Денешната глобална енергетска криза би можела да биде уште полоша во споредба со она што светот го доживеа во 1970-тите години. Тоа многу ќе зависи од поголемата соработка меѓу државите и лидерите во дејностите, при што креаторите на политики се оние што правилно ги разбираат и управуваат со енергетските текови од кои зависат современите економии.
Дали денешнава енергетска криза е исто толку сериозна како и сличните претходни кризи? Тука особено се мисли на нафтените шокови што се случија во 1970-тите години. Тоа е прашањето што се поставува низ светот, при што потрошувачите се засегнати од високите цени, бизнисите се загрижени во однос на снабдувањето со енергија, политичките лидери и централните банки се борат со инфлацијата, а државите се соочуваат со притисоци во нивниот платен биланс.
Во таа смисла, оваа енергетска криза е еднакво сериозна. Всушност, денешнава криза е потенцијално и полоша. Во 1970-тите години кризата се однесуваше само на нафтата, додека оваа криза денес се однесува на природниот гас, јагленот, па дури и на циклусот на нуклеарното гориво. Покрај инфлацијата, денешната криза го трансформира досегашниот глобален пазар во пазар што е фрагментиран и поранлив на нарушувања, со што се намалува економскиот раст. Во комбинација со геополитичката криза предизвикана од војната во Украина, сето ова дополнително ги продлабочува ривалствата помеѓу големите сили на светско ниво.
Денешнава енергетска криза не започна со руската инвазија на Украина, туку таа се случи минатата година, кога побарувачката на енергија се зголеми во моментот кога светот излезе од пандемијата на ковид-19. Тоа е периодот во кој Кина имаше проблем со снабдувањето со јаглен и цените се зголемија. Глобалниот пазар за течен природен гас (ЛНГ) потоа се заостри, цените вртоглаво пораснаа, а истото тоа може да се каже и за цените на нафтата.
Секако дека со зголемувањето на цените на енергијата, една земја како што е Русија би ја зголемила продажбата на природен гас на својот главен клиент, Европа, и тоа во количества што се поголеми од договорените минимални количества. Наместо тоа, таа се придржуваше до договорите, иако можеше да произведе значително повеќе од тоа. Во тоа време се чинеше дека Русија се обидува да присили зголемување на цените, но наместо тоа, Кремљ, можеби, се подготвуваше за војна.
Од причина што Европа беше зависна од Русија со околу 35-40 проценти од нафта и природен гас што потекнуваат од оваа земја, Путин претпостави дека Европејците ќе протестираат против воената инвазија, но дека, сепак, на крајот, тие ќе се држат настрана. Фиксиран на неговата самоназначена мисија на обнова на она што тој го смета за историска империја на Русија, тој сепак не предвидел каков ќе биде одговорот на Европејците на неиспровоцираната војна во соседството.
Ако гледаме перспективно, има вкупно пет фактори што би можеле да ја влошат сегашнава енергетска криза. Прво, Путин отвори втор фронт во овој конфликт, со намалување на договорените количества природен гас што Русија ѝ ги испорачува на Европа. Целта е Европејците да не складираат доволно резерви за следната зима и да се зголемат цените, создавајќи со тоа економски тешкотии и политички раздор. Во својот говор во јуни, во рамките на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин јасно го кажа она што го мисли: „Општествените и економски проблеми што се влошуваат во Европа“ ќе ги „поделат нивните општества“ и „неизбежно ќе доведат до популизам…, а со тоа и до промена на елитите на краток рок.“
Како што сега стојат работите, Германија предвидува дека ќе има потреба од рационализирање на потрошувачката на гас, а министерот за економски прашања на оваа земја, Роберт Хабек, предупредува за „зараза во стилот на Леман“ (се мисли на финансиската криза од 2008 година) ако Европа не може да се справи со сегашниве економски нарушувања што се предизвикани од енергетиката.
Второ, еден нов или обновен нуклеарен договор со Иран е нешто што е малку веројатно дека ќе се случи. Па, така, санкциите кон оваа земја нема да бидат укинати – а тоа значи дека во скоро време иранската нафта нема да тече на светските пазари.
