Добрососедството по „европејски“ – опасност за опстанок на државата

Банална вистина е дека личниот интерес на секоја земја е најважен; тоа е баналност бидејќи самото постоење на независна држава подразбира суверенитет, а крајната должност на суверенитетот е самоодржување, па оттука и личен интерес. Каков е личниот интерес на Македонија со потпишувањето на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедство со Бугарија? Дали станува збор за изворен интерес на државата или за интерес диригиран однадвор?

Сликите од отворањето на македонскиот клуб во Благоевград е сликата на добрососедство на две држави по моделот на несудениот нобеловец од Муртино, Заев. Неговите визионерски зборови дека „градејќи пријателство со соседите, изградивме пријателствa со меѓународната заедница“ и дека со вакви пријателски чекори ѝ се отворија европските перспективи на Македонија стануваат реалност само во неговата глава и во главите на неговите лоботомирани следбеници. Пред ваквото визионерство на Заев бледнеат зборовите на Лордот Палмерстон дека „државите немаат вечни сојузници и немаат вечни непријатели, туку она што е вечно тоа се интересите и наша должност е да ги следиме“. Одамна сме држава што нема интереси што ги следи во надворешните односи, туку својата надворешна политика ја обликува според интересите на другите, па затоа и безвременски и безумно звучат зборовите на Заев без никаква реална содржина и вообичаена практика во дипломатскиот свет.
Во држава на „селски“ интелектуализам и политика на „далечинско“ тешко е да објасниш дали односите меѓу државите можат да се окарактеризираат како вистинско пријателство што само по себе претставува цел. Вашите зборови и аргументи пред визијата за пријателство и добрососедство на Заев. Предизвик од планетарни размери. Но да се обидам. Велат дека вистинското пријателство меѓу поединците се заснова на силните чувства што ги имаат еден за друг, чувства опишани од Аристотел и од Кант како еден вид љубов. Без емоции, пријателството од вредност станува бесмислено, бидејќи е дефинирано во овие термини. Кога станува збор за државите, постојано сме информирани дека нема пријатели… само интереси.

Тоа е така зашто изворот на проблемот на пријателство во меѓународниот систем лежи во концепцијата на државата како автономен ентитет, каде што акцентот се става на прашањето на нејзиниот опстанок. Со други зборови, врвна цел на државата е да ги унапреди материјалните потреби на нејзините граѓаните во форма на лична и национална заштита, економско богатство, еколошка безбедност и многу повеќе. Врамувањето на меѓународната арена како место каде што државите ги исполнуваат функционалните улоги, веројатно, претставува дополнителна сериозна пречка со која се соочува пријателството во меѓународните односи. Државата како посебен ентитет треба да им ги обезбеди материјалните потреби (безбедност, благосостојба) на своите членови, па затоа дејствува на основа на логиката Raison d’Etat. Токму тоа е целта на нејзиното постоење. Затоа, развојот на колективната перцепција дека прифаќањето на институцијата на пријателството како релевантна во односите меѓу државите нема да се појави во блиска иднина. Освен во односите на нашата држава со соседите. Пријателство какво што „мали Ѓокица“ го замислил за себе, а го проектира за еден цел народ. И оди потоа објасни му го ова на необразован човек кому му довериле да води држава. На човек што ништо не му фали, што имал малку часови во школо. Можеби нему не му фали, но гледам дека на државата ѝ фали. И тоа многу.

Банална вистина е дека личниот интерес на секоја земја е најважен; тоа е баналност бидејќи самото постоење на независна држава подразбира суверенитет, а крајната должност на суверенитетот е самоодржување, па оттука и личен интерес. Каков е личниот интерес на Македонија со потпишувањето на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедство со Бугарија? Дали станува збор за изворен интерес на државата или за интерес диригиран однадвор? Дали вештачки креираните пријателства со нашите соседи се корисни? Дали е ова прашање што вреди да се постави или ризикуваме да ги замениме емоциите за анализа, чувствата за интереси, да испитаме што сакаме наместо што функционира? Во нашиот случај ништо не функционира. Во основа, пријателството значи обезбедување нешто вредно без никакви отстапки или очекувања за реципроцитет или плаќање. Дали некој виде дека постои долгорочна рамнотежа на интересите во договорите за добрососедство со нашите соседи? Јас не. Пријателството што го креира Заев како визија за нашата иднина е пазарење со националните интереси за имагинарна цел.

Всушност, зарем можеше да се очекува да се да развие пријателство во регион оптоварен со историја на поделби и одрекувања на вашето постоење. Основниот наш проблем во разбирањето на пријателството меѓу државите во меѓународниот систем е заробеноста на државата и народот во апсолутистичките позиции на една сервилна политика. Се надевам дека народот може да види дека пријателството не е титула што треба да се додели, туку статус што треба да се стекне. Ако со отстапки по цена на газење на националните интереси барате да ве сметаат за пријателска држава, тоа е мошне силен показател дека Владата нема концепт на пријателство. Затоа не ги гледа патоказите во северниот дел на Грција и не го гледа македонското малцинство во Грција и во Бугарија. Ги гледа само таблите на прекрстениот автопат „Пријателство“, кој е полн со дупки и опасен за возење како што и пријателството на Заев со нашите соседи е опасно по опстанокот на нашата држава.