Сигурно не е случајно што пред неколку дена еден колега ми ја испрати книгата на Алберт Меми насловена „Колонизаторот и колонизираниот“ (во електронска верзија, секако). И нему му е прекуглава, како и на мнозина други! Се препознаваме себеси во другите, несреќните, згазените. За оние што не знаат, станува збор за брилијантна книга од постар датум во која овој автор од туниско-еврејско потекло пишува за нешто што во 50-тите и 60-тите години на минатиот век било особено актуелно, во ерата на антиколонизаторската борба за национално ослободување на многу поробени нации низ светот. Во подоцнежна книга на слична тема („Деколонизацијата и деколонизираните“, 2006 година), Меми ќе додаде значајно дополнение на овој однос, во свет што само малку се изменил од времето на пишувањето на првата книга (од 1957 година, две години пред да се родам). Според него, страдањата во бившите колонии не може да им се припишат само на бившите колонијални сили туку и на корумпираните лидери и влади, кои по напуштањето на колонизаторите ги управувале/управуваат новите држави. И, секако, Меми е само еден од мнозината брилијантни умови што го елаборираат и феноменот на неоколонијализмот.
Следејќи ја ситуацијата во Газа, почнав редовно да ја следам Најла Саид, ќерката на славниот Едвард, генијалниот професор на универзитетот „Колумбија“ и таткото на деконструкцијата на „ориентализмот“. И не само поради добиената книга на Меми туку и поради сета несреќна ситуација од која и ние не сме далеку, ме фати носталгија и потреба пак да му се вратам и на Едвард. Некако, речиси во исто време, деновиве „Македонски манифест“ ја одбележа својата 15-годишнина, меѓу другото, и со промоција на зборникот на трудови во кој учествував и јас. Знаете ли кој е насловот на мојот труд? Не толку далеку од Меми и Саид (иако не со нивната генијалност), се одлучив да пишувам за „Македонија како заложник на компрадорските елити“, прашувајќи се „има ли излез од безизлезот?“.
Да, погодувате, наместо стандардното опишување на „македонцките работи“ и кукање над несреќите што ни се случиле, одлучив да пишувам за оние што нè управуваат во име на туѓи интереси. Со други зборови, сакав да кажам дека не се виновни само колонизаторите (да бидеме начисто, сите бивши колонијални сили сега носат ЕУ-одори и страдаат од амнезија не сеќавајќи се на сите зла што ги сториле каде што нивната сабја сечела и нога газела); вината треба да ја најдеме овде, под носот ни е, бидејќи не само што смрди, туку „корне“ (што би рекол народот). Нам не би ни се случила ни половина од агонијата низ која живееме изминатите триесетина години да не беа компрадорските елити вкоренети од политичката сфера, до бизнисот, медиумите, па и академската заедница.
И токму додека се мислев за што да пишувам (циркусот на полумртвиот ОБСЕ не заслужува уште една колумна), го видов ТВ-интервјуто на холандскиот амбасадор за МТВ. На прв поглед, ќе ви се причини дека човекот е во право кога толку жестоко ги критикува корумпираните елити, кои постојано наоѓаат изговори за неисполнетите реформи и ветувања, на моменти ви доаѓа да му аплаудирате и да му кажете: браво, убаво им кажа! Но веќе во вториот миг (освен ако не сте дел од слепо вљубените во колонизаторите од ЕУ) ќе се сетите дека ние нашиот суверенитет (да, оној народниот, заедно со државниот) им го положивме на олтарот на божеството ЕУ уште пред дваесетина години ако не и порано. Но амбасадорот нема ни желба ни волја да се враќа во минатото (ни нивно, ни наше). Ни вели: сами сте си виновни! Видете дека земјата сте си ја направиле депонија! Видете го неспособното судство! Не умеете ни контролори за летање да изберете (дури и по цена на опасност по животите) без татини и мамини деца и „врски“. Само ги трошите нашите пари и трпение. Итн. Да не набројувам…
И тогаш, ако сте задржале макар и малку здрав разум, ќе се сетите кој ни ги избира и благословува владите, кој ни наметнува и пишува уставни амандмани, кој воведе етнизиран систем во кој критиката за корупција, непотизам и башибозук се смета за говор на омраза. Кој е вистинскиот владетел во овој протекторат? Кому му пишуваат писма интелектуалците или невладините организации? Од кого чека благосостојба овој сиромашен народ? Кој му е месија и каде му е седиштето? Не, не! Не може така! Стејтбилдерите (градителите на оваа држава на гнили темели и испревртени принципи што важат за нас некадарните, а не и за нив фините) носат одговорност, а некои од нас и се сеќаваат и знаат дека е до системот (it’s the system, stupid), а не до поединците. Создаваш „елита“, компрадорска, која ти се поклонува и на часовите по геополитика поминува со „чиста петка“, а за малите марифетлуци им гледаш низ прсти затоа што се корисни.
