Европската перспектива на Македонците: Перспектива на смртта

Велиш насловот на нашата денешна колумна е премногу радикален, драг читателу. Но не е. Реален е. Зборот перспектива е еден од клучните зборови што ни се ставаат во уста за нашиот пат/беспатица кон Европа. Тој збор сепак не е едноставен и е обвиткан со извесна доза на мистика. Има долга естетска и филозофска историја. Од теоретски и практичен аспект тој е најмногу присутен и како проблем за решавање во ликовната уметност. Тоа е проблемот со решавање на енигмата на просторот, на неговото совладување како илузија на длабочина во таа уметност. За архаичните цивилизации тоа било проблем што се решавал во стилот на таканаречената „фронтална естетика“, посебно карактеристична и перфекционистички изразена во уметноста на Стар Египет. Тоа е стилот на низата, или фризот од фигури со ликот во профил, а телото (градите) во en face, запатен во вечноста. Тука нема скратување по длабочина, а следниот евентуален фриз од ликови едноставно во истиот стил е поставен над првата низа. Сè така.
Од сето ова, пак, произлегува дека перспективата е сериозен проблем на ликовно дефинирање на просторот и снаоѓање во него. По аналогија, тој проблем може да има и егзистенцијален карактер како проблем на дефинирање и снаоѓање во просторот на животот. И долго се талкало во прецизното дефинирање и откривање на принципите на перспективите во ликовната уметност. Неа интуитивно ја насетилe, пред сè и со нивната скулптурална уметност, Старите Грци, за истата таа конечно да биде откриена и во математички клуч решена во ренесансата, посебно акрибично во италијанската. За тоа посебна заслуга има и сјајниот италијански архитект Бруналески, кој неа ја истражувал од научен аспект и до совршенство. Таква, таа е беспрекорно реализирана во уметноста на сликарите на италијанската ренесанса. Но покрај овој тип на научна перспектива на Бруналески, постои уште еден друг тип на перспективно решавање па длабочината на просторот, кaрактеристичен пред сè за ренесансата на европскиот север, во Холандија. Тоа е пронајдок на браќата Ван Ајк и се состои од сугерирање на просторната длабочина со суптилното градирање и постепено ослабување на колористичките валери. Тоа е таканаречената атмосферска воздушна перспектива во која повеќе се сугерира отколку што се претставува реалистички предметот. Нешто слично како што го прави тоа Маларме во модерната поезија. Тука, во мистичниот север на европската ренесанса ѝ е даден силен акцент и на птичјата перспектива на визуализација на просторот одгоре, како да го гледа окото на Господ. Ненадминати мајстори на тој тип на перспектива се Бош и Бројгел.
Мистичен признак има и третирањето на перспективата во уметноста на христијанското сликарство. Тука станува збор за обратната, преобрната перспектива во која просторот се стеснува од задниот кон предниот план на сликата, како да се сака да се сугерира со тоа доаѓањето на Бог кај нас што го гледаме делото. А тука, во таа мистична уметност, е и таканаречената „растечка перспектива“, во која просторот и предметите се зголемуваат и растат оддолу нагоре. Една, би рекле, аналогна визија на воскресението.

Тука некаде, драг читателу, се исцрпува поимот перспектива во ликовната уметност. Но тој како поим има своја широка асоцијативна употреба и од чисто филозофски и егзистенцијален аспект. Па, и митски со архетипска боја и карактер. Перспективата и како иманентен поим ѝ е својствена на секоја индивидуа, но и на секој колектив, племе или нација, народ, а понекогаш од историско-филозофска гледна точка и на цела цивилизација. Така, на пример, според Освалд Шпенглер, европската цивилизација има опсесија за далечина и бескрај. За него тоа е посебен тип на фаустовска перспектива на просторна длабочина што ја сугерира западната фаустовска жед за научно спознание, но и за телесна наслада. Духовна но и телесна страст, она што така сугестивно го отсликува старогерманската легенда за Фауст и Мефистофел, што нашла одек кај Гете и Марлоу во Англија. Во неа Фауст ја трампа со Мефистофел (ѓаволот) својата душа за наука, знаење, но и за телесно задоволство, за кое ја добива убавата и невина Маргарита. И тука и според Шпенглер е оцртана фаустовската перспектива на западната цивилизација во која не е укината дихотомијата меѓу духот и телото, спиритуалноста и сензуалноста.
Од сè кажано погоре, пак, драг читателу, можеме да извлечеме заклучок дека доста замаглениот поим перспектива има всушност значење на отворен хоризонт, кој ти отвора нешто и те води кон нешто, кон некоја цел поместена напред во времето. Сум размислувал за аналогните варијанти на тој поим, кој е во основа врзан за поимот простор, на негово ликовно, но потоа и на онтолошко, егзистенцијално и филозофско дефинирање, кое може да произлегува и од некој тип емотивен стрес или екстаза. Сеедно. Таков е познатиот емотивен крик и на Блез Паскал: „Тие простори ме ужасуваат!“ Францускиот филозоф, имено, со тој онтолошки крик како да ја подотворил вратата и на квантната физика, како и на територијата на релативноста на Ајнштајн за мистеријата на микрокосмосот и макрокосмосот, на синергијата во него меѓу просторот, времето, светлината и енергијата. Теоријата во која веќе не станува збор за дихотомијата простор и време, туку за нивното амалгамизирање во еден единствен архетипски знак и поим просторвреме.

