Елементарно, драг мој Вотсон!

Фразата „тоа е елементарно, драг мој Вотсон“ му се припишува на ликот на познатиот детектив Шерлок Холмс, иако само во неговите филмски изданија (не во оригиналниот текст на Конан Дојл). Таа упатува на заклучок дека некоја наводна загатка е всушност многу едноставна, базична, и оттука лесна за решавање. Во балканска смисла, би се рекло дека е нешто „просто како грав“. Овде упатувањето на рудиментарното, основното, елементарното би можело да се однесува на „лекот“ и за нашите навидум големи мистерии и проблеми. Или, обратно, тоа е дефиниција на она што недостига за Македонија да биде држава. Нејзе ѝ недостигаат базичните елементи, темели и принципи без кои нема држава, ниту може да има. Така, од каде и да гледаме, од почетокот или крајот, работата е толку проклето едноставна што е неверојатно и дека воопшто треба да се објаснува.
Една од темите на кои инсистирам на моите предавања за политичкиот систем е таа за државата во веберијанска смисла. Намерата е да се сфати дека иако политичкиот систем е поширок поим од државата (државниот апарат), сепак без држава нема ни политички систем. Кога државата ќе навлезе во сите сфери на политичкото, го става под своја контрола и регулација, тоа е отворање на портата на тоталитаризмот. Но обратната ситуација, кога државата им ги отстапува своето место и функции на други субјекти, значи ерозија на поредокот, безредие и беззаконие. Макс Вебер е еден од најважните и највлијателни авторитети во општествените науки дури и денес, кога наводно нештата се движат надвор од класичните и традиционални парадигми. Неговото сфаќање на државата како јавен апарат што поседува монопол на легитимна закана од употреба или употреба на сила во општеството е порелевантно од кога било порано. Веберијанската држава е ознака за држава во која легитимната власт, избрана на избори, располага со контрола над државната територија и го заштитува поредокот. Таа е единствен легитимен и легален ентитет што воспоставува полиција, правосуден и казнен систем, а во крајна инстанца и војска, и на тој начин го реализира на непристрасен начин т.н. општествен договор во кој граѓаните отстапиле дел од своите слободи, а за возврат од државата добиле еднаква заштита, безбедност и гарантирани човекови права. Но тука, кај овие елементарни одлики, укажуваме и на разликувањето помеѓу силната и слабата држава. Силна, наспроти наивните или не толку наивни објаснувања, е онаа држава што управувањето со општеството не го врши со потпирање на безбедносниот систем, туку со овозможување внатрешна кохезија околу заедничките вредности и со легитимитет на власта. Слаба држава е онаа што недостигот од функционалност, заедништво и легитимитет го „надоместува“ со употреба на сила. И така, влегува во спирала на постојана ерозија – на легитимитетот и довербата кај граѓаните.
Зошто кажувам елементарни работи, Вотсон? Затоа што не треба да си Шерлок Холмс или доктор Хаус да ја видиш бруталната вистина: метастаза во последен степен! Оваа држава, која никогаш не била силна, веќе не е ни слаба. Таа не е ни држава. Еве, да тргнеме од безбедносниот сектор (иако тој не би требало да биде целта на постоењето на државата, туку социјалната правда и благосостојба): каде гледате безбедносен сектор? Можеби највидлива манифестација е онаа на радарите по патиштата, каде што сообраќајната полиција збира „данок“, а не носи ни безбедност ни правда. Насекаде околу е распад на системот: од дилање македонски пасоши до бркање полицајци од полициски станици, за кои министерот за внатрешни работи ниту чул ниту разбрал. А богами и за новинарите тоа се измислици. Сето тоа било политичка пропаганда, а изгонетите полицајци не смеат ни да кажат што им се случило: што од срам, што од опасност да добијат прераспоредување. Македонија тргна кон патот на полициска држава (во која полицијата има повеќе припадници и подобра професионална и социјална положба од војската) уште во 1990-тите години, а денес процутот не застанува: видете само колку полицајци се вработуваат, особено пред избори. Сепак, дури и обичен граѓанин не може а на момент да не ги сожалува. За среќа или наша несреќа, и над полицајците има надреден, па ниту нивната обука ниту законот не им се на помош ако наидат на криминалци заштитени како мечки од структури во власта.
Најголемата ерозија на оваа професионална група настанува со систематската приватизација на безбедноста. Ние постарите се сеќаваме на време во кое полициската униформа не само што носеше некаков респект туку и не претставуваше закана. Ги среќававме и низ уличките на населбите.