Одржуваат баланс на силите, ти ја бранат идеологијата небаре е религија и администрираат со територијата и народот што Западот ги смета за свои. Корумпираните Алија, Бујари и Тачиња, исто како и Заеви и слични се нивен производ; впрочем, амбасадоров пред четири години мислел дека сме на одличен пат. А О’Браен, специјалниот претставник на САД за Европа, смета дека со Охридскиот договор сме поставиле темели на граѓанско општество наместо на етникуми. Ах, Орвеле, Орвеле! Или овие користат новоговор или се глупави (најверојатно нас нè сметаат за такви).
И во текот на интервјуто, доаѓа клучниот момент: што да се прави (не, не во Ленинова смисла, туку во капиталистичко-либерална)? „Генијалецот“ амбасадор дава не совет, туку дијагноза и ни вели: треба да го смените менталитетот! Тоа е колонизаторот од/во него, од некој негов дедо, прадедо, кој гордо се издигнува над колонизираните бедници и примитивци и им подвикнува дека се недостојни затоа што немаат европски менталитет! Не би верувале, ама и во нашата академска заедница има луѓе што веруваат дека сè е до менталитетот. Ајде сега да не ве заморувам со расправа за тоа што е менталитет, туку само ќе ви цитирам како е тој дефиниран во Толковниот речник на македонскиот народ (достапен на интернет): „Менталитет – збир од душевни особини и склоности на еден човек или на определена човечка заедница“. Се разбира, колегите лингвисти го употребиле значењето на овој збор што се протега во различни јазички контексти. Оксфордскиот речник ќе објасни дека зборот често се употребува во негативна/погрдна смисла, но исто така означува 1) карактеристичен начин на размислување на поединци или групи и 2) способност за интелигентно размислување. Не сум социјален/политички психолог, но целата теза за менталитетот како збир на душевни особини на цели популации, без да се има предвид социјалниот контекст во кој живее/ла таа група или поединец, ми е просто – расистичка! Тие западњаци, кои се колнат и крстат во индивидуализмот, во слободата и моќта на поединецот (а не на колективот), нас нè третираат низ колективистички призми. Ајде, нека ми каже амбасадорот, како тоа се менува менталитет? Има некој метод во рок од две-три години да смениш менталитет на народ? Лоботомија веќе ни направија, изигруваме магариња и мајмуни, веќе не се почитуваме себеси од срам и од беда. Нешто друго од репертоарот на дедо му колонизатор може да најде?
Некоја нова форма на mission civilisatrice! Да биде иронијата поголема, овој господин доаѓа од земја во која на неодамнешните избори победи крајната десница и сега се чудат што да прават! Напреднаа толку што од централнодесничарска влада (на овде омилениот Руте) стигна до победа на крајната десница на Герт Вилдерс. Не си го гледаат својот „менталитет“, т.е. збирот на психички и душевни одлики на обичниот граѓанин, кој од десно оди уште подесно. Вистина е дека ние избираме меѓу западни прислужници и корумпирани шутраци, ама досега кај нас не само што не победила крајна десница (фашисти и исламофоби) туку таква организирана сила и нема.
Да заклучам: во времето пред да се родам гинеле луѓе за слобода и за своја држава (гинат и денес во Палестина) и се бореле токму против овие што сега ни бараат промена не само на име и презиме туку и на менталитет. Ни набиваат комплекс на инфериорност луѓе за кои еден Заев или Ковачевски се персони (кога ги носат на власт)! Не, драги мои, јас не ја прифаќам вината за она што го сториле божемни власти во еден протекторат, во една новокомпонирана колонија, која не може ни да дише без нивна дозвола. Тие кумуваат на ребрендирање терористи, на благословување „револуции“, создавање коалиции итн. И кога ќе тргне удолу колата (во која вложиле и пари), тогаш е крив нашиот менталитет!? Пази богати! А дека умот не им доаѓа се слушна и во пораката не само на холандскиот амбасадор (му го заборавам името), кој рече дека сме си играле со оган (sic!), туку и во пораката на О’Браен, кој отворено ѝ порача на јавноста да пази за кого гласа. Што значи таквиот став, ако не поддршка за т.н. проевропски фронт? Што значи тоа ако не поддршка за овие иако се неранимајковци, тие се „наши неранимајковци“ (т.е. нивни). Во стилот на Френклин Рузвелт за никарагванскиот диктатор Сомоза: he may be a son of a bitch, but he’s our son of a bitch! Така да знаете: сè додека гласаме и избираме меѓу ликови што немаат м**а, ќе живееме со живот на колонизирани или клонизирани.