Македонскиот политички брод лебди на три платформи. Тоа се платформите на европеизмот, патриотизмот и национализмот. Колку што се блиски по својата природа, толку се и различни, но и покрај противностите меѓусебно се испреплетени. Во согласност со таа слика, трите политички својства добиваат и различни толкувања зависно од погледот на светот, партиската припадност, клиентелистичкиот однос и од личните убедувања на оние што ги застапуваат.
Стремежот кон европеизмот, кој сега преовладува во политичката номенклатура, не е сфатен само како прост и суров влез во семејството на Европската Унија, иако напати се стекнува таков впечаток. Европеизмот е посветеност за унапредување, јакнење и развивање на демократските процеси, на економскиот, правниот, социјалниот, просветно–културниот и друг живот на државата. Европеизмот е вид менталитет, вид култура на живеење, замислен висок финансиски стандард. Во таа смисла, европеизмот се стреми да ги афирмира своите современи вредности, да овозможи клима за остварување човекови права, слободно творештво, слобода на говор и јавно изразување на мислењето. И да создава убава слика за државата и за нејзините граѓани во очите на светот. Тоа е, всушност, модерен патриотизам, поинаков од класичниот израз на љубов кон сопствената држава.
Европеизмот што сега се форсира во Македонија се труди да ги следи тие процеси, но засега само теоретски. Практиката е останата, безмалку, од времето на социјализмот. Манифестациите на европеизмот не се одликуваат со вжештена реторика, со нападна декорација од историски симболи и со оживување митски јунаци. Таквите појави се смируваат, се игнорираат, се премолчуваат или се преземаат опсежни мерки да се стават во архива. Да не се создава раздор. Може да се каже дека спроведувајќи ја таа модерна патриотска опција македонските власти дури и претеруваат во минимизирањето на својата историја, доведувајќи ги на најниски гранки државното достоинство и достоинството на секој граѓанин поединечно.
Наспроти засилениот европеизам, македонскиот човек не може да се одвои од својот патриотизам. Според филозофите има две човечки чувства што се две најголеми духовни богатства пред кои и најсиромашниот човек не може да остане рамнодушен. Тоа се патриотизмот и верата. Анкетите што се прават го покажуваат тој факт.
Луѓето сигурно не се родени како патриоти, патриотизмот не е некое архетипско чувство, код вграден во човекот од најстарите времиња. Ако е вистински, тој е збир на силни и искрени чувства. Подразбира почит и приврзаност кон сопствениот народ, држава, јазик и писмо, кон националната историја, култура и традиција, кон националните симболи, националните институции. И кон почитување на законите. Нема држава во светот што во својата политичка и државотворна основа не се темели на елементарен патриотизам.
Патриотизмот подразбира и оформен национален идентитет, развиена национална свест, како и должност за одбрана на слободата, суверенитетот и целината на својата татковина. Не е само љубов кон татковината, кон земјата, племето и јазикот, туку тој е израз и на колективниот дух на еден народ. А колективниот дух е создаван и врзан низ заедничко минато и историја, низ заеднички доживеани среќи и преживеани несреќи, победи и порази, низ заедничка борба за исти идеали.
Но поимот патриотизам не е толку едноставен, како што веднаш може да се помисли. Нема патриотизам без минимум етика, без чесност. Никогаш луѓето не биле големи владетели ако не биле вистински патриоти. И развојот на Македонија во некои случаи бил запрен од некое оро што го воделе политички штеточини, себичници, клептомани, чии дејства доведувале до сериозни кризи и распади. Арамилакот, лицемерството, омразата кон другиот, клеветењето на блискиот не се одлики на патриотизмот. Не е патриотизам од една страна да ја фалиш, а од друга да ја крадеш државата, да си го крадеш народот.
Патриот не може вистински да си ја сака својата држава ако со неа владеат хохштаплери. Патриотизам е да се почитуваат законите, институциите, правото, вистината. На една земја не ѝ се потребни силни луѓе, туку силни принципи, диктатура на добри закони. Таканаречената „силна рака“ ја бараат слаби и сервилни народи, несреќни се земјите што почесто зависат од патриотски „спасители“ одошто од нормални владетели. Само правдата ги врзува луѓето, неправдата ги раздвојува.
Една теорија вели дека најопасно е кога патриотизмот ќе поприми ореол на фанатична идеолошка индоктринација или ќе премине во драматично насилство штетно за околината и за самата држава. Според теоретичарите, насилното и нападно воздигнување на патриотизмот како гесло и како програма и неговото величање се знак на слабост и на криза во едно општество. Уште поопасни и поштетни последици носи ако патриотизмот преминува во неконтролирана лудост, во национална шизофренија, појави што ги имало и сѐ уште ги има на заостанатиот Балкан. Патриотизмот е витален кога е составен дел на човека, а не кога е нешто наметнато, надувано, хулиганско-варварски настроено, насилно расположено и уривачки насочено.
Патриотизмот не може да се третира само како реликт на минатото иако сѐ поголемо место зафаќа мислењето дека тој во класичен облик ја потрошил својата историска сила, дека ја нема некогашната енергија за активирање на масите и дека политички е „де моде“, надвор од мода.
Токму на оваа основа патриотизмот се судира со национализмот. Во рамките на дискусиите за почнување на преговорите со ЕУ и пред најавеното запишување на Бугарите во Уставот во Македонија таа градација е сѐ поприсутна. Имено, во одбрана на европеизмот, на Македонците што се борат јавно за зачувување на своите историски национални придобивки им се лепат националистички етикети. Не станува збор тука само за опозицијата (ВМРО–ДПМНЕ), која се спротивставува на промена на Уставот со горенаведениот услов, туку и за обвинувања што се однесуваат кон секој што покажува јавна смелост да ја брани својата држава, онака како што самиот мисли. Тие обвинувања не доаѓаат само од странски адреси.