Денес министер за внатрешни работи секој втор ден е на настан во организација на здружение на приватни агенции за обезбедување. Градат некој хибрид што се вика јавно-приватно партнерство. Демек, приватното обезбедување е комплементарно со државната заштита на имотот, лицата и поредокот. Во светлина на бранот дојави за подметнати бомби во училиштата, министерот на не многу суптилен начин ќе упати каде да се бара решението: ангажирајте приватно обезбедување! Значи, драги родители, досега купувавте сапуни, тоалетна хартија, завеси и сл., а отсега ќе треба да си ја плаќате безбедноста на сопствените деца, бидејќи полицијата е тотално неспособна. Таа лови (руски!) духови, хибридни и сајбер-закани и се занимава со „висока политика“. Децата ќе ви ги чуваат за пари (а колку пари, толку музика).
За жал, дури и оние што промовираа академско образование и изучување на приватната безбедност не сфатија дека науката тука треба да држи рационална дистанца и негува критички поглед наместо да се „ујдиса“ и промовира бизнис-интереси. Впрочем, знаете ли дека универзитети, вклучувајќи ја и Воената академија, потпишуваат меморандуми за соработка со здружението за приватно обезбедување? Повеќе јавни установи, министерства (а и касарните на АРМ се во план) се под заштита на приватни агенции. Тоа ви е бизарниот одговор на легитимното прашање кој ги чува чуварите. Тие постојат за да нè чуваат нас, а самите нив ги чуваат бизнис-субјекти (бивши припадници на државните структури или приучени и лиценцирани лица) што нудат услуги за пари. За буџетски пари, наши пари. Но домот пак треба да си го заштитите со посегање по и онака плиткиот џеб.
Не знам колку е утеха да се каже дека станува збор за глобален феномен, кој опфати цели класични државни сектори и функции: од затвори до разузнавање, па и војување. Филозофијата на која почива и цвета овој нов бизнис е тезата дека државата е неефикасна и скапа работа, па се „рационализира“ со ангажирање за пари (hire for money) или, имаат и помодерен израз, „дивестирање на одбранбени функции“. И во многу развиени земји има евидентно опаѓање на полициските структури, нивна тивка маргинализација и дисквалификација, за сметка на јавно-приватното партнерство. Корпоративниот капитал ја јаде државата или ја прави свој клиент.
Така, на крајот доаѓаме до држава што е приватна прчија, која ја управуваат кланови и центри на моќ; служи за лично богатење, за разни мафии, а не за општото добро. Претседателка на Судскиот совет поднесе оставка поради притисоци на т.н. судски бизнис-елити! Зошто зборува за ова дури на чинот на оставката? До каде е метастазирана работата? Во ваквата заробена држава веќе не може да се зборува ни за обичен (колку и да не е обичен или посакуван) непотизам или партизација. Бидејќи овде станува збор за кланови, за династии, за недопирливи, за субјекти што се над моралот и над законот. Овде дури и не се глуми држава. Поврзани како свински црева, не можеш да им најдеш ни почеток ни крај. Сојуз на политички-бизнис-медиумски-академски елити се ујдисал само и само да му врви работата од која сите имаат ќар. Освен обичниот заробен граѓанин.
Арачиново деновиве исплива на површина како своевиден бермудски триаголник, во кој тоне секој елемент на државноста и суверенитетот, па и безбедноста, или поточно како парадигма за земјата во која живееме. Се сеќавате кога ве лажеа дека НАТО значи безбедност? Сфаќате колку сте излажани? Попусто некои од нас укажуваа дека држава се гради внатре во границите на земјата, а не се добива со „тапија“ од воена алијанса (за која си само територија и ресурс за војување надвор).

Како член на академската заедница, разбирливо најмногу ме погодува соучесништвото на луѓето од мојата фела. Фатени во организиран криминал во случај на „генијалниот син“ на „заслужниот татко“ (награден за 100-годишнината на Филозофскиот факултет и почесен доктор на науки некаде во Албанија), кој положил правосуден испит пред да дипломира, ама нив мува не ги лази. Ректор, па уште и претседател на Интеруниверзитетската конференција (тело на сите универзитети) и член на МАНУ, вели дека „само“ 200 дипломи за дипломиран правник се издадени надвор од законот! Не знам зошто воопшто и ги запишуваат на факултети – нека се воспостави династички принцип, па од раѓање нека си носат државни функции. Барем универзитетот да не биде соучесник во овој циркус.
Сè е толку елементарно, што те фаќа очај и кога само го опишуваш овој див запад. А знаеш дека нема ништо да смениш. Освен да си навлечеш дополнителни проблеми и закани од највисоки места дека ќе те пензионираат побрзо од очекуваното.