Од строго човечка и морална перспектива нема војна со победници. Тој чин, со самиот миг кога започнал, веќе е загуба на човечкото во човештвото. Но и покрај ова сознание, теоретичарите и социјалните инженери прават пресметки за исходите од војната и кој ќе победи и кој ќе загуби. Од таа перспектива, според мене, едно е извесно – независно од исходот на оваа војна, независно дали „Путин ќе изгуби“ или „ќе победи“, ова е чин со историски импликации како за Русија, така и за западноевропската цивилизација и за англосаксонската доминација. Денес за импликациите по Русија.
Лично сметам дека во една среднорочна перспектива, Русија и Путин се губитници; независно дали ќе ја добијат или загубат оваа војна. На среден рок, во двете сценарија, чинам, тие се губитници. Во сценариото да ја добијат војната, ги очекуваат следните проблеми. Прво, ако ја добијат војната – со кого и со што „ќе владеат“ во Украина? И особено, по ова – како ќе владеат? Со овој чин, Русите го направија она што Западот се обидуваше со децении – не само да го „дозавршат“ процесот на националното профилирање на Украинците како засебна нација туку и да ја профилираат како нација противник на Русија, засекогаш! Да ги платеа САД за ова Русите, не требаше да го направат! Русите ги забрзаа историските процеси во Украина до точка на неповрат. Во второто сценарио на евентуална победа, тие исто така се во незавидна позиција.
Имено, сценарио на територијално цела Украина, а со проруска власт е невозможно! – кој по овој чин би бил „пријателски“ режим на Москва? Дури и да се нафати некој проруски режим да биде инсталиран од Москва, ќе биде невозможно да владее со тамошниот народ по ова. Од друга страна, пак, со територијално поделена Украина, макар и до Днепар, макар и ја отсекле целосно Украина од Црно Море, до Одеса, сепак, на својата западна граница, Русите повторно ќе имаат, овој пат, уште понепријателска земја, која сега дополнително ќе има мотиви да ги врати загубените територии, а Западот мотивација да ги охрабрува и помага (економски и воено) во тоа. На својата западна граница имаат поголем проблем од тој што го имаа до вчера. Всушност, најголем досега!
Единствената варијанта на која „типувам“ дека ја посакуваат во Москва е федерализирана Украина со Истокот, проруски, и Западот, украински. Ако се прават политички калкулации во Москва, за „денот потоа“, веројатно тоа е калкулацијата со најголемата добивка за нив. Украина како федерализирана држава на проруски и прозападен дел – веројатно тоа е политичкото сценарио што се крои во Москва. И пред овој конфликт, истокот и југоистокот на Украина беа населени или со доминантно етнички Руси, или русофони и русофили. Тоа е делот што ќе сакаат Русите да го издвојат како посебна федерална единица, со што, од една страна, ќе имаат можност долгорочно да го заштитат тамошното население од „азовците“, а од друга страна, непосредно на своите западни граници ќе имаат стабилен регион. А федерализацијата, од друга страна, ќе значи и можност да прават баланс во федерацијата. Но во конфликт секогаш има две страни – за ваквото најповолно сценарио не се прашува само Русија. Се прашува и втората страна. Во случајов, тоа не е Украина, туку САД. А нивната цел не е стабилна источна граница на Русија, дури и можеби уште повеќе, нивната цел – со оглед на милијардите долари во оружје истурени за „поддршка“ на Украина – е нов Авганистан за Русите. Вовлекувањето на Русија во една долга, мачна и исцрпувачка војна е посакуваното сценарио за Западот. Веќе се слуша ехото од таму: Киев ќе биде новиот Сталинград за Москва.
