без поголеми турбуленции, иако тенденцијата на континуирано јакнење на десницата стана видлива со продлабочувањето на економската и финансиската криза, политиката на штедење (социјализам за богатите, капитализам за сиромашните), мигрантската криза (како последица на војните на Западот, за кои сите се правеа наудрени додека се китеа со Нобелова награда за мир). Но војната во Украина (а богами и Газа и Израел) го смени контекстот. Додека ЕУ економски пропаѓа, а геополитички бледнее (како обичен приврзок на САД), нејзините воени гиганти си го зголемуваат профитот десеткратно. Слободата на мислата и говорот, академските слободи, медиумските, т.е. сето она со што Европејците се гордеат како родоначалници на просветителството станува тажна карикатура. Да, изборната кампања на ЕУ опфати повеќе прашања (мигрантите, енергијата, редефинирањето на Унијата во повеќе кругови итн.), но во право се оние аналитичари што подолго време опоменуваа дека за првпат по долго време главната тема во ЕУ се прашањата на војната и мирот, т.е. безбедноста. Ние тоа во теоријата го нарекуваме „секуритизација“ (кога и обични, нормални политички прашања се поместуваат во сферата на вонредното, опасното), а всушност станува збор за милитаризација на дискурсот, на економијата, па и на цивилното општество.
Не е само Европа таа што доживува неверојатна криза. Таа е само дел на колективниот Запад (и светот може да оди по ѓаволите откако Украина доби зелено светло да ја предизвикува Русија на нуклеарен одговор). И тука доаѓа до парадоксот. Вообичаена е мантрата западњаците многу да се грижат за демократијата и човековите права и низ остар нишан да гледаат кон оние што се изместиле од зацртаната патека на т.н. „европски вредности“ (да, да, империјата Европа во своето златно време ги присвои дури и универзалните/светски вредности прикажувајќи ги како изворно свои чеда – сите други се примитивци што морале да бидат колонизирани, пардон – цивилизирани). И види чудо! Како да оживеала Орвеловата „1984“, па сега оние што се залагаат за мир (примирје, преговори, ама не кенгурски мировни конференции како таа во Швајцарија на која побрзавме да се пријавиме како „мирољупци“) се лошите момци, а оние што бараат воена победа и правда за Украина (ама извојувана со крв на стотици илјади луѓе) – тие се прогресивните! Оние што носат кефии, можат да изгубат работа или да бидат уапсени (еден француски пратеник беше казнет од претседателката на парламентот за „нарушување на мирот“ затоа што носеше палестинско знаме, додека таа на реверот имаше значка од Израел). Страшно ми е тешко да кажам, ама морам: Орбан покажува повеќе здрав разум од Макрон и Шолц (за Борис Џонсон муабет не правиме, особено зашто Британија не дел на ЕУ, а ни тој не е премиер – а тој е човекот што ги уби мировните преговори во март 2022). Не би верувала дека Такер Карлсон би го сметала за храбар професионален новинар (како Глен Гринвалд), ама видете го интервјуто со Џефри Сакс и ќе сфатите дека идеолошките разлики почнуваат да се топат како снег на сонце кога е во прашање здравиот разум.
Велам, не ги знам резултатите, но знам дека здравиот разум и вистинските миротворци и морални големини отсекогаш биле малцинство и не победувале на избори. Веројатно тоа, на моја огромна жал, ќе се случи со Клер Дејли и Мик Валас, па и со Јанис Варуфакис и Костас Лапавицас. Но кога јас загубив на изборите, Клер ми напиша нешто многу важно за што и самата е свесна: „Ова се тешки времиња, а резултатите никогаш не се персонални. Сум изгубила многу избори, често победувана од личности од кои сум била поспособна. Јас и Мик ќе се бориме да добиеме уште еден мандат, но просторот е полн и мнозина се организирани против нас. Но ќе дадеме сè од себе и ќе се бориме без оглед дали ќе победиме или изгубиме, бидејќи секогаш е народот тој што ги менува нештата, а не политичарите. Остани силна. Ти веќе победи со своите антимилитаристички и мировни тези“.
И додека (барем некои од нас) ги следиме европските избори и се прашуваме дали фрау Урсула наречена Геноцид ќе остане на позицијата претседател на Европската комисија (која ќе биде номинирана од Европскиот совет, ама аминувана од парламентот) или можеби тоа ќе биде бившиот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, и како ќе помине крајната десница, во ЕУ сепак нема ништо битно да се смени – таа е на колосек кон самоуништување (барем во верзијата што ни ја продаваат нам овде). Вистинската катастрофа ќе биде ако во Европскиот парламент нема пратеници како Клер, Мик и Јанис, т.е. луѓе што искрено ќе се борат за сите угнетени, против сите војни, а особено геноцидот. Зашто, како што велеше Мартин Лутер Кинг, почетокот на нашата смрт (а и на ЕУ) е моментот кога молчиме за најважните нешта. Оваа и ваква ЕУ ја одбира опцијата на војната и тоа треба да нè плаши, а не дали и кога ќе ги почнеме преговорите со еден воен гигант што го загубил здравиот разум.