Зошто европската интеграција не е тема на овие избори? Консензусот за македонското членство во Европската Унија има далеку подлабок датум и од самата македонска демократија. Веројатно првите никулци на македонската европска интеграција треба да се бараат во договорните односи за регулирање на трговијата помеѓу поранешната СФРЈ и тогашната Европска економска заедница. Меѓутоа, нештата драстично се забрзуваат откако Европската комисија ќе го најави усвојувањето на Единствениот европски акт во 1986 година, со кој беше создаден единствениот пазар, кој до ден-денес е самиот темел на Европската Унија. Југословенскиот, па и македонскиот одговор на Единствениот европски акт е јасен и недвосмислен. Веќе тогаш трговската размена на Југославија е доминантно кон ЕЕЗ, па југословенските институции веднаш тргнуваат кон приспособување кон најавениот единствен пазар (иако Единствениот европски акт е донесен во 1986, а стапил во сила во 1987 година, внатре е предвидено единствениот пазар да профункционира до 31 декември 1992 година, па оттаму и симболиката околу Европа 1992). Во југословенските процеси на приспособување кон единствениот пазар, нормално, предничат стопанските комори што организираат огромен број конференции, семинари, работилници и друг тип настани каде што се разгледува како југословенското стопанство да ја искористи шансата што ја пружа воспоставувањето на единствениот пазар. Во делот на јавното мислење, целиот југословенски печат издвојува посебни подлистоци, од кои и „Нова Македонија“ посветува цела страница. Покрај тоа, започнува и законодавна акција за извесно приспособување кон стандардите на единствениот пазар.
Нештата брзо се прелеваат и во политиката и во институциите. Сојузниот секретаријат за надворешни работи го води проектот за европска интеграција на Југославија, преку престижната петта управа. Прво срамежливо, но потоа гласно се наметнува темата дека Југославија мора да побара полноправно членство во ЕЕЗ. Во политиката, исто така, првично ќе се лута и ќе се дебатира како европската интеграција може да се вклопи во политиката на неврзувањето на земјата. Југословенското неврзување има и своја практична димензија, затоа што овозможува трговија со земјите од Третиот Свет и поволен пристап до нивните ресурси, потоа југословенската градежна оператива е присутна насекаде низ Африка, Блискиот Исток и Азија, а преку југословенската техничка помош илјадници професионалци работат низ светот. Покрај тоа, неврзувањето е и остаток од идеолошкиот профил на Јосип Броз Тито, па секако дека влијае и на одлучувањето во единствената партија, Сојузот на комунистите на Југославија, а и во институциите, главно во сојузниот секретаријат за надворешни односи, како и во републичките министерства за односи со странство или за надворешна трговија. Сепак, Југословените се практични, па срамежливите гласови одлучно да се тргне кон европската интеграција стануваат далеку побучни по сломот на реалсоцијализмот низ Варшавскиот пакт во 1989 година. Прекуноќ европската интеграција станува стожерна точка на југословенската надворешна политика, а темата Европа се прелева и во политиката. Па така, словенечките комунисти го менуваат името на својата партија во СКС – партија на демократска обнова, во февруари 1990 година, а усвојуваат и нов партиски симбол со златната европска петокрака на модрото европско знаме, знак дека тие ќе го предводат словенечкиот пат кон Европа. Само два месеца потоа и македонските комунисти си го менуваат името во СКМ – Партија за демократска преобразба, а симболично и тие расчистуваат со минатото преку ново знаме, кое има златна европска петокрака на модрото европско знаме и роза, знак дека тие ќе го предводат патот на Македонија кон Европа, како и дека ќе се „социјалдемократизираат“. Би било интересно да се слушне дали некој во актуелниот СДСМ знае кој ја иницирал оваа партиска промена, но далеку поинтересно е да се увиди каде залутаа потоа надвор од таа трасирана патека и кој е виновен што избраа дедемократизација, наместо демократизација.