А што со второто сценарио – ако ја загубат војната? Ако ја изгубат војната, секако, не треба да ги калкулираме импликациите по Русија и Русите. Тие со овој акт на агресија, веќе во истиот миг успеаја да го преземат историскиот грев од нацистичка Европа и да се промовираат во „другото“ на Европа, во епитомизација на „злото“! Конечно, злото и непријателот повторно се пронајдени во лицето на Русија. Затоа што политичкото, во својата наједноставна манифестација, функционира токму на таа речиси манихејска подвоеност на добри и зли. Победниците во секоја војна не само што се на светлата страна на историјата туку со тоа што биле на победничката страна на историјата се квалификуваат да бидат и чисто олицетворение на доброто, носители на демократијата и правдата и бранители на сите човекови вредности и достигнувања… епитомизација на сушто добро!
Така било отсекогаш во историјата – прочитајте говори од античките оратори и војсководци против Александар Македонски и ќе видите дека тој бил најголемиот сатрап, демон, варварин… зло per se! Секоја доминантна идеологија што го диктира дискурсот, го сатанизира „другиот“ во таква симплифицирана манихејска подвоеност. Едноставно, тоа е механизмот на политичкото владеење со масите. Германија по Втората светска војна не смееше ни да помисли да ги зголемува своите воени капацитети, а по руската интервенција не само што го зголеми воениот буџет туку како едвај да чекаше да се ослободи од својата историска вина. Тргањето на тоа огромно историско бреме од германските плеќи е заслуга на Путин, за која треба да му бидат вечно благодарни. Така што, нема потреба да ги разгледуваме импликациите во сценарио ако Русија ја изгуби оваа војна – тие се очигледни. Да не зборуваме за геополитичките импликации, за внатрешнополитичката и економската состојба, ако Путин ја загуби оваа војна! Русија веќе сега е турната во прегратките на Кина. По повлекувањето на западните компании од Русија, голем дел од дупките во тие напуштени индустриски гранки веќе се подготвуваат да заземат кинески компании. Евроазискиот пат на Русија, за што зборувавме во минатите колумни, со оваа војна се претвора исклучиво во „азиски“ пат, Русија не ја замислуваше својата евроазиска самодоволност како азиска, туку како европска и азиска, т.е. како доминација во Централна Азија и во Источна Европа. Уште повеќе, идејата на Русија со оваа интервенција секако не беше да ѝ стане „роб“ на Кина. Веќе во овој историски момент, односот Кина – Русија во голема мера е диспаритетен, во полза на Кина.
Од БДП, па до воените потенцијали, во овој миг Кина е веќе на, но и над нивото на Русија. Да не зборуваме за огромните, но празни југоисточни руски пространства што веќе се пополнуваат со Кинези. Затоа, долгорочно погледнато, Кина не е „најголем проблем“ само за САД, туку првенствено за Русија, а со ова „фрлање во прегратки“ на Кина, таа ја забрза потребата од решавање на тој проблем, за кој во овој момент нема сила да го реши, а тешко дека ќе има и во блиска иднина.
Во следната колумна ќе се обидеме да го видиме грдото лице на Западот, т.е. ќе ги разгледаме импликациите за западната цивилизација, за англосаксонската доминација генерално. Особено во ова светло а пропо Русија и исходите од војната. Чинам дека Русија и Путин влегоа во ова имајќи ги предвид исходите во еден многу поширок контекст.
Но пред да го разгледам тој контекст во следната колумна, на крајот тука ќе ја изразам мојата интуиција: чинам дека Путин можеби малку се прецени кога почувствува дека сега е историскиот момент да го превагне тасот на историјата и да ја заврши ерата на доминација на Западот!? Но тоа е, сепак, тема за нова колумна. Но во оваа пригода мора да се признае дека дури и сега да не „заврши историјата“ на Западот, со овој чин се постави сцената. Оваа војна во неколку аспекти го откри „грдото лице“ не само на Русија туку и на Западот, Европа и САД, и тоа во неколку клучни аспекти! Грдото лице на Русија и импликациите по неа во каков било исход од војнава ги видовме. Во следната колумна ќе ги видиме импликациите за Западот, затоа што независно што оваа војна ја води Русија, таа претставува своевидно огледало и за Западот, огледало и за неговото „грдо лице.“
Автор: Трајче Стојанов