Еу и меу-реформи и реформатори

За да подобрите нешто со некакви реформи вие, прво, треба да определите кој ќе ги направи и воведе и најважното, да претпоставите кому тие реформи му се наменети?! Потоа, треба да направите истражување дали тие општествени групи имаат потреба од тие реформи, кои на крајот од сѐ, се однесуваат на нив и нивниот реален жив живот. Тоа што вие го правите, за да си го пополните споменарот со задачи што ви ги дале партијата, Владата, ЕУ и НАТО, и за тоа ве плаќаат, во суштина е залуден труд, затоа што вие немате поим кои се тие луѓе што го создаваат тоа и применуваат и на кого се однесува тоа што сте се намерачиле да им го воведете? Ама, вие не разбирате изгледа дека правењето реформи значи конкретна и категорична промена на определен начин на живот што една заедница го создавала пред денот кога вие фино сте решиле да им го реформирате, мајката? И почнувате да пишувате закони, правила и прописи, одите на ЕУ и НАТО-обуки и семинари, земате нови паричиња за тоа, потоа дома водите јавни расправи, одите по телевизии, веќе имате и кариеричка, па напредувате во системот на управување, добивате поголема плата и на крајот прогласувате победа на новите ЕУ и НАТО-вредности! Браос.

И, толку од бизнисот. Сѐ си е по старо. Ништо не се променило. Освен вие. Во принцип ова се овие залудни три децении во кои се прават реформи во Македонија, кои не се наменети за Македонците туку за странците и нивните споменари, за кои по истиот принцип како и тука, некој ги плаќа, таму, по нивните Европи и Ната. Толку е. Што очекувате од луѓе што немаат никаква, ама никаква идентификација со Македонија и со Македонците? Сѐ што тие прават е формално и за нив сосема неважно. Сето тоа што ЕУ/НАТО го прави тука се идентификува само и единствено со нивните интереси и нивните проекции за нивните потреби во Македонија. Ништо од тоа што тие го прават најголемиот дел од Македонците немаат никаква идентификација, не го препознаваат како потреба за себеси и сопствената заедница. Затоа на крајот сите тие силни реформи се нефункционални, неприменливи и не поттикнуваат видливи промени.

Американците се лутат затоа што потрошиле милиони долари за реформи во судството, а не постигнале никакви резултати. Холанѓаните исто така велат дека им е прекуглава од тоа триесет години да финансираат нешто што не може да се смени ни една јота. Е па, да. Ама вие сега ли разбравте, драги мои ЕУ и НАТО, дека тие што ги собирате по еу-меу семинари и работилници да ги спроведат еу-меу директивите и стандардите немаат никаква, ама никаква идентификација со тие реформи и дека тие луѓе припаѓаат на општествени заедници што немаат апсолутна потреба од тоа да се менуваат себеси, или не дај Боже светот околу нив? Па зошто црвената буржоазија, нивните деца и внуци би го менувале системот, кој доколку се промени, за нив нема да има остане ништо во тој нов систем!? Ама вие навистина ли сте до толку неинформирани и будали или се правите и на едното и на другото? Ако не сте, ни едното ни другото, тогаш единствен начин да направите што и да е, дефинитивно е да се соочите со реалноста дека во Македонија не постои општествена категорија луѓе што управуваат со современите текови на општественото живеење, а можат да реализираат определени промени во форма на општествени реформи! Македонија е држава што е заробена од самата себеси. Македонија е земја ставена во заложништво на една примитивна каста што себеси се проектира како единствен наследник на државата, која, според нив, ја создале нивните татковци и деца. И во таа наследена држава тие имаат наследно право со неа да располагаат како што сакаат, да ја преобликуваат, организираат, да ја менуваат, да ја раздаваат, да тргуваат со нејзините добра, со луѓето, па дури и со нејзиното име, без за тоа да бараат согласност од мнозинството граѓани и групи што се родиле и живеат во таа земја. Во Македонија реформите на што и да е, се невозможна работа, од причина што тие што треба да ги спроведат тие реформи немаат лична и општествена потреба од нив.

Според вас, тие треба да се реформираат и да создадат систем во кој јас и тие ќе бидеме еднакви и со исти почетни позиции за што и да е во нивната новодржава Северна Македонија? Ама ајде, ви се молам, па вие бладате! Тие се подготвени на секакви реформи што гарантираат дека тие нема да се реформираат за што и да е! Тие се единствените што разбираат дека за нив Македонија е рајот на земјата. Тие се единствените што имаат идентификација со самите себеси, како некои на кои им е дадено, по наследна линија да управуваат со нас.

Па видете ги, бе, по телевизии. Потпросечни самобендисани социопати, без трошка морал и етика, со шеесет и седумдесет напикани години во газ, без ништо реално создадено во животот, се идентификуваат себеси како месии на кои им е дадено да носат одлуки, за кои, да биде уште пострашно, види мајката, знаеле дека се однесуваат на нас и знаеле дека ние не се согласуваме со тоа!? Разбирате ли вие, драги мои ЕУ и НАТО, со кого си имате работа? Мислам дека не разбирате. Вашите реформатори наутро го пљачкаат сопствениот народ, ноќе меѓу себеси споделуваат месијанство, а другиот ден со вас зборуваат за еднакви можности за сите, нарекувајќи се другари и другарки. Тие луѓе со кои вие триесет години си кажувате приказни за еу-меу, во суштина во вас гледаат будали што не разбираат дека оние наспроти нив се подготвени да ветат сѐ! Ама баш сѐ. Дури и промена на име на државата. Но реформи нема намера да спроведат за што и да е, за кого и да е во ова Македонија, од причина што секој милиметар на промени ги загрозува нив и светот со кој тие управуваат ете веќе осумдесетина години.

Чаре? Нема чаре со нив? Нема чаре сѐ додека не разберат ЕУ и НАТО дека се заплеткале со најдолен вид примитивни организми, кои се подготвени да јадат и од сопствениот измет, само за да преживеат. Последиците сега се катастрофални, а допрва е започнат процесот на прекинување на идентификацијата на Македонците со државата Република Северна Македонија. Драги мои ЕУ и НАТО, вие пропагирате реформи и иднина во земја во која мнозинството од граѓаните Македонци немаат основна идентификација со државата и нејзиното име! Тие не ја препознаваат и идентификуваат земјата основно по нејзиното име! Разбирате ли вие кај ви е проблемот? Не? Да ви објаснам. Во земја во која огромното мнозинство од народот не сака да ѝ го каже ниту името, вие очекувате идентификација, себепрепознавање и определување потреба за реформи, во образованието, на пример? Што треба Македонците да реформираат во образованието? Јазикот, литературата, минатото, сегашноста, иднината во која тие не постојат? Во судството? Што барате од Македонците да прифатат? Дека се согласуваат нивните непријатели да бидат обвинители, судии и извршители? Очекувате Македонците да имаат идентификација и потреби од реформи во земјоделството? Луди ли сте или се правите луди игнорирајќи го фактот дека цела Југоисточна Македонија е испразнета и иселена во Италија и Германија. Нема земјоделци во Македонија, не знам драги мои еу-меу зошто тоа не ви го кажуваат оние со кои си правите семинари? И, за да завршам, можеби има шанси во Македонија да реформирате што и да е, ако ги промените тие со кои си ветувате реформи, можеби, и ако престанете да ги лажете тие што вас ве праќаат и плаќаат да доаѓате и проповедате реформи, кои не се однесуваат на никого и за ништо!

Авторот е режисер и универзитетски професор