Трето, иако Саудиска Арабија може да го зголеми производството на нафта за да помогне во „стабилизирањето“ на нафтените пазари, а во врска со посетата на американскиот претседател Џо Бајден, сосема е веројатно дека нема да се случи тоа, бидејќи се чини дека во Саудиска Арабија (или во Обединетите Арапски Емирати) не постои големо количество дополнителна нафта што би можела да се произведе на краток рок. Во меѓувреме, многу други земји извознички на нафта не можат ниту да се вратат на своите претходни нивоа на производство, поради недостигот од инвестиции и потребите за одржување од периодот на пандемијата.
Четврто, кинеската побарувачка за нафта е значително намалена поради заклучувањата што имаат за цел „нула ковид“, а кои остро ја ограничија економската активност на оваа земја. Сепак, ако таа ги укине многубројните ограничувања, она што ќе следува е значително зголемување на потрошувачката и побарувачката на нафта.
И на крајот, колку и да е тесен пазарот за сурова нафта, постои уште поголема таква затегнатост во секторот за рафинирање нафта, кој произведува бензин, дизел и авионско гориво т.е. гориво што вистински се користи од луѓето. Овој сектор се разви во една комплексна структура, која е светски систем со силна меѓусебна поврзаност. Русија беше таа што ги рафинираше производите што ги испорачува во Европа, додека Европа беше таа што го испраќаше бензинот што не ѝ требаше до источниот брег на САД и така натаму.
На некои места, системот вложи максимални напори – американските рафинерии, на пример, веќе работат со капацитет од околу 95 отсто. Но системот во целина сè уште не може да фати чекор со побарувачката. Руските рафинерии само делумно функционираат, лишувајќи ја Европа од нафтени производи; а во Северна Америка не стигнува доволно бензин од Европа. Кинеските рафинерии работат со помалку од 70 отсто од капацитетот. Околу четири милиони барели дневен капацитет за рафинирање нафта се затворени во светот поради пандемијата, новите регулативи и проблемите со економијата. Ако го додадеме на ова и ризикот од несреќи, лошите политички одлуки и ураганот што ги „однесе“ рафинериите што се наоѓаат во американскиот залив, можно е ситуацијата да се влоши уште повеќе.
Во таа смисла, неколку земји сепак би можеле да го зголемат производството. Канада, инаку четврти по големина производител на нафта во светот, по САД, Саудиска Арабија и Русија, би можела да обезбеди дополнителни барели нафта во соработка со својот главен пазар – САД. Американското производство на нафта од шкрилци исто така повторно зема замав и тоа може да придонесе со 800.000 до еден милион барели на ден ново производство во текот на оваа година, што е многу повеќе од дополнителното производство на нафта што го овозможува целиот остаток од светот заедно.
Други фактори што би можеле да ја ублажат кризата се промени во цените и начинот на кој реагираат потрошувачите. Во мај, побарувачката за бензин во САД беше за 7 отсто помала во споредба со мај 2019 година, инаку време пред пандемијата. Сепак, една од причините за тоа е фактот што поголем број луѓе сега работат од дома.
Економското забавување, исто така, е нешто што може да ги намали цените. Најновиот глобален S&P индекс за набавка укажува на слабеење на економскиот раст, при што производствената активност во САД „се намали… и тоа до степен што е надминат само двапати“ – во екот на заклучувањето на пандемијата и за време на финансиската криза во 2008 година. Исто така, европскиот раст нагло има забавено до најмало можно ниво во последниве 16 месеци. Ваквото забавување може да ја намали побарувачката и исто така да ги намали цените и на енергијата. Притоа, се разбира, тие исто така ќе ги зајакнат западниот сојуз и народното единство.
Следниве шест месеци ќе бидат критично важни и ќе ја стават на тест способноста на Европа за тоа дали ќе може да маневрира низ претстојната зима. Во она што Хабек го нарекува „горчлива“ но „неопходна“ одлука, Европа ќе треба да користи повеќе јаглен. Во тешките месеци што претстојат, ќе биде потребна поголема и поинформирана соработка помеѓу државата и дејноста што управува со енергетските текови од кои зависат современите економии.
Даниел Јергин
(respublica.edu.mk)