Нејсе, уште последното социјалистичко Собрание на Македонија донесе декларација каде што повика на зачленување на Југославија (и Македонија) во Европската економска заедница, а ја обврза македонската влада, тогаш Извршен совет, да ја заокружи постапката на приспособување на македонското законодавство кон европското до 1993 година (тогашните педантни комунисти добро пресметале дека хармонизацијата на законите пред да стапи во сила единствениот пазар може да биде аргумент на Македонија, како и на Југославија, за наше итно вклучување во проектот).
Дебатата дали Југославија формално поднела барање за членство, веројатно, никогаш нема да ја завршиме затоа што ем нема ништо во архивите на ССИП ем анализата на внатрешните документи во петтата управа на југословенската дипломатија укажува дека подготовките за едно такво сценарио течеле со полна пареа. Будимир Лончар и Срѓан Керим тврдат дека била поднесена апликација во некоја форма, па останува да се утврди што, всушност, се случило.
Во 1991 година Македонија веќе чекореше кон независноста. И за најголемите оптимисти беше јасно дека веќе нема кој да ја зачува Југославија. Македонија не беше протагонист во раздружувањето и, како и во другите републики, населението доминантно сакаше федерацијата да опстои во каква било форма. За жал, сништата за обнова на митовите сите припадници на еден народ да живеат во една држава или да се обнови „илјадагодишната државност“ ја однесоа Југославија во апокалиптичен распад. Во меѓувреме во Македонија се случуваше спонтаната демократизација. Секоја партија, движење и иницијатива во својата програма јасно нагласи дека европската интеграција на Македонија е стратегиска цел на македонската надворешна политика. Како ретко кое друго прашање тука граѓаните на Македонија беа и сè уште се обединети, без разлика на етносот, мајчиниот јазик, религијата, возраста, професијата и така натаму. Европската интеграција беше толку апсолвирана тема што на партиските соочувања се зборуваше единствено за модалитетите на овој процес, но не и дали воопшто да се зачекори на патеката кон Брисел. Европската интеграција е клучна и во стратегиските документи на државата, од декларациите што му претходеа на Уставот, преку врвниот правен акт, па сè до декларациите и резолуциите за зачленување во ЕУ и во НАТО. Овој консензус Собранието неколкупати го обновуваше со потврда на стратегискиот од кон ЕУ безмалку во секој собраниски состав. Дојдовме до ситуација кога во македонскиот законодавен дом по првпат има партија што ја спори македонската евроатлантска интеграција, односно членството во НАТО. Досега немаше таква идеолошка струја во македонската политика. Меѓутоа, дури и партијата Левица не ја спори европската интеграција на Македонија и стремежот за членство во Европската Унија. Во меѓувреме на Македонија ѝ се случија Лисабонската декларација, фијаското со „Агенда 2000“, Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Солунската декларација на ЕУ, формалното барање за членство, стекнувањето со статус кандидат, препораката за отпочнување преговори, сериското вето од Грција, Преспанската спогодба, тивкото вето од Германија, гласното вето од Франција, па новото сериско вето од Бугарија. И покрај тоа, македонските граѓани остануваат посветени на европската интеграција, со бројки што се пониски од историскиот зенит, но на кои повеќето земји членки и кандидати ни завидуваат.
Зошто беа сите овие историски реминисценции? Чисто за да се развеат маглите… Клучната точка на македонската надворешна политика – зачленување во Европската Унија останува стожер и за следната влада и за следниот претседател. Сепак, граѓаните не може никој жедни да ги пренесе преку вода. Во ЕУ не се оди со договори за пријателство, во ЕУ не се оди со преспански, дојрански, мавровски и слични договори, туку со суштинска интеграција и со исполнување на тврдите и објективни критериуми. Исклучиво низ таа призма граѓаните ја гледаат европската интеграција, а на тој план актуелната влада и актуелниот претседател многу потфрлија. Очигледно е дека опозицијата ќе добие шанса од граѓаните, но нивната поддршка ќе биде условена со суштинската европска интеграција на земјата. Ако Македонија заличи на Европа, тогаш можеби ќе биде потврден мандатот на идната влада, а во спротивно граѓаните ќе си бараат нови опции, но за истата стратегиска цел – суштинска македонска европска интеграција.
Ивица Боцевски