Зошто студена војна 2? Доколку првата студена војна беше меѓу првиот свет – либералните демократии, и вториот свет – комунистичките земји сојузници на СССР, а сите другите беа во третиот свет или Движењето на неврзаните, кои се блоковите денес?
Традиционално последниот и првиот коментар ги посветувам на годишен поглед – анализа на главните случувања, трендови и предизвици за тековната и новата година. И последните години тоа е преплет на депресивен и разочаран поглед со една надеж, таа неопходна состојка на животот, за нов агол, нов почеток. Впрочем, 2023 година ја означија геополитичките тензии во светот и продолжувањето на уназадувањето во сите аспекти дома, во Македонија.
Корона-кризата како со пресек со нож им го отстапи местото на геополитичките тензии, кои може веќе да се наречат студена војна 2. Веројатноста за поголем геополитички инцидент, за што почна да се говори во 2020 година, се сметаше дека е намалена од кризата на политичките институции во САД, но дефинитивно се одложи поради вниманието и ресурсите што сите влади мораа да ги посветат на ковид-19. Или, пак, неславното повлекување од Авганистан, или крајот на американскиот интервенционизам, кој започна со војната во Авганистан, а продолжи со Ирак, Сирија и со Либија, и фијаското во поствоеното градење на државите што сигурно го намалува апетитот за војни на Западот беа погрешно протолкувани од Русија како момент на слабост на Западот и можност за агресија врз Украина?
Што е студена војна? Студената војна беше период на геополитичка тензија меѓу САД и СССР и нивните соодветни сојузници, НАТО и Варшавскиот пакт, помеѓу 1945 и 1991 година. Се користи терминот студена војна затоа што немало големи борби директно меѓу двете суперсили, но секоја од нив ги поддржувала спротивставените страни во големите регионални конфликти – прокси-војни.
Конфликтот беше заснован на идеолошката и геополитичката борба за глобално влијание од страна на овие две суперсили. Карактеристики се трката за нуклеарно вооружување и конвенционалното воено распоредување, борбата за доминација изразена со психолошка војна, пропагандни кампањи, шпионажа, далекосежни ембарга, спортска дипломатија и технолошки натпревари како вселенската трка. Студената војна кулминира во 60-тите години од 20 век, а почна да деескалира во 70-тите со Хелсиншкиот акт и формирањето на КБСЕ, денешно ОБСЕ.
Зошто студена војна 2? Доколку првата студена војна беше меѓу првиот свет – либералните демократии, и вториот свет – комунистичките земји сојузници на СССР, а сите другите беа во третиот свет или Движењето на неврзаните, кои се блоковите денес? Во студената војна 2 нема јасно дефинирани блокови иако како и претходно има три групации. Првата е Западот или претходно првиот свет, земји со либерални демократии предводени од САД и најголем дел членки на НАТО. Втората е драгонбеар („Dragonbear“), змејот мечка, или Кина и Русија, која е повеќе геостратегиска координација, на која се приближуваат Иран и Северна Кореја. Овој блок идеолошки не е компактен, се карактеризира со илиберална автократија. И поранешниот трет свет сега се нарекува глобален југ. Змејот мечка, Кина – Русија, се обидува да ги привлече земјите на глобалниот југ преку БРИКС.
Значи блокови има, а ги има и другите карактеристики на студена војна: психолошка војна, ембарга итн. Секако има и големи регионални конфликти каде што двата блока се судираат. Војната во Украина е влезена во втората година и, за жал, има тренд да стане долгогодишна војна поради затворената безбедносна спирала. Доколку Русија започна со војната поради проширувањето на НАТО до руските граници, сега Институтот за проучување на војната го користи обратниот аргумент, дека со победата на Русија во Украина, Русија ќе се приближи до НАТО. Вториот регионален конфликт е израелско-палестинскиот, кој се прошири во Црвено Море, со значаен ризик да ги вовлече САД во голема блискоисточна војна. Секако има и војни што не го привлекуваат вниманието, како таа во Судан, каде што веќе има десетина илјади погинати. Има показатели дека во војната во Судан – гола војна за ресурси меѓу две фракции на војската, се вклучени Вагнер и Украина, секако на двете спротивставени страни. Во сенка на регионалните конфликти остана непродолжувањето на сите договори и за контрола на вооружувањето, и на нуклеарното и на конвенционалното, кои беа резултат на детантот како крај на Студената војна. Ова условно создава услови за нова трка во наоружувањето и повторно трупање војска и оружје во Европа. Тоа потсетува на мрачните времиња од светските војни во Европа.
На позитивната страна, под влијание на Кина и Русија, војната во Сирија е во примирје, со враќање на Сирија во Арапската лига. Во истата рамка се случи приближување меѓу Иран и Саудиска Арабија, што овозможи примирје во Јемен. А Балканот? Како што напишав во претходниот коментар „За првпат ЕУ“, треба да ни олесни што не сме дел од историскиот самит на ЕУ, затоа што условот за спомнување е „агресивна војна“ и „поткопување на демократијата“. Конечно можеме да здивнеме, во Македонија и на Балканот веќе нема „испишување историја“ и „поткопување на демократијата“. Тоа е поврзано со втората порака, Русија не е реална закана за Балканот! Балканот е со решен геополитички статус – припаѓа на ЕУ и НАТО. И затоа може да се стрпи, а во меѓувреме тука е „планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“.
Доколку Македонија може да здивне донекаде во овие геополитички поместувања, домашната состојба не остава простор за спокој, поради неспособноста и корупцијата, во размери невидени досега, кои ги разградуваат сите институции. Погрешната насока во која ДУИ и СДСМ ја водат Македонија имаме можност да ја смениме во пролетта 2024 година! Среќна нова 2024!
Авторот е аналитичар #2023
Блог www.megjutoa.mк @sklek