Сеедно. Но јас талкајќи по одгатнување и прецизирање на разните честопати и замаглени варијанти на поимот перспектива, сепак на крајот дојдов до неговата јасна кристализација, и тоа на Истокот, во мудрата и длабока Кина, кај Лао Це, филозоф и поет, ненадминат мајстор на парадоксот, златната фигура на филозофијата како што мисли по многу нешта нему сличниот дански филозоф Киркегард. Лао Це, врвен специјалист кој само во два стиха ја објаснува сликата на постоењето и универзумот: „Сè што постои е создадено од она што Е, а сè што не постои од она што Не е“. Но битното е, драг читателу (другпат ќе се занимаваме со таа филозофија), што Лао Це целото човеково постоење и егзистенција ги означи со еден битен архетипски поим Тао (кинески), што значи Пат, апсолутно поклопувачки поим со поимот перспектива. Пат-перспектива, или перспектива-пат, сеедно. Отворен хоризонт да дишеме, како што би рекол Рилке, „проширен воздух“.
При крај сме, драг читателу. Толку се изнафилозофиравме, а ни збор сè уште не рековме за европската перспектива во врска со нас и нашата судбина. За европскиот тао (пат) на Македонците што го означивме со насловот на оваа колумна со поимот смрт. Тоа ние сега во збиени црти ќе го објасниме по аналогија со митската перспектива. Имено, тоа е перспективата на иницијацијата, која го подразбира подвигот на јунакот за општо добро на човештвото, за што егоистична Европа нема поим. Постојат многу митови што ја илустрираат оваа во основа прометејска тема. Ние одбравме два од нив карактеристични за нашиот став. Прво тоа е митот (кој е реалност) поврзан со подвигот на Христос, а второ митот за Тезеј со слична содржина. И во двата случаи станува збор за иницијацискиот архетипски мит на слегување во подземјето за да се изнесе од него на површина закопаното сонце на човековата среќа. И Христос и Тезеј слегуваат во таа мисија во него. Христос со сопствената саможртвена смрт води битка со смртта за да го ослободи човекот од неа. И победува. Тезеј води слична битка во лавиринтот на подземјето, во која го убива бикот како метафора на злото и излегува на светлината на денот со помош на конецот на Аријадна, симбол на љубовта и спасот.
А сега гледам ти ме прашуваш, драг читателу, кај стојат Македонците во тој мит означен како посебен вид на перспектива дефинирана како митска. Па, како да ти кажам. Македонците сега се слезени во подземје, но не по свој избор за подвиг како саможртвен чин, туку напикани од Европа на која тие ѝ го дадоа причесното вино на новата христијанска епоха, а тие до денес останаа безбожни. Во нејзините велелепни катедрали, кои Шпенглер ги дефинира како „камена музика“, не влегува Бог.

И така, драг читателу, ние сме фрлени во тоа подземје, во неговиот темен лавиринт низ кој талкаме, барајќи ја во конкретниот случај перспективата, патот, таото што ќе нè доведе до Брисел. Да, ама само талкаме напред-назад, а го нема конецот на Аријадна (во случајот на вавилонската блудница Европа), како ни бикот, кој е услов за остварување на подвигот. Со други зборови, нам ни се одземени од Европа и подвигот и излезот од нејзиниот темен лавиринт на подземјето, во кои таа силно нè тутна и нè држи, посебно почнувајќи од 1913 година наваму до денес. И никој од нас не знае колку долго ќе трае нашиот престој во нејзиниот подземен лавиринт на смртта, во кој ние и физички и идентитетски сме ништени во етапи. Во последно време со енормно засилена идентитетска смрт. И до кога ќе трае сето ова, оваа безалтернативна алтернатива за, и кон Европа, кој може да знае, драг читателу. Сè додека не нè уништат идентитетски нас Македонците до последниот атом на битието, без да знаат дека нашата смрт е полна како и смртта по распетието на Исус со електроните на воскресението. И ќе излеземе од тој лавиринт на смртта како светлина и вечен живот во Европа, која е во биолошко и духовно распаѓање како што ја опиша неа убаво и Бодлер во неговата поетска книга со сугестивен наслов „Цвеќињата на злото“.
Ќе истраеме и ќе излеземе, драг читателу, оти има и други перспективи. Јас во таа смисла сега за Македонците ја препорачувам перспективата БРИКС, новата енергија на светот против новата Римска Империја на евроамериканскиот колонијалистички и воено-профитерски Запад. До следната наша средба сè најубаво, драг читателу, со – Македонија на Македонците.